Теории на заговор за корона-вирусот како биолошко оружје

[Рецензија: Израелски шпион тврди: Корона-вирусот е излезен од лаборатории во Вухан!]

„Мисли глобално, делувај локално“, е старата добра максима на еколошките движења во светот и кај нас. Но, таа максима честопати е злоупотребена при пренесувањето на вестите и текстовите за актуелни теми во светот, како што деновиве е случајот со ширењето на новата здравствена закана – корона-вирусот и глобалната паника што произлегува од ширењето вести со непроверена содржина. Испаѓа дека колку што се достапни модерните технолошки алатки за проверка на вестите, толку е поголем „апетитот“ по лајкови за сензационалистички текстови што ќе предизвикаат интерес, не водејќи сметка дека можеби уште повеќе предизвикуваат вознемиреност, забуна, паника…

Линк до оригиналниот напис: Израелски шпион тврди: Корона-вирусот е излезен од лаборатории во Вухан!

Датум и време на објавување: 4.2.2020,  23:02

Датум на рецензија: 5.2.2020

Рецензира: Стојан Синадинов

Појавата на корона-вирусот во кинескиот град Вухан и неговата закана за пандемиско ширење низ светот продуцираше и текстови што се занимаваат со теоријата на заговор дека тој вирус е дел од некоја тајна програма на властите во Кина за развој на биолошко оружје.

Во овој текст се наведува тврдењето:

Новата епидемија е поврзана со кинеската тајна програма за производство на биолошко оружје на Институтот за вирусологија во Вухан, епицентарот на инфекцијата. Според изјавите на поранешниот израелски шпион Дани Шохам, во објектот се наоѓаат најопасните вируси.

Порталот коректно го цитира неговиот извор.

Шохам, поранешен израелски специјалист за воено разузнавање и специјалист за азиски биолошки оружја, минатата недела изјави за „Вашингтон тајмс“ дека епидемијата на смртоносен вирус може да се поврзе со тајната програма за производство на биолошко оружје на Кина во Институтот во Вухан.

Наведени се дури и оградувањата и на шпионот, но и на медиумот:

Овој нов вирус лесно може да „протече“ од лабораторијата. Веројатно е дека некои од работниците се заразиле, дури и не го знаеле тоа, и ја прошириле инфекцијата – рече Шохам, без да даде докази дека Кина навистина развива биолошко оружје.

Сè дотука е в ред. Но, зошто порталот би објавил ваков текст со бомбастични тврдења од доменот на глобалните конспирации на 4.2.2020, а оригиналниот текст во „Вашингтон тајмс“ е објавен цели 11 дена порано, на 24.1.2020, дополнително „засилувајќи“ го со непотребно тврдење „неговата изјава во реномираниот американски весник беше доволна за да се засили теоријата на заговор“?

Само површното пребарување за тврдењата на споменатиот извор, израелскиот шпион Дани Шохам (Dany Shoham) дава и повеќе од доволно материјал за дебанкирање на оваа вест.

Веќе на 29.1.2020 два кредибилни медиуми, „Форин полиси“ и „Вашингтон пост“ уште во самите наслови го демантираат тврдењето на „Вашингтон тајмс“. „Форин полиси“ вели дека вирусот од Вухан не е лабораториско биооружје, нагласувајќи дека теориите на конспирација се шират побрзо отколку самиот корона-вирус. И „Вашингтон пост“ со сличен наслов, во кој се потенцира дека експертите ја дебанкирале теоријата што ги поврзува појавата на корона-вирусот во Кина со развојот на биолошко оружје.

Згора на тоа, „Вашингтон тајмс“ во светот на новинарството отсекогаш важел за таблоиден медиум, чие име е „позајмено“ од два далеку покредибилни весници, „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“, не ретко со намера да ќари читатели токму збунувајќи ги со своето име.

Во текстот што го рецензираме , секако, требало да се проверат дебанкирањата на теоријата на заговор и да се наведат во содржинскиот дел на написот. Тоа можело да се стори и со проверка на веб-страницата на Светската здравствена организација (WHO), која ги објави упатствата како да се справиме со лажните вести и митовите за новиот вирус.

Вака како што е пласиран написот, постапено е спротивно од Кодексот на новинари на Македонија, кој вели дека „начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.“

 

Овој напис е дел од специјалното известување на КриТинк за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција