Тетово уште е далеку од постигнување колективен имунитет против Ковид-19

Податоците за досегашниот број на вакцинирани во Тетово покажуваат дека овој град е далеку од постигнување на колективен имунитет, кој се постигнува со вакцинирање на поголем дел од населението. Главната медицинска сестра во Тетово во ЦЈЗ, Дрита Зибери рече дека процесот на вакцинација тече непречено и дека досега не се забележани несакани ефекти од вакцините, пишува Порталб.мк.

 

Споредено со другите градови во Северна Македонија, општина Тетово не стои лошо во однос на процентот на вакцинирана популација против Ковид-19. Сепак, овој процент не е доволен за да се постигне колективен имунитет.

 

До сега против Ковид-19 во Тетово е вакцинирано вкупно 33 проценти од населението. Ова го потврдуваат податоците од последниот извештај на Институтот за јавно здравје на Северна Македонија (од 06 – 12.12.2021).

 Извор: Институт за јавно здравје

 

Од почетокот на пандемијата до денес, во Тетово со корона вирусот се заразени вкупно 11.374 лица, од кои 532 го загубиле животот, а вкупно 10.757 се евидентирани како излекувани.
 Извор: Институт за јавно здравје

 

Главната сестра, Дрита Зибери, за Порталб.мк рече дека процесот на вакцинација во Тетово тече непречено, и дека бројот на лица кои секојдневно се вакцинираат не е намален ниту во последните денови.

 

Процесот на вакцинација во Тетово продолжува со исто темпо, дневно се вакцинираат од 300-350 лица, едни ја примаат првата доза, други втората или третата, изјави Дрита Зибери, главна медицинска сестра во ЦЈЗ.

 

Досега, според Зибери, ниту еден пациент не се пожалил од несакани ефекти од вакцините, и додаде дека меѓу тетовчани има многу кои се уште не се убедени дека вакцините се спас.

 

Од почеток на процесот на вакцинација во Тетово немаме ниту еден пациент кој се пожалил на евентуални несакани ефекти од вакцините. Сепак, ние сме народ кој не верува дека вакцините се спас, додаде Дрита Зибери, медицинска сестра.

 

Зошто е важен колективниот имунитет?

Колективниот имунитет се постигнува кога голем дел од заедницата (популацијата) станува имуно на болеста, што исто така го намалува и преносот на вирусот. На овој начин, заштитена е целата заедница – не само оние кои се имуни на вирусот. Како се постигнува колективен имунитет? Постојат два главни начини на постигнување на колективен имунитет од Ковид-19: инфекцијата и вакцините.

 

Природно инфицирање

Колективниот имунитет може да се постигне кога голем дел од инфицираното населението ќе се опорави од вирусот и ќе развие заштитни антитела кои ќе му послужат како одбрана во случај на идна инфекција. Но, ваквото постигнување колективен имунитет со себе носи и низа проблеми, кои ги загрозуваат лицата кои се најосетливи на вирусот.

 

Реинфекција – сè уште не е јасно колку долго трае заштитата од корона вирусот од моментот кога ќе закрепнете. Затоа што, дури и ако имате антитела, пак може да се заразите со Ковид-19.

 

Колективен имунитет преку вакцинација

Колективен имунитет може да се постигне и доколку голем дел од населението се вакцинира против вирусот и на тој начин развие заштитни антитела во случај на идна инфекција. За разлика од природниот метод, вакцините создаваат имунитет без да мора да се прележи болеста и на тој начин да се избегнат можни компликации. Со овој метод на постигнување на колективен имунитет, вакцините успешно ги контролираа заразните болести во минатото. Колективниот имунитет овозможува заштита на населението од болести, вклучително и на оние кои не можат да се вакцинираат, како што се новороденчињата или оние кои имаат други здравствени причини да не го прават тоа.

 

Инаку, преносот на инфекцијата меѓу жителите престанува кога ќе се вакцинира голем процент од нив. За да се создаде колективен имунитет, идеално е да се вакцинира над 90%, но не помалку од 50% од населението. Ако процентот на вакцинација е помал, тогаш вирусот продолжува да циркулира меѓу луѓето и од време на време да предизвикува тешки последици кај кај лицата кои се по осетливи на него.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција