Терминот за избори ќе треба да се договори, без оглед на Уредбата на Владата

Зоран Заев. Фото: скриншот

 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во разговор за медиум даде изјава која ја оценуваме како полувистина:

Во услови кога опозицијата е против свикувањето на Парламентот, кога изборите се распишани, кога (опзицијата-н.з.) не нуди никаква друга алтернатива како да се утврди датумот за изборите, отприлика е јасно тоа што ние го тврдиме, а тоа дека со уредбата со законска сила се замрзнати изборните дејствија, како и решението за свикување на парламентот, кога ќе заврши вонредната состојба ДИК во рок од еден ден е должен да го димензионира рокот за одржувањето на изборите. Јас верувам дека врз основа на Уставот, на законите, ние ќе ги најдеме решенијата кои што ќе не стават во позиција на извесност, да знаат и граѓаните и да знаат и сите кога е соодветно да се оди на избори, под услов, секако, здравствената криза да биде олабавена.

[Извор: СлободнаТВ/Утрински брифинг – интервју З.Заев (од 14.50 мин) – датум: 04.05.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Лидерот на владејачката партија, Зоран Заев, во интервју во кое имаше прашање што со изборите и кога тие би се одржале, ја даде изјавата која сметаме дека е полувистина, поради објективни околности што не зависат од Уредбата со законска сила што ја донесе Владата.

Имено, точно е дека одложувањето на изборите што беа закажни за 12 април како вонредни парламентарни избори се случи поради „виша сила“. Исто така е точно дека Владата, откако беше воведена првата вонредна состојба во март, донесе уредба со која сите изборни дејства до тој момент се замрзнати со денот на Уредбата и иститe ќе продолжат по датумот на истекување на вонрдната состојба:

Спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба. Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување на сила на оваа Уредба се сметаат за важечки – се вели во член 5 од Уредбата.

Тоа би значело дека на 17 мај, ден кога би истекла вонредната состојба прогласена од претседателот Стево Пендаровски, ДИК треба да го одреди датумот за изборите од датумот кога прекинале изборните дејства, на 24 дена пред нивното одржување планирано на 12 април или, со други зборови, изборите да се оддржат на 10 јуни. Но, дали е ова можно?

Прво, правно е нејасно дали ДИК треба да го стори тоа со датумот, или, како што вели, на пример, професор Борче Давитковски од Правниот факултет „Јустнијан Први“ од Скопје, тоа да го стори претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој треба да го поништи првото решение за избоорите и да напише второ, со новиот датум. Од друга страна, според Оливер Дерковски, претседателот на ДИК, е сосема на јасно дека има нејаснотии по ова прашање. Тој најпрво тврди дека Уставниот суд треба да донесе одлука, односно да ја разреши состојбата, а потоа рече дека партиите е најпаметно да донесат одлука.

Утвредниот изборен ден помина. Сега имаме нова ситуација во која треба, најверојатно, повторно со политички консензус на сите политички фактори, да се изнајде решение да се определи нов датум за избоорите за да може ДИК понатаму да го спроеде целиот изборен процесвели Дерковски

Тој во интервјуто уште предупреди дека легитимитетот на изборите би бил доведен под прашање затоа што би имале новонастаната состојба со Избирачкиот список, дека нема доволно време за 24 дена тој да се прочисти и партиите да го одобрат и дека лично тој би можел да даде оставка доколку се донесе такво решение.

Конечно, во толку многу изборни циклуси досега, точниот датум на одење на избори речиси секогаш бил носен со договор меѓу политичките партии.

Исто така е точно, како што вели Заев, дека засега не постои таков консензус. Точно е дека опозицијата, пред сè, ВМРО-ДПМНЕ, поради политички причини бара изборите да не се одржуваат брзо, правдајќи се со корона кризата и опасностите од ширење на заразата. Но, исто така е точно дека ако се спроведе буквално уредбата на Владата, тоа значи дека ќе се доведе во опасност целиот изборен процес. Од опасноста да се распадне ДИК или да се јави потреба за ново именување на член или членови на ДИК, а тие ги именува Собранието, до немање време за реализација на повторната покана до странската набљудувачка мисија, која традиционално ја предводи ОБСЕ.

Оттука, иако формално гледано Владината уредба е јасна во услови на немање договор, сосема е јасно и дека датумот за спроведување на изборите по прекинатиот изборен процес, сепак, ќе треба да го носат лидерите на политичките партии заедно, а дали преку дијалог кај претседателот Пендаровски или со повторно свикување на Собранието, па таму да се носи одлуката, тоа е друга работа. Поради тоа, изјавата на Заев ја оценуваме како полувистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција