Текст од спротивната страна на вистината

www_alfa_mk_News_aspx_ID81665_VACplPmSx9u-crop-resize

[Рецензија: Студен туш за СДСМ од Берлин]

Материјалот со спинерски наслов: „Студен туш за СДСМ од Берлин“ манипулира со пораките од завршниот документ на Конференцијата за Западен Балкан што се одржа во Берлин. Поточно,  прилогот се фокусира на една од 18-те точки, или, попрецизно кажано, само на фрагмент од 11–от заклучок каде се споменува опозицијата. Но, ова парче погрешно се преведува. Сепак, видливо е дека не станува збор за тоа дека некој се „изгубил во преводот“, туку за наменска грешка со цел да се оцрни опозицијата.

А, што точно е наведено, може да се прочита  во оригиналниот документ , чиј  текст, преведен на македонски, го пренесоа дел од медиумите, а еден видео-портал преводот на Декларацијата го објави интегрално.

www_alfa_mk_News_aspx_ID=81665#_VACplPmSx9u

Линк до оригиналниот напис: Студен туш за СДСМ од Берлин

Датум и време на објавување: 29.08.2014, 17:37:14

Датум на рецензирање: 30.08.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ИЗВИТОПЕРЕНА ВИСТИНА

Материјалот се повикува на официјален документ – Декларацијата од Самитот во Берлин, меѓутоа, при преводот намерно се извртува поентата на кажаното.  Па, уште во првата реченица од текстот, која потоа се извелекува и во насловот, се прави тенденциозна конструкција дека од Конференцијата за Западен Балкан е испратена  остра порака до опозицијата:

 „Студен туш за СДСМ од  Самитот во Берлин“

Притоа, се тврди дека во Декларацијата е наведено:

“Во плурална демократија опозицијата треба да ја игра својата улога во парламентарни рамки и мора да сака да го стори тоа”

Меѓутоа, како што може да се види од преводот на оригиналниот документ во 11-та точка, всушност, се вели:

Во плуралната демократија, на опозицијата мора да ѝ биде овозможено да ја врши својата улога во рамките на парламентот и, исто така, мора да сака да го прави тоа. (In a pluralistic democracy, the opposition must also be able to play its role in the parliamentary framework, and it must also want to do so.)

Ова дава сосема поинаков контекст на  пораката  од Берлин  и јасно укажува на која адреса е упатена. Впрочем,  јавноста самата може да ја препознае вистината  и да процени кој се обидел да ја извитопери и да го замагли погледот пред нејзините очи.

 

СПИНЕРСКА МИСИЈА

Со ваквата само навидум мала непрецизност во преводот, всушност, свесно се пласира една невистинита информација. Истата формулација, инаку,  е употребена и во извештајот од  Самитот во Берлин  објавен на истиот медиум еден ден претходно (28.08.2014, 22:55:22). Така  што, несомнено дека  не станува збор за „лигвистичка грешка“, туку за пресметан политички спин.  Во таква спинерска мисија се ставени  и коментарите  од типот:

Јасна и недвосмислена порака за опозицијата од самитот во Берлин дека мора да се врати во Собранието

…пропаднаа сите обиди на опозиционерите да прикаже дека странскиот фактор, вклучувајќи ја и Германија стои зад нив и го оправдува потегот на социјалдемократите со бојкотот на законодавниот дом.

Дополнително „гарнирани“ со изјавата на  експертот, кој  (со сиот респект на неговото мислење), сепак, не може да се третира како независен. Напротив, впечаток е дека тој е вклучен во овој исклучително пристрасен прилог само за да ги засили критиките кон опозицијата. И во најмала рака прозвучува претенциозно кога неговиот став се претставува како оценка на целата експертска јавност! Тоа, сепак, е предимензионирање на форматот и значењето на експертот.

 

СПРОТИВНАТА СТРАНА НА ВИСТИНАТА

Наспроти ваквиот светоглед, за среќа има медиуми кои објективно ги пренесоа пораките од Берлин,  дадоа еден поинаков приказ на Самитот  и реално ја лоцираа адресата за тоа кој треба да ја научи лекцијата по демократија и добро владеење.

Но, не случајно, во материјалот што е предмет на оваа рецензија воопшто не се споменува дека  во завршната Декларација на земјите од регионот им е зададена домашна задача од 18 точки.  Има причини што во него нема ниту збор за тоа дека овие држави  во наредните четири години треба да направат дополнителен прогрес во реформските процеси, да ги интензивираат регионалната соработка и решавањето на билатералните прашања. Дека спорот со Грција „мора да се реши ургентно со подготвеност да се направи компромис од сите страни“, дека се бара јакнење на доброто владеење, плурализам во медиумите, независни синдикати, економија ослободена од политички влијанија, нулта толеранција за корупцијата и независност на судството.

Поентата на ваквиот пристап е да се пренасочи ударот кон опозицискиот двор. Па, затоа, кога ќе се погледне овој прилог, целосно скаран со професионализмот и принципите на етички исправното новинарство, се добива печаток дека клучната порака од Конференцијата за Западен Балкан била испратена до македонската опозиција! Иако ова е од спротивната страна на вистината.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција