Теорија на заговор е дека ќе има масовни апсења за „злосторството против човештвото“

Пост на социјалната мрежа Фејсбук неосновано шири паника дека наводно ќе се случат масовни апсења на истакнати светски личности. Според напишаното, апсењата требаше да почнат пред десетина дена, но вакви апсења досега не се случиле

Пост на социјалната мрежа Фејсбук неосновано шири паника дека наводно ќе се случат масовни апсења на истакнати светски личности. Според напишаното, апсењата требаше да почнат пред десетина дена, но вакви апсења досега не се случиле

 

Фејсбук објава тврди дека од 14 ноември годинава до 21 јануари 2021 година човештвото ќе биде сведок на најголемиот број на судења и апсења ширум светот. Објавата е напишана прво на македонски јазик, а потоа и англиски, руски и германски јазик.

Во наредниот период од 14.11.2020 до 21.01.2021 човештвото ќе биде сведок на најголемиот број на судења и апсења ширум светот.

Ќе бидат апсени и осудени : Претседатели,Премиери,Министри, СЗО, Началници на болници, Комисии, Уредници на телевизии,новинари,лекари, медицински сестри, криминалци, сатанисти, глумци, педофили….

Главно обвинение ќе биде злосторство против човештвото. Нирнбершкото судење што беше од  (20 ноем. 1945 г. – 1 окт. 1946 г.) ќе биде мало бебе во споредба со ова.

Оваа објава, освен што неосновано шири паника, нема никаква поента, ниту дава објаснување која би била причината за наводните апсења.

Според напишаното, апсењата требаше да почнат пред десетина дена (14 ноември), но вакви апсења, на светско ниво со истакнати светски личности досега не се случиле. Не се случило ниту едно вакво драматично апсење, а камоли голем број како што се тврди, што ја прави оваа објава неточна.

Најчудното од цела објава, освен тоа што нема никаков извор на информацијата, е што не се соопштува зошто би се случувале овие апсења. Спомнати се низа општествени функции, но нема конкретна причина зошто би се случиле. Се наведува дека обвинението ќе биде „злосторството против човештвото“, но сепак нема конкретен настан, повод, ниту објаснување кое е тоа злосторство против човештвото.

Спомнати се СЗО, лекари, медицински сестри, па некој можеби ќе си помисли дека сето ова е поврзано со новиот коронавирус. Ама, сепак, тоа се само претпоставки. А, претпоставки секогаш се создаваат кога нема конкретна, целосна и точна информација, туку кога се работи за шпекулации и теории на заговор.

Исто така, специфичен е крајниот датум на ова наводно „најголемо апсење и судење“ – 21 јануари 2021. Овој датум е само еден ден по инаугурацијата која треба да се случи на новоизбраниот американски претседател, а сè поизвесно е дека тоа ќе биде Џо Бајден. Денот на инаугурација се случува секои четири години на 20 јануари или на 21 јануари, доколку 20-ти е во недела.

Објавата прави споредба со Нинбершките судења односно тврди дека случувањата сега ќе бидат многу поголеми од тоа што се случуваше после Втората светска војна.

Нирнбершкиот процес кој се случуваше пред 70 години во Нирнберг, е називот за судењата на истакнати членови на политичкото, военото и економското водство на Третиот рајх. Меѓународниот воен суд го седна на обвинителната клупа највисокото раководство на нацистичка Германија каде беа изречени пресуди за планирање, започнување и водење на агресорски војни, за воени злосторства, како и злосторства против човештвото. На први октомври 1946 година беше соопштена пресудата: 12 од вкупно 22 обвинети беа осудени на смрт со бесење, за седуммина беше одредена казна затвор, а тројца беа ослободени при голем процес во кој беа прегледани 2.630 документи и беа сослушани 270 сведоци – сите снимени на 27.000 метри магнетофонски ленти и 7.000 винил плочи.

Но, тој процес, за разлика од овој за кој се тврди дека ќе се случи, имаше конкректна причина, имаше конкретни актери и беше докажано злосторството против човештвото.

Фејсбук објавата, иако ништо конкретно не кажува, има голема читаност. Сензационализмот и теориите на заговор прават една празна објава да има над 100 реакции, 21 коментар и 26 споделувања. Коментарите на објавата се во насока дека треба да се сотре злото, иако не се знае за какво зло станува збор, а се спомнува и убиство на Трамп и разни други бесмислици.

Корисниците на социјални мрежи треба особено да бидат внимателни со споделување, или какво било придавање важност на вакви празни и шпекулативни објави, кои спаѓаат единствено во неосновани и без докази теории на заговор. Вакви објави, кои многу лесно стануваат популарни, имаат единствена цел да манипулираат со јавноста и да сеат паника.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција