Тенденциозно и без никакви факти се тврди дека Европската Унија се распаѓа

Фото: Christian Lue on Unsplash

Целта на објавата е по секоја цена да ја оцрни Европската Унија, тврдејќи притоа дека С. Македонија се стремела да влезе во друштво на „земји кои економски пропаѓаат, во кои е кривично дела да се чуваат крави и кокошки и во кои мигранти силуваат бели жени на секој агол“. Ваквите наводи немаат врска со реалноста, тие се произволно нафрлени и истите одат во прилог на бројните дезинформации излезени од Кремљ кои атакуваат особено на Германија, Франција и Холандија, едни од најмоќните држави во ЕУ

Целта на објавата е по секоја цена да ја оцрни Европската Унија, тврдејќи притоа дека С. Македонија се стремела да влезе во друштво на „земји кои економски пропаѓаат, во кои е кривично дела да се чуваат крави и кокошки и во кои мигранти силуваат бели жени на секој агол“. Ваквите наводи немаат врска со реалноста, тие се произволно нафрлени и истите одат во прилог на бројните дезинформации излезени од Кремљ кои атакуваат особено на Германија, Франција и Холандија, едни од најмоќните држави во ЕУ

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Германија моторот и економски генератор на ЕУ е во рецесија. За прв пат во последните 100 год има економска загуба поголема од 50% од БДП. Затоа и секојдневно има протести и демонстрации. Тие се решаваат така што не се снимаат, прикажуваат и не се објавуваат никаде. А лидерите на протестантите се апсат и осудуваат на затвор или казни од 10.000-30.000 еур. Најголемата и најбрзо растечка, опозициона партија АДФ, која има 35% подршка од народот, ќе биде затворена или распуштена. Ако не, барем казнета со казни кои не може да ги исплати. Типично демократски! А зошто? Затоа што се против НАТО и финансирање на војната во Украина?!

Франција, душата и културата на ЕУ е во тотален распад и расуло, таму без прекин протестите траат од 2014год. “Жолти елеци“, “ Нова република“, “Бела Франција“…Таму веќе не се знае кој за што протестира! И тоа не е ништо ново, ново е што бројот на силувани бели жени, од страна на мигрантите пораснал за 73% во споредба со 2000 год. И најново е што таткото на силувано девојче (15год) се обидел да си го спаси детето, кое го силувале тројца мигранти во влезот во кои живееле…Мигрантите го расекле со скалпер и со боксирач му избиле три заби. Човекот имал ловечка пушка , ја земал и пукал во мигрантите. Двајца ранил, полесно (со ситна сачма). Осуден е на 8 години затвор за обид за убиство!

Во Белгија и Холандија кривично дело е да чуваш кокошки во двор, ако немаш компаниски сертификат, а крава,недај Боже. За чување крава без корпоративен сертификат се оди во затвор. Зошто кравите многу прдат и ја затоплуват климата, а со тоа се топат ледниците и ќе се потопи Холандија, зошто е ниска приморска земја???

Е, а нашиве измекари и потрчковци на потрчковците на Сорос и Ротшилд, јако имаат запнато, како да извршиме колективно самоубиство, сега и физичко не само културно и духовно…Само и само да добиеме шанса за ова “друштво“.

Вие иначе добри сте?

Како автобуси сабајлево, а контињерите што горат на Илинденска ? Ах бре неблагодарници…Брисел и Марсеј горат, тие се фатиле за два контињера?!

Не е точно дека Германија има економска загуба поголема од 50 отсто од БДП. Точно е дека Германија е во рецесија, но податоците посочени во објавата не се поткрепени со никакви докази, туку само се произволно нафрлени.

Како што пишува Дојче веле, сојузното германско Министерство за економија очекува уште една година на рецесија.

Германската економија во 2024 година ќе се намали за 0,2 отсто, иако Берлин претходно очекуваше благ раст од 0,3%. Во септември и институтот Ифо од Минхен се огласи со лоши вести за индексот за деловната клима. И Институтот за макроекономија и истражување на конјунктурата на фондацијата „Ханс Беклер“, која е блиска до синдикатите, ги намали своите економски проекции и за 2024 година предвидува дека брутодомашниот производ (БДП) ќе остане на статус кво, пишува Дојче веле во анализа објавена на 12.10.2024 година.

Германската економија во вториот квартал од годинава се намали, бруто домашниот производ падна за 0,1 отсто од април до јуни во однос на претходниот квартал, објавил Сојузниот завод за статистика, пренесе Дојче веле.

Неочекуваниот пад на бруто домашниот производ од 0,1 отсто во вториот квартал уште еднаш покажува дека  не може да стане збор за значителен економски подем во Германија, оцени Јерг Кремер, економски шеф на Комерцбанк.

Германската економија, од друга страна, едноставно не се помрднува од место, конјунктурата во најголемата европска економија стагнира долго време: постојана се наоѓа околу нултата линија од пролетта 2022 година, подем изгледа сосема поинаку, посочува Дојче веле во анализа објавена во јули 2024.

Во третиот квартал од 2024 година германската економија благо падна за 0,1 отсто, а на крајот на 2024 година нема да забележи раст, туку стагнација, се вели во прогнозата што ја објавија аналитичарите на Блумберг на 14.10.2024.

Доколку се остварат предвидувањата, тоа би значело дека Германија по два последователни квартали економски падови од 0,1 отсто, моментално е во техничка рецесија.

Според прогнозата на експертите на Блумберг, Германија следната година се очекува да доживее скромен економски раст од 0,8 отсто.

Германскиот бруто домашен производ неочекувано се зголеми во третиот квартал, прескокнувајќи ја рецесијата, но инфлацијата порасна повеќе од очекуваното во октомври, прекинувајќи го надолниот тренд во проблематичната најголема европска економија, пишува Ројтерс на 30 октомври 2024 година.

Значи, никаде не се спомнува дека Германија имала економски загуби поголеми од 50 отсто од БДП, како што тоа го посочува објавата што ја анализираме.

Објавата понатаму ја спомнува и Франција наведувајќи дека оваа членка на ЕУ се распаѓала, затоа што постојано се одржувале протести. Тоа што има протести во некоја земја, не значи дека земјата се распаѓа. Протестите се легитимно и демократско право на луѓето.

Но, она што загрижува е што објавата поттикнува говор на омраза против мигрантите, наведувајќи, повторно без никакви докази, дека бројот на силувани бели жени, од страна на мигрантите пораснал за 73 отсто во споредба со 2000 година. Не е понудена никаква статистика или истражување за ваквото тврдење.

За време на дебатата во живо на францускиот информативен канал BFMTV на 27 мај, француската европратеничка Манон Обри (La France Insoumise, GUE/NGL) рече дека „86 отсто од силувањата се извршени од француски државјани“.

Европратеничката Обри го изнесе ова тврдење откако го упати прашањето: „Кој врши силување во Франција?“ до европратеникот Франсоа-Ксавиер Белами (ЕПП), во контекст на обвинувањата од екстремната десница за имигрантите кои вршат силување. Видеоизвадокот од нејзиниот настап потоа беше објавен на нејзиниот Икс профил, со следните бројки:

90 отсто од жртвите го познаваат својот напаѓач, а во 45 отсто од случаите тоа бил нивниот сопружник или поранешен сопружник.

За сајтот за проверка на фактите Електи фактс, на прашањето за изворот на овие податоци, тимот на европратеничката Обри изјави дека ги нашле на АРТЕ Дезинтокс.

Дезинтокс се повикува на статистички извештаи на француското Министерство за внатрешни работи, кои навистина ги потврдуваат бројките што ги спомна европратеничката Обри, посочува  Електи фактс. Според публикацијата на Министерството Info Rapide 33, 86 отсто од целото физичко насилство извршено врз жените во 2022/23 година надвор од семејниот контекст (од кои само 87% се силувања), било извршено од Французи.

Значи, не е точно тврдењето изнесено во објавата дека бројот на силувани бели жени, од страна на мигрантите пораснал за 73 отсто во споредба со 2000 година.

Објавата споделува и една добро позната манипулација дека во Холандија било кривично дело да чуваш крави затоа што кравите прделе и го загадувале воздухот и ја затоплувале климата.

Како што Вистиномер веќе пишуваше во една пообемна анализа посветена на дезинформациите кои се ширеа во врска со Холандија, мерките кон кои се стреми Холандија се насочени кон намалување на емисиите на штетни гасови предизвикани од сточното ѓубриво. Ембаргото на Русија кон Холандија за прехранбени производи од млечната индустрија во 2014 година предизвика проблеми, но не помина без помош од ЕУ. Но, ембаргото воопшто не може да се доведува во корелација со вистинската причина за намалувањето на бројот на грла во  Холандија, а тоа е животната средина и законите на кои се има обврзано Холандија пред ЕУ. Холандија не се откажува од краварството, но емисиите на штетни гасови мора да се намалат.

Очигледно е дека целта на објавата не е да изнесува некакви факти и докази, туку онака истресено од ракав да ја оцрнува Европската Унија по секоја цена, нагласувајќи дека С.Македонија се стремела да влезе во друштво со наводно пропаднати земји, односно „земји кои економски пропаѓаат, во кои е кривично дела да се чуваат крави и кокошки и во кои мигранти силуваат бели жени на секој агол“. Ваквите наводи немаат врска со реалноста и истите одат во прилог на бројните дезинформации излезени од Кремљ кои атакуваат особено на Германија, Франција и Холандија, едни од најмоќните држави во Европската Унија. Поради сето погоре, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција