Темата беше странски инвестиции во 2025, а не капитални во 2026 година
Пошироката јавноста не може да ги доведе во прашање бројките за реализација на капиталните инвестиции во првите два месеца од годинава, соопштени од Министерството за финансии, ниту пак бројките околу БДП што ги лиферува Државниот завод за статистика. Сепак, гледано во поширок контекст околу времето на нивно соопштување и имајќи ја предвид дебатата во јавноста помеѓу опозицијата и власта во наведените два дена (02 – 03.03.2026), соопштението на МФ остава впечаток на можен спин, во смисла да се покрие темата за падот на странски инвестиции во 2025 г. потенцирана од СДСМ. Оттука, соопштението на МФ може да се оцени и како недоследно
Пошироката јавноста не може да ги доведе во прашање бројките за реализација на капиталните инвестиции во првите два месеца од годинава, соопштени од Министерството за финансии, ниту пак бројките околу БДП што ги лиферува Државниот завод за статистика. Сепак, гледано во поширок контекст околу времето на нивно соопштување и имајќи ја предвид дебатата во јавноста помеѓу опозицијата и власта во наведените два дена (02 – 03.03.2026), соопштението на МФ остава впечаток на можен спин, во смисла да се покрие темата за падот на странски инвестиции во 2025 г. потенцирана од СДСМ. Оттука, соопштението на МФ може да се оцени и како недоследно
Министерството за финансии (МФ) во понеделникот (02.03.) комуницираше со јавноста со соопштение, кое гледано во поширок контекст може да се оцени како недоследност:
Висок 179,7% раст на реализација на капитални инвестиции е остварен во првите два месеца од оваа година споредбено со тој период во 2025 година. Согласно податоците за реализација на Буџетот заклучно со 27 февруари во првите два месеца од 2026 година реализирани се вкупно 8,1 милијарди денари што претставува раст од 179,7% или во апсолутен износ во двата месеца од оваа година во споредба со двата месеца од 2025 година има повисока реализација на капитални инвестиции во износ од 5,2 милијарда денари….
Во Буџетот за 2026 година капиталните расходи се проектирани на износ од 40,1 милијарди денари…Од планираните 40,1 милијарда денари во првите два месеца се реализирани 8,1 милијарди денари или 20,12% од предвиденото. Имено, реализацијата на Буџетот во првите два месеца од годината е согласно планираното.
[Извор: МФ – Соопштение – датум: 02.03.2026 г.]
Образложение:
Недоследноста може да се даде како оценка само ако се погледне поширокиот контекст на јавните дебати што се водеа истиот ден и утредента (03.03.2026) помеѓу парламентарната опозициска партија СДСМ и Владата, имајќи ја предвид и главната партија на власт ВМРО-ДПМНЕ. Имено, СДСМ во понеделникот околу пладне (02.03.2026) комуницираше со јавноста со соопштение во кое главната теза беше дека странските инвестиции во С. Македонија во 2025 г. бележат огромен пад:
Драматичен пад на странските директни инвестиции во 2025 година од 61% покажуваат последните економски податоци на Народна банка.
Со Христијан Мицкоски на чело на Владата, во 2025 година има намалување на странските инвестиции за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024 година.
Поради политиките на СДСМ, во 2024 година странските директни инвестиции изнесуваа 1 милијарда и 196 милиони евра, додека во 2025 година со Мицкоски тие се сведени на само 467 милиони евра…(целото соопштение може да се погледне тука, а како беше пренесено во дел од медиумите тука).
СДСМ се повикува на соопштение на Народната банка (НБРСМ), објавен некој ден претходно и на клучниот пасус од соопштението:
…Во 2025 година, вкупните директни инвестиции во земјава изнесуваат 467,5 милиони евра, како резултат на нето-приливите кај реинвестираната добивка (295,5 милиони евра) и сопственичкиот капитал (288,1 милион евра), при нето-одливи кај меѓукомпанискиот долг (за 116,1 милион евра). Соопштението во целост може да се погледне тука, а е дел од поширок извештај на Народната банка за движење во платниот биланс што носи датум од 27.02.2026 (види тука на стр.3)

Од главната партија во власта ВМРО-ДПМНЕ немаше реакција истиот ден (02.03.2025), но затоа нецели два часа по соопштението од СДСМ, Министерството за финансии комуницираше со јавноста со соопштението за успешна реализација и натфрлање на капиталните инвестиции во првите два месеца од 2026 г., што е предмет на оценка на текстот. Времето на објавата и како е пренесено во дел од медиумите може да се види тука.
Воедно, ден потоа (03.03.2026) министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, повикувајќи се на Државниот завод за статистика (ДЗС), соопшти за вкупно остварениот бруто-домашен производ (БДП) во 2025 г. и други детали поврзани со БДП, во контекст дека економијата во земјата е во стабилен пораст и покажува нагорен тренд веќе 6 квартални периоди (види тука и тука).
Пошироката јавноста не може да ги доведува во прашање бројките за реализација на капиталните инвестиции во првите два месеца од годината, ниту пак бројките околу БДП што ги лиферува ДЗС. Сепак, гледано во поширок контекст околу времето на нивно соопштување и имајќи ја предвид дебатата во јавноста помеѓу опозицијата и власта во наведените два дена (02-03.03), соопштението на Министерството за финансии од понеделникот може да се разбере и како спин. Во смисла да се покрие темата за падот на странските инвестиции во 2025 г. и затоа би можело да се оцени како недоследност. Имено, темата што ја отвори СДСМ беше за странските инвестиции лани, а не за капиталните во 2026 година.
Извори:
- (МФ 02.03.2026) Мин. за финансии – Соопштение – [Проверено на 04.03.2026]
- (СДСМ 02.03.2026) СДСМ – Соопштение – [Проверено на 04.03.2026]
- (ДЗС 03.03.2026) ДЗС – Соопштение – [Проверено на 04.03.2026]
- (НБРСМ 27.02.2026) Народна банка – Соопштение – [Проверено на 04.03.2026]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар