Тетовци сѐ уште чекаат јавен градски превоз

Фото: Телма ТВ

Од Министерството за транспорт и врски, пак, за „Вистиномер“ ни потврдија дека барање за автобуси од Општина Тетово немаат во нивните архиви, но не можат да потврдат дека ветување на градоначалничката на Тетово, усно и било дадено од некој од претходните министри. Велат дека законски Министерството ниту има автобуси на располагање, па да ги распределува, ниту, пак, има соодветна одлука на Влада или на ЈСП „Скопје“, за отстапување на автобуси на Тетово

 

 

Проект: Јавниот превоз на Тетово ќе се организира во системот на модерен интегриран градски и урбан транспорт. Меѓуградски, со редовни линии во урбаните заедници и меѓуградски, кои ќе ги користат заедничките станици.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Овој проект го најави во својата Програма за локалните избори 2013 година „Заедно градиме“  градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи.

Во ноември  2014 година Советот на општина Тетово донел Одлука за основање на Јавно претпријатие за јавен превоз што може да се види во Службениот гласник на Општина Тетово бр.17/2014, (страници 9-13), објавен на 19.11.2014 година:

Јавното претпријатие се основа за вршење на дејноста јавен градски и приградски превоз на патници.Основач е општина Тетово. За основање и почеток со работа на јавното претпријатие основачот вложува парични средства во износ од 1.500.000 денари.

Но, јавно претпријатие сеѐ до 29 февруари 2016 година не е профункционирало. Тетовските советници на 29 февруари 2016 година на  35. седница на Советот на Општина Тетово го изгласале Управниот и Надзорниот одбор на Јавното претпријатие за јавен превоз „Тетово транспорт“.

На 29 февруари 2016 агенцијата „Мета“ објави текст со наслов: „Годинава во Тетово ќе почне да функционира јавно претпријатие за јавен превоз“ во кој информира дека е избран Управен и Надзорен одбор на претпријатието „Тетово транспорт“. На седницата, Претседавачот на Советот, Исен Џемаили, изјавил дека очекува „јавното претпријатие да почне да функционира годинава (2016), кога се очекува Министерството за транспорт и врски да му одобри неколку автобуси, со кои ќе стопанисува“.

На седницата градоначалничката Арифи изјавила дека:

Нашето барање е испратено до Министерството за транспорт и врски, а потоа и до Владата на РМ, но досега немаме добиено одговор. Но, без разлика на тој факт ние го формиравме Бордот на Јавното претпријатие и јас мислам дека треба да да бидеме поддржани во ова наше барање, бидејќи Тетово е вториот град по големина во РМ, а градот нема јавен сообраќај. Би било коректно, како со примерот на град Скопје, така и Тетово да добие ваква поддршка од Владата.

Од таа нејзина изјава до сега нема никаква позитивна промена во реализацијата на  јавниот превоз во Тетово. Тоа го покажуваат и текстовите објавени во медиумите.

На 2 јануари телевизија „Алсат-М“ во прилог со наслов „Арифи повторно вети градски превоз во Тетово“ пренесува изјава на градоначалничката на Тетово во која таа вели дека Општината со своите сили ќе го реши овој проблем.

Граѓаните на општина Тетово имаа можност да се убедат дека ние она што го кажуваме и го правиме. Ова јасно го покажавме со компанијата за паркинзи која е основана пред една година и за помалку од една година, всушност, почна да функционира. Ќе најдеме начини, јас не сакам да прејудицирам кои ќе бидат начините, но ние ќе работиме за да го претвориме овој град во град .

Од Министерството за транспорт и врски, пак, за „Вистиномер“ ни потврдија  дека барање за автобуси од Општина Тетово немаат во нивните архиви, но не можат да потврдат дека ветување на градоначалничката на Тетово, усно и било дадено од некој од претходните министри. Велат дека законски Министерството ниту има автобуси на располагање, па да ги распределува, ниту, пак, има соодветна одлука на Влада или на ЈСП „Скопје“, за отстапување на автобуси на Тетово.

Ваков одговор на  28.03 2017 година добила и тетовската телевизија и радио КИСС:

Од Министерството тврдат дека не располагаат со документ – Барање на општина Тетово за добивање на донација автобуси за јавен градски превоз – од причина што Министерството за транспорт и врски не располага со автобуси и нема надлежност да донира автобуси на единиците на локалната самоуправа.

На почетокот на 2017 година градоначалничката на Тетово го менува својот став и сега веќе најавува дека градскиот јавен превоз во Тетово ќе го реализира Општината.

Граѓаните на општина Тетово имаа можност да се убедат дека ние она што го кажуваме и го правиме. Ова јасно го покажавме со компанијата за паркинзи која е основана пред една година и за помалку од една година, всушност, почна да функционира. Ќе најдеме начини, јас не сакам да прејудицирам кои ќе бидат начините, но ние ќе работиме за да го претвориме овој град во град. (Алсат-М).

Дека Тетово нема градски превоз се уверивме и ние при посетата на градот, а тоа го потврдија и граѓаните и Општината Тетово кои тврдат дека три години чекаат да се востанови градски превоз, кој сѐ уште се врши само со такси, Од сето ова може да се заклучи дека ветувањето не е реализирано, иако е формирано јавно претпријатие кое треба да го организира превозот.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција