Тенденциозен наслов за вакцинацијата на децата не кореспондира со содржината на текстот

Содржината што ја рецензираме е неетички медиумски производ споделен преку пост на социјалните мрежи. Содржината има тенденциозен наслов и фотографии кои не го отсликуваат напишаното во текстот. Кампањата со дезинформации продолжува на интернет во најразлични форми, при што се вадат од контекст и изјави од медицински професионалци.
,,Лекарот предупредува/ Според истражувањата ова возрасна група во никој случај не смее да ја прими вакцината”, е насловот на содржината што ја рецензираме. На прв поглед насловот привлекува и примамува да се посегне и да се кликне на „веста“. Текстот е придружуван и од една фотографија каде е претставено едно лице, слика од Стоп знакот и една мала слика на која е прикажана вакцина. Откако ќе кликнете на „веста“ станува јасно дека во содржината нема ништо драматично наспроти она што се навестува во насловот. Содржината се базира на изјавите на албанскиот лекар Арбан Доми кој работи во САД. Лекарот дал интервју за еден албански медиум и во тоа интервју тој едноставно споделил свое лично мислење.
Во интервјуто дадено за емисијата „Вејк Ап“ на Топ Ченел, лекарот изјавил:
„Мое лично мислење е дека нема потреба да се вакцинираат децата. За помали од 12 години, јас лично не би препорачал, не би препорачал ни за децата од 12 до 15 години, но сепак, за тоа одлучуваат родителите”.
Целата изјава на лекарот можете да ја пронајдете  ТУКА.
Што покажуваат научните студии за вакцинирањето на децата
Иако меѓу хоспитализираните со Ковид-19 доминираат повозрасните лица, корона вирусот е опасен и за децата, покажува една студија на Центарот за контрола и превенција на болестите.
„Добрата вест е што Ковид-19 не е многу честа болест кај децата. Лошата вест е што децата не се имуни на Ковид-19”, рече  доктор Даниел Раух шеф на педијатриското одделение во Детската болница Туфтс во Бостон.
Во последниот бран на вирусот предизвикан од Делта сојот и како последица на олабавувањето на меркита за физичко растојание, бројот на нови случаи е зголемен кај сите возрасни групи. Меѓутоа, во август и септември во САД најмногу позитивни случаи имало кај децата, поради тоа што поголем дел од возрасните веќе се имунизирани. Во САД, од почетокот на пандемијата, со Ковид-19 заразени се околу 5 милиони деца под 18 годишна возраст.
Една скорешна студија покажала дека и тинејџерите можат да се разболат од Ковид-19, па затоа Центарот за превенција и контрола на болестите во САД ги охрабрува младите на возраст од 12 до 17 години да се вакцинираат.
„Ме загрижува многу бројот на хоспитализирани тинејџери, а посебно големиот број кои се сместени во одделите на интензивна нега” рече директорката на ЦДЦ Рошел Валенски.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција