Тажна вест задоцнета 22 години: Маги од ЕКВ починала 2002 година

Фото: Принтскрин видео Јутјуб

Вистиномер налетува на разни дезинформации и манипулации, па и на стари вести лажно претставени како нови, но ова е првпат да налета на вест задоцнета дури 22 години. Се работи за тажна вест за Маргита Стефановиќ-Маги (од југословенската рок група ЕКВ), која почина во 2002 г. Тоа во случајов е злоупотребено како мамка за кликови (англ. clickbait), со што медиумите си обезбедуваат читаност, која ја монетизираат

Вистиномер налетува на разни дезинформации и манипулации, па и на стари вести лажно претставени како нови, но ова е првпат да налета на вест задоцнета дури 22 години. Се работи за тажна вест за Маргита Стефановиќ-Маги (од југословенската рок група ЕКВ), која почина во 2002 г. Тоа во случајов е злоупотребено како мамка за кликови (англ. clickbait), со што медиумите си обезбедуваат читаност, која ја монетизираат

 

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук е споделен линк до статија на еден македонски веб-сајт, а тоа е илустрирано со траурна слика (со свеќа и темна позадина), врз која е додаден натписот:

ТАЖНА ВЕСТ

Потполно истата содржина ја има и во други објави на Фејсбук, зад кои најверојатно стои еден ист автор, само тоа е претставено како да е објавувано од различни медиуми, т.е. тој отворил Фејсбук-страници од името на повеќе медиуми. Линкови до тие клонови: тука, тука, тука и тука.

Како што е познато, натписот „Тажна вест“ се користи во некролози, кои известуваат дека некој неодамна починал, но во случајов тоа е личност, која починала пред дури 22 години. Таквa содржина нема смисла ако личноста е одамна почината, освен ако не се работи за мистериозно убиство, кое е дури сега разоткриено, но такво нешто во случајов нема.

Начинот на кој таа тажна вест е презентирана на Фејсбук создава лажен впечаток дека таа е актуелна (т.е. новост), па тоа ќе ве заинтригира да го отворите линкот споделен во објавата. Но, откако ќе го сторите тоа, во статијата на сајтот е уредно наведено дека тажниот настан се случил во 2002 г., со што фактички се признава дека сте биле изманипулирани.

Тоа е т.н.. мамка за кликови (англ. clickbait), со која сомнителни медиуми си обезбедуваат читаност, која некако ја монетизираат, при што особено профитабилни се тажните вести, затоа што тие допираат до емоциите или љубопитноста на читателите.

Со таа љубопитност се манипулира така што објавата на Фејсбук сензационалистички ќе го опише покојникот, но без да му го открие името, што ќе ве натера да кликнете на споделениот линк за подетални информации. Тоа е така и во овој случај, што се гледа од кусиот вовед (teaser) додаден во објавата:

БЕШЕ ИКОНА НА ЈУГОСЛОВЕНСКИОТ РОК, почина сама како бездомник

Отсуството на какво било име во објавата покажува незаинтересираност на нејзиниот автор за ликот и делото на покојничката, а нему му е битен само ловот на кликови. Доколку е тоа сериозен новинарски труд, авторот сигурно би нагласил на кого тој труд се однесува, особено ако е тоа славна личност.

Дури откако ќе ја отвориме статијата на сајтот ние сфаќаме дека таа говори за Маргита Стефановиќ-Маги, клавијатуристката на југословенската рок група Екатарина Велика (накусо: ЕКВ), која починала на 18.9.2002 г. Медиумите своевремено известиле за тоа, па тоа е одамна завршена работа, а тие можат да ѝ се навраќаат (за годишнини и сл.), но тоа не може пак да биде обележано како тажна вест.

Инаку, статијата за која говориме е плагијат на хрватска статија по повод 18-годишнината од смртта на Маги. Фактички, преземен е хрватски текст и искористен за 22-годишнината, која беше неодамна одбележана. Тоа се гледа од следниве цитати:

На хрватски:

Odlazak Crne princeze, kako su tu ikonu novog vala i rock glazbe osamdesetih prozvali obožavatelji i glazbeni kritičari, bio je tragičan – skončala je napuštena i zaboravljena od svih.

На македонски:

Заминувањето на Црната принцеза, како што оваа икона на новиот бран и на рок музиката во осумдесеттите години ја нарекуваа фановите и музичките критичари, беше трагично – напуштена и заборавена од сите.

Тоа копирање сведочи дека мотивот тука е само нечесната заработка, а не искрената желба за бавење со новинарство.

На сликата во објавата на Фејсбук е додадено и знамето на Северна Македонија, што е потполно бесмислено. Маги не била од С. Македонија.

Она што е јасно е дека објавата премолчува факти, доведувајќи ја со тоа јавноста во заблуда, па оценуваме дека објавата страда од недостаток на контекст.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција