Теорија на заговор за пожарот во Швајцарија и тунелот отворен во 2016 година

Името на барот наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме не претставува никакво окултно „предизвикување“ на несреќата, ниту пак има докази дека страшниот пожар не бил случаен, односно дека бил поврзан со името и со другите елементи наведени во објавата

Името на барот, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, не претставува никакво окултно „предизвикување“ на несреќата, ниту, пак, има докази дека страшниот пожар не бил случаен, односно дека бил поврзан со името и со другите елементи наведени во објавата

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Името на барот во Швајцарија во кој загинаа 47 млади луѓе е ,,Le Constellation“. Ако некој мисли дека е случајно така наречен и дека случајно во него се случи трагедија токму на преминот на моќта на Сатурн во рацете на Јанус и почеток на новата година по римско поимање на времето тогаш нема поим во каков темен окултен свет живее. Не, не е случајно, како што не е случајно што во радиус од стотина километри на местото на ,,трагичниот” настан се наоѓаат познатиот Готард во кој во 2006та на свеченото отворање на тунелот во присуство на цела европска политичка елита беше изведена симулација на ритуал на човечко жртвување во чест на рогатиот и Церн, за кој веќе никој не крие дека е проект на темните за отварање на портали за привикување на меѓудимензионални ентитети. Резиме: Не знаењето е најскапиот луксуз што човекот може да си го приушти и најчесто цената за плаќање на тој луксуз се вашите животи!

 

Името на барот ,,Le Constellation“ во кој се случи пожар со смртни последици за над 40 лица и имаше над 100 повредени на француски значи „соѕвездие“ односно група ѕвезди што формираат облик на небото. Името за барот асоцира на ѕвезди, гламур и ноќен живот. Иако зборот constellation е од женски род на француски (une constellation), барот го користи „Le“ затоа што се подразбира изразот „le bar Constellation“. Значи, „Le“ се однесува на зборот bar (машки род), а не на constellation. Ова е вообичаена практика при именување локали на француски.

Оттука, името на барот наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме не претставува никакво окултно „предизвикување“ на несреќата, ниту пак има докази дека страшниот пожар не бил случаен, односно дека бил поврзан со името и со другите елементи наведени во објавата. Напротив, веќе е извесно дека станува збор за несреќа предизвикана од немарност, за што обвинителите во Швајцарија веќе имаат осомничени. Како што извести „Гардијан“ двајцата менаџери на објектот се под кривична истрага. Двојката Жак и Џесика Морети (сопственик и менаџер на барот во Кран Монтана се осомничени за предизвикување смртни последици од небрежност, предизвикување тешки телесни повреди од небрежност, според Обвинителството. Како што пренесе „Гардијан“, истражителите веруваат дека прскалките намонтирани врз шишиња шампањско кои што биле дигнати во воздух преблиску до таванот, го предизвикале смртоносниот пожар.

Кривична истрага беше почната минатата вечер (02.01.2026-н.з.) против двајцата менаџери на барот. Тие се обвинети за убиство од небрежност, предизвикување телесни повреди од небрежност и предизвикување пожар од небрежност, се вели во соопштението од истражните органи, пишува „Гардијан“.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме не само името на барот нема никакво значење поврзао со пожарот, туку за тоа нема никаква поврзаност ниту окултна симболика што го „предизвикала“ или „привлекла“ пожарот, како што се тврди во објавата со јазикот на теориите на заговори.

 

За отворањето на Готард и уметничкиот перформанс

Готард тунелот е отворен во 2016 година се наоѓа на околу 200 километри од Кран Монтана каде се наоѓа барот ,,Le Constellation“, а на чие отворање присуствуваа политички фигури, исто така воопшто нема никаква поврзаност со пожарот. Отворањето на тунелот Готард вклучуваше театрален уметнички перформанс, создаден од швајцарски уметници. Во настапот се користеа симболични сцени (митологија, алпска историја, индустрија, движење, светлина и звук), за да ја прикаже борбата меѓу човекот, природата и технологијата. Некои костуми и сцени беа апстрактни и необични па беа погрешно протолкувани, а видео материјали беа споделувани надвор од контекст на интернет со тврдења за сатанизам или жртвување.

Фигурата со глава на коза, која најмногу предизвика реакции на интернет, не претставува сатана. Таа е инспирирана од алпскиот фолклор и традиционалните маски од планинските региони. Во уметнички контекст, ваквите ликови најчесто ја симболизираат дивата природа, планините и силите со кои човекот мора да се соочи при големи инженерски подвизи. Сцените во кои луѓе лежат или паѓаат на сцената се дел од театарска кореографија. Тие ја претставуваат тешката и опасна работа на рударите и работниците кои со децении копале низ планината. Ова не е жртвување, туку симболичен приказ на човечкиот напор, ризикот и жртвата во смисла на труд и истрајност. Танцот, силната музика и необичните движења се користени за да се прикаже енергијата, ритамот и движењето поврзано со возовите и индустрискиот напредок. Такви елементи се чести во современата европска уметност, но кога се гледаат изолирано и без објаснување, можат да изгледаат чудно или вознемирувачки. Видеата што кружат на интернет најчесто се кратки исечоци извадени од контекст на целиот настап. Со додавање на тврдења за сатанизам или окултни ритуали, им се припишува значење кое авторите никогаш не го имале. Кога перформансот се гледа во целост и со објаснувањата на организаторите, станува јасно дека станува збор за културен и уметнички настан.

Церемонијата на отворањето на Базниот тунел Готард беше симболична и уметничка, а не религиозна или окултна. Нема докази за човечка жртва или тајни ритуали, а таквите тврдења потекнуваат од теории на заговор, не од проверени извори. Исто така, швајцарски медиумски извори објаснуваат дека учествувале локални хорови, музичари со алпски рогови и други артисти, со цел да се прикаже културниот контекст и симболика на тунелот како врска меѓу северот и југот на Европа — што пак е традиционална уметничка одлика и не е поврзано со сатанизам или окултни ритуали.

Што е ЦЕРН?

Не е точно дека „Церн е проект на темните за отворање на портали за привлекување меѓудимензионални ентитети“. CERN (Европска организација за нуклеарни истражувања), е научен центар кој што се занимава со истражување на фундаменталните закони на природата, движењето на честичките, античестичките, и чија крајна цел е да го појасни раѓањето на универзумот. CERN е отворена и транспарентна институција. Тука работат илјадници научници од цел свет, а сите експерименти и откритија се објавуваат во научни списанија. Конспирациските приказни за „портали“ или „меѓудимензионални ентитети“ потекнуваат од интерпретации на интернет, мемиња или фикција и немаат никаква врска со реалната наука.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција