Технологијата не може да чита или манипулира човечки мисли

Илустрација за Паметен град Фото: Capankajsmilyo, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Нема докази дека постои систем за масовна контрола на умот преку 5Г, електромагнетни бранови, „паметни градови“ или вештачка интелигенција.

Објавата што ја анализираме е мешавина од реални историски настани и постоечки технологии, но ги комбинира со непотврдени и научно неосновани тврдења. Нема докази дека постои систем за масовна контрола на умот преку 5Г, електромагнетни бранови, „паметни градови“ или вештачка интелигенција. Овие тврдења припаѓаат на теории на заговор, а не на потврдена наука

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

“БЕЗБЕДЕН ГРАД” од проектот “ПАМЕТНИ ГРАДОВИ” И КОНТРОЛА НА УМОТ

Случајно, ако извршите самоубиство, или убиство, ќе се чудат комшиите, абе мирен човек/жена беше, што му стана наеднаш лелеее, е па да си знаете дека не се само камерите има и ЕМфрекфенции, РФ… кои ќе ви го сменат, модифицират поведението, ритамот на спиење, емоции, агресија, интелегенција, концентрација, читање и пишување мисли…

Новиот „MKULTRA проект“ на DARPA и ЦИА, измешан со вештачка интелигенција и изградба на паметни градови, за да се вклучи целосна мрежа на контрола врз населението.

Се прашувате зошто ја започнуваат инфраструктурата за паметни градови низ целиот свет. „Minority Report“ не беше само филм. Тоа беше предупредување за работите што доаѓаат.

Мрежа на контрола што не само што може да ги следи вашите финансии и да ви ја одземе приватноста со безбедносни камери, туку технологија што буквално може да предизвика емоции и однесувања и да чита и пишува мисли во реално време, целосно од далечина.

Преку електромагнетно зрачење, радиофреквенција, екстремно ниска фреквенција, светлосна технологија, 5G, вештачка интелигенција, паметна технологија за носење, како безжични слушалки и паметни часовници што ги мерат промените во протокот на крв итн., постојат повеќе технологии на кои тие работат од крајот на 1950-тите, а кои веќе ги совладале, до нова технологија што сега вклучува вештачка интелигенција што може да прави работи што некогаш изгледаа невозможни или научна фантастика.

Технологијата е веќе тука и тие веќе тивко донесуваат закони во обид да ја заштитат буквално приватноста на вашиот мозок. Колорадо беше првата држава што воведе такво законодавство. Светскиот економски форум, исто така, опширно зборуваше за ова.

Ова не само што им дозволува на владите и разузнавачките агенции да ве шпионираат или контролираат, туку важи и за големите технолошки компании, терајќи ве да чувствувате специфична емоција кога ќе прочитате одредена политичка статија или ќе имплантирате импулс да купите нешто, па дури и да направите нешто злокобно. Ова се новите системи на контрола што ги спроведуваат врз нас.

Звучи нереално, но реалноста е дека веќе е тука и се користи врз вас, а вие дури и не сте свесни за тоа.

Објавата изнесува тврдења кои немаат никаква научна основа, на пример, како што e она дека владите и технолошките компании преку 5Г, електромагнетни бранови, паметни уреди и „паметни градови“ можат да читаат мисли, да предизвикуваат емоции или да контролираат човечко однесување.

Исто така, објавата сугерира постоење на „нов MKULTRA проект“ на ЦИА и DARPA, комбиниран со вештачка интелигенција и инфраструктура за паметни градови, со цел масовна контрола на населението.

Проектот MK-ULTRA навистина постоел во САД во 1950-тите и 1960-тите, кога ЦИА спроведувала неетички експерименти со дроги и психолошки техники. Сепак, програмата е прекината, а истрагите покажале дека не била успешна во создавање вистинска контрола на човечкиот ум.

Нема кредибилни докази дека постои современа верзија со технолошки капацитет за далечинско влијание врз мислите.

Понатаму, не е точно дека владите преку 5Г технологијата управува со човечките мозоци. Оваа технологија користи нејонизирачко електромагнетно зрачење, кое според физиката нема доволно енергија да влијае на мозочните клетки, мисловните процеси или однесувањето.

Светската здравствена организација (СЗО) и повеќе големи научни анализи потврдуваат дека нема докази за поврзаност меѓу мобилните мрежи и ментална или невролошка контрола.

За 5Г технологијата досега имало многу теории на заговор за што Вистиномер веќе има пишувано.

Понатаму, објавата без никакви докази се тврди дека електромагнетните бранови можат да „читаат“ или „пишуваат“ мисли. Нема научен механизам што овозможува далечинско читање мисли, внесување мисли или манипулација на интелигенција или емоции

Единствени технологии што можат да регистрираат мозочни сигнали се медицински уреди што мора физички да бидат прикачени на главата или имплантирани, и тоа со согласност на пациентот.

Значи, нема технологија што може далечински да чита мисли. Научниот консензус е дека мозочните сигнали се екстремно слаби – тие бараат сензори во директен физички контакт со главата или мозокот, не можат да се детектираат преку воздух од далечина. Ова е потврдено преку децении невронаучни истражувања и клиничка пракса.

Што се однесува на „паметните градови“, нема докази дека овие системи имаат способност за ментална контрола или манипулација на однесување. И за „паметните градови“ се врзуваат доста теории на заговор за што Вистиномер има пишувано во повеќе наврати.

Проектите за „паметни градови“ користат сензори и вештачка интелигенција за управување со сообраќај, намалување на загадувањето, енергетска ефикасност и јавна безбедност и инфраструктура, а не за контрола на населението како што тоа сака да го прикаже објавата која ја анализираме.

„Паметните градови“ се градови во кои услугите се во близина, го олеснуваат животот и им служат на граѓаните, вели креаторот на концептот, професорот Карлос Морено за Euronews Next.

Објавата и неосновано тврди дека паметните часовници и слушалки можат да влијаат на умот.  Факт е дека овие уреди можат да мерат пулс, движење и биометриски параметри, но не можат да читаат мисли, не можат да предизвикуваат емоции и не можат да контролираат однесување.

Истражување покажува дека паметните часовници не можат сигурно да детектираат стрес или ментални состојби, бидејќи мерат само физички сигнали (како пулс), а не мисли или емоции.

IEEE (Institute of Electrical and Electronics Engineers) наведува дека паметните часовници не можат да читаат ум, туку само приближно анализираат биометриски сигнали.

Блутут зрачењето е нејонизирачко и премногу слабо за биолошко влијание. Тоа работи со многу ниска моќност, далеку под безбедносните граници.

На крајот, во контекст на сето ова, објавата и погрешно тврди дека проектот „Безбеден град“ е дел од проектот „паметни градови“ за контрола на умот.

Како што веќе пишувавме, „Безбеден град“ нема никаква врска со некакви контроли на населението, со дигитално ропство, со сатанисти и слично. Системот „Безбеден град“, служи за поголема ефикасност, транспарентност и законито постапување. Сите технички алатки се користат строго по закон и под надзор, и како што се тврди од надлежните, без нарушување на приватноста. Дигиталната трансформација е механизам за подобра заштита на граѓаните, а не закана за нивната слобода.

Од сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е мешавина од реални историски настани и постоечки технологии, но ги комбинира со непотврдени и научно неосновани тврдења. Нема докази дека постои систем за масовна контрола на умот преку 5Г, електромагнетни бранови, „паметни градови“ или вештачка интелигенција. Овие тврдења припаѓаат на теории на заговор, а не на потврдена наука.

Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција