Теориите на заговор во врска со терористичкиот напад врз САД на 11 септември се пропагираат и 23 години подоцна
Добро познатите теории на заговор во врска со терористичкиот напад на САД на 11 септември 2001 година, иако дебанкирани, продолжуваат да се пропагираат и повеќе од 20 години од нападот, а истите се реактуелизираат околу 11 септември кога се одбележува годишнината од овој кобен напад.
Објавата која ја анализираме ги шири добро познатите теории на заговор во врска со терористичкиот напад на САД на 11 септември 2001 година. Овие теории на заговор, иако се дебанкирани, продолжуваат да се пропагираат и 23 години по настанот, а истите се реактуелизираат околу 11 септември кога се одбележува годишнината од овој кобен напад. Факт е дека утрото на 11 септември 2001 година членовите на терористичката организација Ал Каеда киднапираа четири патнички авиони, кои потоа ги насочија кон важни објекти, со идеја да ги извршат најразорните напади врз водечките симболи на САД. Сè друго е плод на фантазија на теоретичарите на заговор кои сакаат да веруваат дека САД сами се нападнале за да предизвикаат некаква војна
Анализираме објава на Фејсбук која шири теории на заговор во врска со терористичкиот напад врз САД на 11 септември 2001 година. Според објавата, илјадници невини луѓе биле жртвувани, односно САД самите себе се нападнале за да започнат „војни ширум светот“.
Илјадници невини луѓе жртвувани во кулите близначки и милиони во бескрајни војни ширум светот за доброто на империјата и оние што стојат зад неа… На светот му беше продадена најголемата лага дека авионското гориво може да стопи челик до степен да урне згради на начин на контролирано рушење, патнички авион удира во Пентагон, уривајќи го делот од зградата со совршено лизгање на само неколку метри од земјата без да допре ниту еден од столбовите за светло или се урнал во Пенсилванија каде што немало ни остатоци од трупот или млазните мотори пронајден…, стои во објавата.
Американците годинава одбележаа 23 години од нападите на 11 септември, временски период во кој се променија многу работи во светот, откако почна глобалната војна против тероризмот.
Утрото, на 11 септември 2001 година, членовите на терористичката организација Ал Каеда киднапираа четири патнички авиони, кои потоа ги насочија кон важни објекти, со идеја да ги извршат најразорните напади врз водечките симболи на САД.
Два авиона, со разлика од 16 минути, удрија во кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк, еден од симболите на тој град.
Третиот се заби во Пентагон во Вашингтон, а четвртиот авион се сруши во рурален дел од Пенсилванија, откако патниците во авионот им пружија отпор на киднаперите. Во овие напади трагично загинаа 3.000 луѓе.
Првите теории на заговор за 11 септември се појавија на интернет само неколку часа по нападите, а со порастот на социјалните медиуми и нивниот број растеше.
Тврдењето нашироко споделено на интернет, „авионското гориво не може да топи челични греди“, вметнато и во објавата која ја анализираме, сугерира дека кулите близначки на Светскиот трговски центар биле урнати со експлозив.
Но, според официјалниот извештај, паднатите авиони значително ги оштетиле потпорните столбови на двете кули и ја анулирале противпожарната заштита. Дополнително, пожарите предизвикале температура и до 1.000 степени Целзиусови во некои делови на објектите, што резултирало со искривување на челичните греди и уривање на зградите.
Светскиот трговски центар 7, облакодер од 47 ката во близина на кулите близначки – зграда која во која биле сместени канцелариите на ЦИА, Министерството за одбрана и Канцеларијата за управување со вонредни состојби – се урнал неколку часа по кулите близначки, без да биде погоден од авион како директна цел. Во 2008 година, тригодишната истрага на Националниот институт за стандарди и технологија заклучи дека се урнала поради интензивните и неконтролирани пожари – кои траеле речиси седум часа – започнати од остатоците од падот на блиската Северна кула.
Светскиот трговски центар беше првата кула од ваков вид што се урна поради пожар. Но, во 2017 година, кулата Пласко во иранскиот главен град Техеран стана втора, пишува Би-би-си, анализирајќи ги тероиите на заговор поврзани со 11 септември кои се шират повеќе од 20 години.
Што се однесува до третиот патнички авион што се заби во Пентагон во Вашингтон, некои онлајн теории на заговор сугерираат дека проектили од американски воени авиони биле истрелани кон Пентагон, како дел од владиниот заговор, а дупката оставена во зградата била премногу мала за да ја предизвика патнички авион.
Но, член на Американското здружение на градежни инженери за списанието Popular Mechanics изјави дека големината и обликот на дупката се должат на тоа што едното крило на Боинг 757 удрило во земјата, а другото било отсечено при удар во зградата.
Во меѓувреме, авионот на летот 93 на Јунајтед ерлајнс се урна во близина на Шанксвил, Пенсилванија. Снимките од пилотската кабина сведочат дека патниците на летот 93 на Јунајтед ерлајнс се здружиле за да ги нападнат киднаперите, присилувајќи ги да го урнат авионот во близина на Шанксвил, населено место во југозападна Пенсилванија. Но, теоретичарите на заговор тврдат дека летот 93 бил уништен со ракета од воен авион F-16 или од мистериозен бел авион.
Потпретседателот Дик Чејни подоцна во својата автобиографија откри дека по нападот на кулите близначки тој наредил да се собори секој комерцијален авион за кој се верува дека бил киднапиран.
Во хаосот и конфузијата што следеле по нападот, неговата наредба не била проследена до пилотите на ловците, се вели во извештајот на Комисијата за 11 септември.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме ги шири добро познатите теории на заговор во врска со терористичкиот напад на САД на 11 септември 2001 година. Овие теории на заговор, иако се дебанкирани, продолжуваат да се шират и повеќе од 20 години од нападот, а истите се реактуелизираат околу 11 септември, кога се одбележува годишнината од овој кобен напад. Факт е дека утрото на 11 септември 2001 година членовите на терористичката организација Ал Каеда киднапираа четири патнички авиони, кои потоа ги насочија кон важни објекти, со идеја да ги извршат најразорните напади врз водечките симболи на САД. Сè друго е плод на фантазија на теоретичарите на заговор кои сакаат да веруваат дека САД сами се нападналле за да предизвикаат некаква војна.
Поради тоа објавата која ја анализираме ја оценуваме како неточна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар