Тенденциозно и без докази се тврди дека САД потрошиле 50 милиони долари на кондоми во Газа

Фото: Принтскрин видео

Гардијан наведува дека за финансиската 2023 година, последна година за која се достапни податоците, USAID глобално дистрибуирале кондоми во вредност од околу 7 милиони долари, а огромното мнозинство од средствата се за семејно планирање од кои 89 проценти беа потрошени на програми во Африка

Гардијан наведува дека за финансиската 2023 година, последна година за која се достапни податоците, USAID глобално дистрибуирале кондоми во вредност од околу 7 милиони долари, а огромното мнозинство од средствата се за семејно планирање од кои 89 проценти беа потрошени на програми во Африка

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал од прес-конференција и пишува:

СТОП ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ГЛУПОШТИНИ.
Новинар прашува зошто наеднаш беа стопирани финансирањата на надворешни проекти без да им се каже однапред на институциите.
Одговорот на одговорната за односи со јавност е дека ОТКАКО Трамп нареди излегување на САД од СЗО, 37 милиони долари биле спремни да им се испорачаат.
Исто така, 50 милиони долари биле спремни да одат во Газа за кондоми! НЕВЕРОЈАТНО.

Точно е наведеното во објавата дека претседателот на САД Доналд Трамп нареди стопирање на финансирање на надворешни проекти поради ревизија во рок од 3 месеци, како и САД да излезе од Светската здравствена организација. На прес-конференцијата што е презентирана на видеото од објавата што ја рецензираме, Каролин Левит, прес-секретарот на Белата куќа, за време на нејзиниот  брифинг со новинарите, наведe дека Одделот за владина ефикасност и Канцеларијата за менаџмент и буџет „откриле дека околу 50 милиони долари од даночните обврзници излегле за финансирање кондоми во Газа“. Таа ја нарече наводната помош „глупаво трошење пари на даночните обврзници“. Истото го кажа и претседателот Трамп за време на церемонијата на потпишување на Законот за Лејкен Рајли во средата, тој тврдеше дека неговата администрација „идентификувала и спречила испраќање на 50 милиони долари во Газа за купување кондоми за Хамас“.

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Асошиејтед Прес“, нема веродостојни докази за поддршка на овие тврдења.

Трамп и неговиот портпарол се чини дека мислеа на грант или грантови што УСАИД ги додели на група наречена Меѓународен медицински корпус во вредност од 102,2 милиони американски долари за да обезбеди медицински и трауматски услуги во Газа. Стејт департментот претходно во средата го опиша ова како пример за „огромно финансирање“ кое не е усогласено со американските интереси или со политиката на претседателот, пишува „Асошиејтед прес“.

Проверувачите на факти на Ројтерс пишуваат дека нема докази дека 50 милиони долари биле испратени во Газа за кондоми.

Нема докази. Нема јавно достапни докази за наводните планови за потрошени милиони долари од даночните обврзници за финансирање на кондоми во Газа, наведува Ројтерс.

Претседателот на Меѓународната организација за бегалци, Џереми Кониндик, кој беше главен функционер на УСАИД за ковид-19 под администрацијата на Бајден, во објава на Х во средата, рече дека со 50 милиони долари би купиле 1 милијарда кондоми.

Значи, погледнете ја работата со „кондоми од Газа“, напиша тој. УСАИД набавува кондоми за околу 0,05 долари по парче. 50 милиони долари би биле една милијарда кондоми. Ова што се случува тука не ​​е милијарда кондоми за Газа. Она што се случува е дека во DOGE (Department of government efficiency)  очигледно не можат да читаат владини табели“, напиша тој.

Вашингтон пост исто така пишува дека нема докази за тврдењата што излегоа од Белата куќа.

Гардијан наведува дека за финансиската 2023 година, последна година за која се достапни податоците, USAID глобално дистрибуирале кондоми во вредност од околу 7 милиони долари, а огромното мнозинство од средствата се за семејно планирање од кои 89 проценти беа потрошени на програми во Африка.

Ендру Милер, поранешен помошник секретар за израелско-палестински прашања во администрацијата на Бајден, за „Семафор“ изјави дека тврдењата не се логични.

За финансирање на планирањето семејство во странство од 60 милиони потрошени минатата година, ниеден долар не отиде за Газа. УСАИД купува кондоми за 0.05 долари по парче, што значи 50 милиони долари би купиле 1 милијарда кондоми. Откако во 2018 година беше известено дека Хамас ги користи кондомите од латекс за по пловен пат да испраќаат експлозиви во нив кон Израел, еврејската држава забрани кондоми да бидат праќани во Палестина. Бројките се толку претерани и толку смешни што има само две објаснувања. Едното е дека го фабрикуваат ова, а второто е дека има некакви трошоци за репродуктивно здравје, но најголемиот дел од тие пари би оделе за третман на жените во воени зони, а не за контрацептиви, пишува „Семафор“, повикувајќи се на неговата изјава.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како делумна невистина.

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција