Текст со хушкачки елементи
[Рецензија: Која е невладината „Цивил“?]
Членот 10 од Кодексот на новинарите е јасен:
„Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“
„Новинарскиот“ текст што го рецензираме ги прекршил речиси сите точки на препораките на овој член од новинарскиот кодекс. Текстот узурпира човекови права и слободи зашто проблематизира дека некој, или некоја организација, се бави токму со тие прашања; текстот „говори“ со јазикот на омразата и дискриминацијата: и, во него има неточни и нецелосни податоци во поврзани со проектот што за Советот за радиодифузија (СРД) го работел Џабир Дерала, првиот човек на „Цивил“, кој, всушност, е на сликата на оваа „новинарска потерница“.
Линк до оригиналниот напис: Која е невладината „Цивил“?
Датум и време на објавување: 27.04.2014, 12:56
Датум на рецензирање: 28.04.2014
Рецензент: Зоран Бојаровски
Текстот што го рецензираме нема ниту еден извор, со кој ќе го потврди обвинувањата и сугестиите дека „Цивил“ и Џабир Дерала се:
„…под контрола на СДСМ и марионета на најголемата опозициска партија, а финансирана со пари од СОРОС, но и од други организации.“
За волја на вистината има само еден извор, еден дневен весник, од кој се презема една информација сосема тенденциозно со тоа што поврзува и споредува два случаи кои немаат врска еден со друг. Еве како се прави тоа:
„Судот одлучил против СРД, затоа Дерала докажувал дека ја исполнил обврската, по што следувала жалба до Апелацискиот суд за враќање на парите. Kако и Чомовски, и Дерала побарал вонсудско решавање на проблемот, но од СРД велат дека нема откажување од судската постапка и за него. „Цивил“ и Дерала ги демантираа ваквите наводи.“
Тоа е едноставно неспоредливо. Како прво, двата случаи воопшто не се исти, а како второ, делот кој се однесува на Дерала е апсолутно проверлив. Иако и самиот медиум во последната реченица на цитираниот пасус укажува на тоа дека обвинувањата и судскиот епилог во првата инстанца не се во прилог на СРД, начинот на кој се „бои“ и контекстуализира тој случај има намера да создаде илузија дека Дерала не е чист.
Еднсотавната проверка и пребарување на интернет, сепка, дава една друга слика, односно ја дава и приказната на другата страна осуштествена во текстот и во насловот на тој текст во еден интернет портал: Џабир Дерала: Не должам јас, туку СРД ми должи 13.000 евра!
Целиот текст, објавен на изборниот ден, е пристрасен во прилог на една политичка партија и таа пристрасност воопшто не се ни крие, а членот 10 од Кодексот на новинарите, за медиумите што претендираат да бидат гласила на јавниот и плурален интерес, вели:
„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.“
Почнувајки од насловот до последната реченица овој текст е полн со коментари кои не се издвоени од објективниот новинарски јазик. Со тоа е прекршен членот 13 од Кодексот на новинарите:
„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.“
Се осмелуваме да напишеме дека овој текст има и дури хушкачки елементи. Прочитајте ја следната решеница од тој текст и уверете се сами:
„Предводник на оваа организација е Албанецот Џабир Дерала, кој под плаштот на борба за подобрување на малцинските права и стана познат на пошироката јавност.“
Што треба да предизвика тоа дека Дерала е Албанец?
Тоа е израз на хомофобија со елементи на говор на омраза:
„Кој е Џабир Дерала? Од заштитник на правата на Албанците до борец за правата на хомосексуалците, Џабир Дерала сега главна тупаница на најголемата опозициска партија во изборниот мониторинг.“
Вака конструиран говор, недвосмислено, сугерира уште нешто: читателот треба да креира став според принципот на напади ad hominem, кои по системот „хало ефект“ се користат за од една конструирана импресија да се изведуваат генерални и категорични заклучоци.
Токму затоа, мотивацијата за еден ваков текст отворено се препознава како уште еден во серијата ad hominem напади, односно „новинарски потерници“ против оние што мислат поинаку.
Ќе ја завршиме оваа рецензија со осмиот принцип од препораките на Центарот за добри практики во новинарството Пју од САД, во кој, меѓу другото се вели:
„Новинарството е како картографијата: тоа создава мапи кои на граѓаните им помагаат успешно да се снаоѓаат во општествените системи. „Дувањето” на настаните заради сензационализам, потценувањето на другите извори, стереотипизирањето и несоодветниот негативен став, не создаваат веродостојни мапи. Мапите треба да ги вклучат вестите за сите во заедницата, а не само за оние кои се демографски, или од некои други причини, доминантни. За да се постигне тоа, неопходна е и афирмацијата на различноста“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар