Теоријата на заговор „Земјата е рамна“ повторно на социјалните мрежи

Планетата Земја Фото: Firkin, CC0, via Wikimedia Commons

Кога Земјата би била рамна, сончевите зраци секогаш би биле под ист агол, што значи дека САД, Австралија, Италија и Аргентина би ги имале истите годишни времиња во ист период. Не е точно ниту наведеното во објавата дека „Сонцето се врти околу Земјата“

Кога Земјата би била рамна, сончевите зраци секогаш би биле под ист агол, што значи дека САД, Австралија, Италија и Аргентина би ги имале истите годишни времиња во ист период. Не е точно ниту наведеното во објавата дека „Сонцето се врти околу Земјата“

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

30.03.2026
Во вселената нема кислород.
Како тогаш гори сонцето?
Земјата е топка.
Како тогаш водата не истекува на доле од топката?
И пилотите тврдат дека не е топка.
Јас сум Мајк.
Дигитален војник … и тврдам дека сонцето ротира во нашата планета … која е рамна.
Овде има шеф и тој гледа се и контролира се. Се вика Господ.
А вие сите…сте на тест на покорност кон него.

Сонцето не користи кислород за да „гори“. Горењето на Сонцето не е хемиско согорување. Тоа е нуклеарна фузија.

Сонцето не „гори“ како што горат дрва или хартија во оган. Сонцето свети бидејќи е многу голема топка од гасови, во процес наречен нуклеарна фузија кој се случува во него. Нуклеарната фузија се случува кога еден протон се судира со друг протон со толку голема јачина што тие се соединуваат и се ослободува енергија. Оваа енергија потоа ги загрева другите материјали (другите протони и електрони) во близина. Ова загревање евентуално се проширува од центарот кон надворешноста, а потоа ја напушта површината и грее кон надворешниот простор. Луѓето, вклучително и научниците понекогаш велат дека Сонцето „гори водород“ за да свети. Но, тоа е само фигуративно изразување. Водородот не гори, туку фузира во хелиум. Така што не е потребен кислород, пишува на страницата на НАСА.

Не е точно наведеното во објавата што ја рецензираме дека „Земјата е рамна“. Во библиотеката со слики на НАСА, објавени се фотографии од Земјата направени од Меѓународната вселенска станица на кои се гледа обликот на Земјата. Русија, јапонската вселенска агенција и Кина исто така имаат објавено фотографии снимени од вселената што ја побиваат теоријата на заговор дека „Земјата е рамна“.

Дека Земјата е тркалезна (сфера) било целосно потврдено уште од античките грчки филозофи. Доказ дека земјата не е рамна е и фактот што на различни локации на Земјата има различни годишни времиња во ист период. Кога во САД е лето, во Австралија е зима.

Или кога во Италија е зима, во Аргентина е лето. Причината е во тоа што сончевите зраци, кои се речиси совршено паралелни, удираат на Земјата под различни агли. Кога Земјата би била рамна, сончевите зраци секогаш би биле под ист агол, што значи дека САД, Австралија, Италија и Аргентина би ги имале истите годишни времиња во ист период.

Не е точно наведеното во објавата дека „Сонцето се врти околу Земјата“.

Земјата се врти околу својата оска еднаш на секои 24 часа. Ова прави илузија како Сонцето да се движи по небото. Всушност, Земјата орбитира околу Сонцето еднаш на секои 365 дена. Значи, движењето што го гледаме е резултат на движењето на Земјата, а не на тоа дека Сонцето кружи околу нас.

Во објавата се прашува „како водата не истекува ако земјата е топка“ а одговорот е едноставен – водата останува на Земјата затоа што гравитацијата ја држи цврсто до површината. Океаните се распоредуваат според гравитацијата, па затоа ја обвиткуваат Земјата наместо да „истечат“.

Исто така, гравитацијата на Земјата е доволно силна за да го надмине ефектот од нејзиното вртење, па водата не се исфрла во вселената.

За теоријата на заговор за „рамната Земја“ постојат научни докази со кои таа е побиена.

И не е точно наведеното во објавата дека „пилотите тврдат дека Земјата е рамна“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција