Теории на заговор околу пожарот во Кочани и атентатот врз Глигоров

Клип на Фејсбук шири теории на заговор, според кои зад пожарот во Кочани стоела великосрпската организација Црна рука, а атентатот врз Глигоров наводно бил инсцениран и тој не бил во возилото кое било мета на напад и за тоа бил ангажиран двојник.

Клип на Фејсбук шири теории на заговор, според кои зад пожарот во Кочани стоела великосрпската организација Црна рука, а атентатот врз Глигоров наводно бил инсцениран и тој не бил во возилото кое било мета на напад и за тоа бил ангажиран двојник. Во клипот се редат и Сорос, масоните, влашкото лоби и други „дежурни виновници“ од теориите на заговор кај нас, а тука има и доста фактографски неточности и збрки

 

Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, кај што се вели:

Вистината за Сектата на Апис Црна Рука и зошто бојкотирам Избори во Кочани ?

Во објавата е споделен и клип, во кој говори нејзиниот автор, кој веќе бил оценуван од проверувачите на факти како псевдоисторичар и теоретичар на завери (види: тука и тука).

Меѓу другото, тој тврди дека смртоносниот пожар во дискотеката Пулс во Кочани на 16.3.2025 г. бил „масовно убиство“, организирано од ширачи на идејата за Велика Србија.

За такво нешто не јавија надлежните и компетентни органи како МВР и обвинителството, според кои пожарот бил предизвикан со несовесна употреба на сценска пиротехника, но авторот на клипот тоа го отфрла и нуди алтернативни теории, иако не важи за некаков форензичар.

Клипот тврди и дека сторителите отстранувале докази исто како и по неуспешниот и неразрешен атентат од 3.10.1995 г. врз тогашниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Енциклопедијата на МАНУ него го наведува како Киро Благоев Глигоров, но, без некоја смисла, клипот го наведува како „Киро Таушанов Глигоров“, што се среќава и кај слични поддржувачи на теории на заговор.

Атентатот бил извршен така што бил активиран паркиран автомобил-бомба кога крај него минувало претседателското возило, но клипот тврди дека Глигоров не бил во тоа возило. Според авторот на клипот, атентатот бил „самонарачан“ (инсцениран), а наместо Глигоров таму било некое лице, кое имало „идентичен нос“ како и Глигоров, т.е. тоа бил двојник.

За атентатот има повеќе теории (Мултигруп, КОС, Братиславска врска и др.), но ваква не се среќава никаде, освен кај авторот на клипот, т.е. таа е маргинална. Глигоров тогаш загубил око и се здобил со други сериозни повреди, а лузните од нив биле очигледни во неговите јавни настапи, па зарем тој носел маска или тоа бил двојник? За тоа клипот не нуди објаснување.

Клипот тврди дека по атентатот, Глигоров (или неговиот двојник) бил однесен во болницата 8 Септември (некогашната Воена болница), но, според сите индиции, тој бил однесен во Градската хируршка болница Св. Наум Охридски во близина на Собранието на Република Македонија.

Без некоја смисла, авторот на клипот тука го поврзува и кревањето во воздух на мотелот Бриони во Челопек на 26.8.2001 г., па можно е да направил збрка со скопскиот хотел Бристол, во близина на кој се случил атентатот врз Глигоров. Клипот е полн со збрки и скокања од тема на тема.

Според клипот, Глигоров бил просрпски и пројугословенски настроен, но тоа се коси со една теорија за атентатот, која Стево Пендаровски и други релевантни личности ја сметаат за издржана. Глигоров се сретнал со српскиот лидер Слободан Милошевиќ и ја одбил неговата понуда за бесцаринска унија или конфедерација, па атентатот, наводно, бил казна за тоа, или, пак, за планот за влез во Партнерството за мир на НАТО. Тие потези на Глигоров не биле просрпски.

Навистина, тој долго работел како југословенски политичар во Белград, па националистите кај нас го сметале за нерешителен околу осамостојувањето на Република Македонија, а му замерувале и за платформата Глигоров-Изетбеговиќ и за референдумското прашање, кое оставало можност осамостоената Република Македонија да влезе во сојуз со други екс-југословенски републики.

Тоа создало впечаток дека Глигоров е послушник на Белград, но тоа не било така, а посоодветен пример за тоа бил црногорскиот лидер Момир Булатовиќ. И замислата за спас на Југославија на Глигоров не била иста како и онаа великосрпската на Милошевиќ. На крај, Глигоров ја предводел Република Македонија во нејзиното осамостојување и тој тоа свечено го прогласил.

Да се критикуваат политичарите е демократско право, но критикувајќи го Глигоров и особено неговиот соработник Бранко Црвенковски, авторот на клипот претерува и нив дури ги става во иста реченица со Црна рука, великосрпска организација од првите децении на 20 век.

Некои изјави во клипот се можеби метафори, хиперболи и слични стилски фигури, но авторот не разјаснува што од тоа треба да се сфати буквално, а што не, со што ја доведува јавноста во заблуда.

Црна рука ја водел српскиот офицер Драгутин Димитријевиќ-Апис, кој насилно ја соборил српската кралска династија Обреновиќи во полза на Караѓорѓевиќи. Арно ама, Апис продолжил да се однесува како „држава во држава“, па се судрил со Александар Караѓорѓевиќ, кој го обвинил за план за атентат, по што Апис бил осуден на смрт и бил стрелан.

Тука клипот оди во псевдоисторија дека братот на Александар, Ѓорѓе Караѓорѓевиќ, всушност бил Јосип Броз-Тито; дека црнорукците го убиле Александар, иако тоа го сторил Владо Черноземски од ВМРО; и дека Црна рука била „секта“, која, наводно, сега е активна во Кочани, Прилеп и Скопје.

Ако бараме нешто слично на секта, која делува токму во тие градови, тоа би биле следбениците на британскиот езотерик Алистер Кроули. Тие беа неосновано обвинувани за пожарот во Кочани, иако изразија сочувство за жртвите, па клипот веројатно мисли на нив. Друго објаснување нема. Меѓутоа, кроулијанството нема врска со Црна рука. Тоа била политичка, а не верска организација.

Со Црна рука клипот ги поврзува и УДБ-а и КОС, но тоа биле тајни служби на комунистичка Југославија, која била негативно настроена кон српскиот национализам.

Наводно, траги од него имало кај шефот на УДБ-а, Александар Ранковиќ, па можеби затоа тој дозволил преиспитување на судењето против Апис, кој бил постхумно оценет како невин, но тоа можеби било поведено од омразата на комунистите кон Александар Караѓорѓевиќ.

Тито подоцна се судрил со Ранковиќ и тој ја загубил функцијата, па не може да се рече дека српскиот национализам бил дел од идеологијата на Титова Југославија. Ова се променило дури по појавата на Милошевиќ, кој отворено тргнал да ги помири комунизмот и национализмот.

Со Црна рука клипот неосновано ги поврзува и италијанските фашисти, т.н. црнокошулци на Бенито Мусолини, а во клипот се редат и: северноирската организација ИРА, германската тајна служба БНД, електродистрибутерот ЕВН и кој ли уште не, па сфаќаме дека тоа е една каша од факти и „факти“.

Објективно, клипот покренува и едно легитимно прашање: зошто слухот на Глигоров не бил оштетен од толку блиската експлозија и зошто тој не користел апаратче за слух? Клипот тоа го користи како доказ дека Глигоров не бил во нападнатото возило, но само по себе тоа не е доказ.

Оштетување на слухот можеби имало, но во споредба со другите повреди, тоа можеби не било сметано за најбитно, па не било експонирано, а ушно тапанче може да заздрави или да се санира.

Шоферот на Глигоров возел побавно отколку што тоа го предвиделе атентаторите, па тие прерано ја активирале бомбата, со што почетниот и најсилен удар минал пред возилото, а дел од тој звучен бран можеби се одбил од него и се пренасочил. Тоа, наводно, не било блиндирано, но било квалитетно (Мерцедес), па можеби сето тоа е објаснување зошто Глигоров го зачувал слухот, ако не целосно, тогаш барем делумно.

Сите детали не ги знаеме, а најверојатно ни авторот на клипот, кој исто така не важи за некаков форензичар или стручњак за тој настан, но, ние, сепак, нудиме можно објаснување, кое сепак се темели врз упатени извори.

Иако во објавата, односно во клипот споделен во неа, има моменти, кои делуваат легитимно, таа, сепак, е генерално невистинита.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција