Темјанот не штити од коронавирус и по закон не смее да се користи во училиштата

На Фејсбук страницата „Опуштено“ осамна пост со кој се наведува јавноста дека темјанот штити од вируси, што во услови на пандемија со коронавирус може да се сфати дека темјанот штити и од Kовид-19. Ваквото тврдење е неточно и може да нанесе сериозни последици врз здравјето на луѓето

 

На Фејсбук страницата „Опуштено“ осамна пост со кој се наведува јавноста дека темјанот штити од вируси, што во услови на пандемија со коронавирус може да се сфати дека темјанот штити и од Kовид-19. Ваквото тврдење е неточно и може да нанесе сериозни последици врз здравјето на луѓето. Постот за многу кратко време има преку илјада прегледи, 160 споделувања и 120 коментари. Она што е особено загрижувачки е што коментарите под постот во огромен дел даваат поддршка на ваквата идеја.

Имено, објавената содржина со наслов „Каде што се пали темјан, таму вируси нема“ – Учителка од Нови Сад дошла до „хит идеја“ за почеток на часот, родителите во шок“, пренесува идеја на учителка од Србија, која им предложила на родителите на учениците секој ден пред почетокот на часовите во училницата да палат темјан и да ја кажуваат молитвата „Оче наш“, со цел да се заштитат од коронавирусот.

Ден пред училишното ѕвоно официјално да го најави стартот на новата школска година во Србија, учителката од Основното училиште „Иво Лола Рибар“ во Нови Сад им испратила предлог на родителите на своите ученици. Предлогот гласи вака:

„Дали се согласувате секојдневно пред почетокот на наставата да запалиме темјан во нашата училница и да ја изговориме молитвата Оче наш“ – пишува во Вибер групата на една паралелка од четврто одделение.

Под објавата е ставена и слика на која стои дека не постои вирус кој ќе преживее во куќата во која секојдневно се пали темјан, стои во споделениот напис.

Ваквата идеја е спорна од неколку аспекти.

Прво, темјанот во никој случај не штити од вируси, а уште помалку од коронавирусот. Тоа го потврдува и доктор Татјана Блажевска, матичен лекар од ПЗУ „Доктор Билјана“ во скопската општина Ѓорче Петров.

Не постои научен доказ дека темјанот (Boswellia serrata) штити од коронавирус. Најдобра заштита, односно превенција од вирусот е да се почитуваат препораките, а тоа е носење на заштитна маска, држење дистанца, одржување личната хигиена, конзумирање здрава храна, многу течности (особено вода) и физичка активност. Ваквите верувања, коишто не се научно поткрепени, доколку се практикуваат, можат да допринесат до побрзо ширење на Ковид-19 и до влошување на здравствената состојба на луѓето – вели во изјава за „Вистиномер“ доктор Блажевска.

Второ, палењето темјан и кажувањето молитви се верски обреди, чиешто практикување не е дозволено во образовните институции согласно Законот за основно образование.

Членот 11 од Законот вели:

Во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување, како и истакнување на партиски и верски обележја.

Уште повеќе, непочитувањето на овој член од законот е казниво. Членот 172-б вели:

Глоба во износ од 1.600 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на основното училиште, ако:

– се организира политичко и верско организирање и дејствување и се истакнуваат партиски и верски обележја…

Трето, палењето темјан во училница, односно употребата на отворен оган, е спротивно на Законот за заштита и спасување и Уредбата за спроведување на мерката заштита и спасување од пошари, експлозии и опасни материи на Владата на РСМ. Во најмала рака, дури и кога би било дозволено во училиштата да се вршат верски обреди (како што не е), за тие да се усогласат со барањата на законската регулатива за да може да се пали темјан по училниците, би било неопходно инвестирање на големи материјални средства за заштита од пожари, сеопфатни обуки и на учениците и на наставниот кадар, организирање на противпожарни стражи, надградба на системите за заштита од пожари и редица други скапи активности.

Од сето ова може да се заклучи дека палењето темјан не може да ве заштити од коронавирусот, но и дека неговата употреба во училиште е казнива и тоа не со еден, туку со два закони. Уставот на Република Македонија, како и уставите на демократските земји, им овозможува на верниците слободно практикување на сопствената вера и религија во верските објекти, во приватноста на домот и секаде онаму каде што нема ограничувања за вршење на верски обреди, но не и во училиштата, каде што ограничувањата се и законски пропишани. Настрана што вршењето на ваков верски обред во едно мулти-етничко и мулти-религиско општество, какво што е македонското, со себе носи и практични проблеми, зашто во нашите училшта има ученици чии родители припаѓаат на различни религии.

Вака пласираниот пост, кој пренесува тврдења кои не се научно докажани и кој промовира вршење на верски обреди кои не се дозволени во училиштата, а е преземен од веб страница без импресум, нанесува штета по јавниот интерес, т.е. манипулира со информации за јавното здравје.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција