Теории на заговор за војната во Иран
Ништо од новините околу технологијата и олеснетиот пристап кон дигиталниот идентитет не е „поробеност“, туку олеснување на комуникацијата и на добивањето државни услуги. Тие се во корист на обичниот човек, наспроти изнесеното во објавата дека се стратегија за контрола и доминација или како што е точно наведено „поробеност“
Напредокот во поглед на дигитализацијата, 5Г мрежата, дигиталниот идентитет – се светски процеси кои имаат за цел да ги олеснат услугите кон граѓаните од страна на државите. Но, сите тие процеси се дел од посебни законодавства и посебни текови во секоја засебна држава, која согласно своите национални политики решава кога и што ќе воведе. Ништо од овие новини околу технологијата и олеснетиот пристап кон дигиталниот идентитет не е „поробеност“, туку олеснување на комуникацијата и на добивањето државни услуги. Тие се во корист на обичниот човек, наспроти изнесеното во објавата дека се стратегија за контрола и доминација или како што е точно наведено „поробеност“
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Еве што правеле.
Во склоп на објавата има и образложение на српски јазик со следната содржина:
Луѓето не се спремни да слушнат дека Израел, Америка и Иран сите заедно работат на тоа вештачки да го исполнат ционистичкото пророштво за судниот ден за да го оправдаат глобалниот голем ресет.
Иран учествуваше во ковид театарот.
Иран има 5Г а работи на 6Г.
Иран работи на воведување закон за криптовалути и дигитален идентитет.
Војната се темели на религиски пророштва кои ги делат сите три абрахамски религии за „последните времиња“, а сите три ги сметаат овие времиња за ера на враќање на својот месија.
САД Израел и Иран се подеднакво виновни. Сите три страни најавуваат напади часови претходно на Твитер – тоа не е војување, тоа е создавање илузија за војување за оние кои се доволно наивни да поверуваат во тоа.
Секоја држава маршира во чекор кон истите цели, технологии и управување, а тоа значи понатамошно продлабочување на твојата поробеност.
Никогаш нема да го прекршат поредокот или да направат отстапки во корист на обичниот човек.
Не е точно наведеното во објавата што ја рецензираме дека она што се случува во Иран, е поврзано со некаков „голем ресет“.
Терминот „голем ресет“ (Great reset) потекнува од реална економска иницијатива, но во бројни теории на заговор е претставен на многу поинаков начин. Имено, оригиналното значење на „големиот ресет“ е концепт што го промовираше Светскиот економски форум во 2020 година за обнова на глобалната економија после ковид-19, поттикнување одржлив развој, намалување на нееднаквоста и забрзување на дигиталната и зелената економија.
Теориите на заговор, пак, го претставуваат „големиот ресет“ како таен глобален план на елитите (влади, милијардери, меѓународни организации) со цел да се врши контрола врз светското население, да се укине приватната сопственост, да се создаде една глобална влада, да се воведуваат системи за глобален надзор и да се контролира храната, енергијата и парите. Овие теории тврдат дека „ресетот“ ќе се спроведе преку кризи како пандемии, војни или економски колапси.
Првите напади врз Иран на 28 февруари, според израелскиот министер за одбрана Израел Кац се опишани како „превентивен удар“ за да се отстранат заканите кон Израел. Американскиот државен секретар Марко Рубио вели дека САД знаеле дека ќе има акција од страна на Израел, што значи дека Америка морала исто така превентивно да делува соочена со очекувани ирански напади на американските сили.
Но, има и пропратни причини.
Израел и САД се непријатели на Иран уште од Исламската револуција во 1979. Иранското раководство постојано повикува на елиминација на Израел и ги осудува САД како нивен најголем непријател.
Двете земји го предводеа западното противење на нуклеарната програма на Иран, тврдејќи дека Иран се стреми да развие нуклеарна бомба, нешто што Иран жестоко го негира.
Тие нападнаа ирански нуклеарни и воени објекти во јуни 2025 година во војна што траеше 12 дена.
Оттогаш, тие тврдат дека Иран се обидува да ја обнови својата нуклеарна програма и да развие ракети способни да испорачаат нуклеарно оружје.
Трамп рече дека овие ракети на крајот би можеле да стигнат до САД, иако ова не е поткрепено со проценките на американските разузнавачки служби.
Израел го смета Иран за закана по своето постоење и сака отстранување на нуклеарната програма на Иран, како и промена на режимот.
САД првпат отворено зборуваа во јануари за потенцијален напад врз Иран кога нивните безбедносни сили се справија со демонстрантите со смртоносна сила.
Но, САД и Иран започнаа преговори и се чинеше дека напредуваат сè додека Трамп не изјави дека „не е задоволен“ од начинот на кој се одвиваат разговорите на 27 февруари. Неколку часа подоцна, САД и Израел почнаа да напаѓаат.
На 6 март, Трамп рече дека „нема да има договор“ со Иран освен ако не се согласи на „безусловно предавање“.
Следниот ден, Трамп рече дека иранскиот лидер „се извинил и се предал… поради немилосрдниот напад на САД и Израел“, но подоцна додаде во својата објава на Truth Social: „денес Иран ќе биде многу силно погоден!“, пишува Би Би Си во својот експлејнер за тоа зошто почна војната во Иран.
Една од најголемите причини за конфликт е сомнежот дека Иран може да развие нуклеарно оружје. Израел и САД тврдат дека тоа би било безбедносна закана за регионот и светот. Иран вели дека програмата е за мирни цели (енергија и научни истражувања).
Евидентно, ниту „големиот ресет“ ниту ковид пандемијата ниту воведувањето на дигитален идентитет, не стојат во средиштето на конфликтот. Конфликтот наспроти наведеното во објавата не е „заедничка работа на Израел, Америка и Иран за да се оправда голем ресет“.
Ковид пандемијата не беше никаков „театар“ туку потврдена пандемија во сите држави од светот, со потврден изолиран вирус кој освен што носеше заболување со последици, одзеде 7 милиони животи. Конкретно во Иран, до 28 февруари 2022 имало повеќе од 6.6 милиони случаи на ковид и 140 илјади смртни случаи, според Светската здравствена организација. Ова не е „театар“, како што се тврди во објавата, туку статистика на здравствени и последици по животот.
Иако Иран има 5Г мрежа и се работи и на 6Г мрежа, сепак овие мрежи се генерации на мобилна безжична комуникациска технологија – односно системи преку кои работат мобилните телефони, интернетот и многу паметни уреди. Буквата „G“ значи „generation“ (генерација). 5G и 6G се само нови генерации на мобилна мрежа што овозможуваат побрза и помоќна комуникација меѓу уредите и не служат за војни, ниту за креирање на ковид пандемија.
Во објавата се споменува и дека „Иран работи на воведување закон за криптовалути и дигитален идентитет“, иако уште од 2015 година беше презентирана националната „смарт-лична карта“.
Напредокот во поглед на дигитализацијата, 5Г мрежата, дигиталниот идентитет – се светски процеси коишто имаат за цел да ги олеснат услугите кон граѓаните од страна на државите чии граѓани се. Но, сите тие процеси се дел од посебни законодавства и посебни текови во секоја засебна држава, која согласно своите национални политики решава кога што ќе воведе. Ништо од овие новитети околу технологијата и олеснетиот пристап кон дигиталниот идентитет не е „поробеност“ туку олеснување на комуникацијата и на добивањето државни услуги. Тоа е во корист на обичниот човек, наспроти изнесеното во објавата дека е стратегија за контрола и доминација или како што е точно наведено „поробеност“.
Тоа што понекогаш се најавува или навестува напад на социјалните мрежи се должи на повеќе стратешки причини (политичка и психолошка порака), а не вистинско откривање на точен воен план. Таквите најави не значат дека „војната е илузија“ или дека „не е вистинска“. Целта е противникот да се повлече или да ја намали ескалацијата.
Понекогаш навестувањето служи да се покаже дека ударот ќе биде ограничен, а не почеток на голема војна. Тоа помага да се избегне погрешна реакција или ескалација.
Понекогаш најавата за напад е дипломатска и воена стратегија за да се контролира конфликтот.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар