Тијана Дапчевиќ и доктор Игор Николов злоупотребени во лажна реклама за „препарат против инконтиненција“
Видеото во објавата е креирано со помош на вештачка интелигенција и во него е злоупотребена пејачката Тијана Дапчевиќ, на која ѝ е припишана изјава која никогаш не ја дала. Вистиномер го пронајде вистинското видео од Дапчевиќ од кое се преземени кадри и потоа преработени со техники за графичка манипулација за да се додаде сосема измислен говор. Доктор Игор Николов кој е споменат во видеото воопшто не е гинеколог, тој е субспецијалист нефролог и никогаш нема промовирано никаков препарат против инконтиненција. Доктор Николов на својот Фејсбук профил потврди дека се работи за фабрикувана и невистинита содржина во која е злоупотребено неговото име
Видеото во објавата е креирано со помош на вештачка интелигенција и во него е злоупотребена пејачката Тијана Дапчевиќ, на која ѝ е припишана изјава која никогаш не ја дала. Вистиномер го пронајде вистинското видео од Дапчевиќ од кое се преземени кадри и потоа преработени со техники за графичка манипулација за да се додаде сосема измислен говор. Доктор Игор Николов кој е споменат во видеото воопшто не е гинеколог, тој е субспецијалист нефролог и никогаш нема промовирано никаков препарат против инконтиненција. Доктор Николов на својот Фејсбук профил потврди дека се работи за фабрикувана и невистинита содржина во која е злоупотребено неговото име
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:
Tijanа Dаpčević: Мојата мајка го криеше тоа дури и од сопственото семејство! Но јас најдов решение за кое докторите молчат. Денес таа се смее без страв и живее без нагони.
Во склоп на објавата е презентирано видео коешто не е веродостојно и е креирано со помош на вештачка интелигенција и во него е злоупотребена пејачката Тијана Дапчевиќ, на која ѝ е припишана изјава која никогаш не ја дала. Со помош на монтажа на гласот, неа ѝ е припишано цело сведоштво кое е измислено. Во измислениот говор кој ѝ се припишува на Дапчевиќ се вели:
Мајка ми почна да ја пере својата долна облека навечер за никој да не забележи. По еден искрен разговор таа призна дека страда од уринарна инконтиненција. Плачеше, чувствуваше срам и велеше дека старее. Дека ништо веќе не може да се направи, дека така ќе биде до крајот на животот. Се обрати во болница за помош но лекарите ѝ понудија само операција со ризик да остане инвалид. Не можев само да седам и да гледам. Подоцна дознав за вас доктор Игор Николов. Се покажа дека вие сте најдобар гинеколог во нашата земја и дека веќе имате помогнато на илјадници жени да се справат со инконтиненцијата. Ми објаснивте дека вистинскиот проблем не е во мочниот меур туку во мускулите на карличното дно кои го изгубиле тонусот и повеќе не можат да ја задржуваат урината дури ни при кивање и смеење. Рековте дека тоа се случило поради стареење, стрес и лекови без рецепт што ги земала мајка ми. Но потоа ми дадовте средство што на природен начин ги активира мускулите на карличното дно целосно отстранувајќи ја уринарната инконтиненција. По 1 месец мајка ми повторно се насмевнуваше и целосно заборави што е тоа инконтиненција. Не можеше да поверува дека сè се реши толку брзо и ме праша како дознав за тоа средство. Се насмевнав и ѝ го покажав тоа видео, гласат измислените зборови кои ѝ се припишани на Тијана Дапчевиќ во видеото креирано со вештачка интелигенција.
На 50-тата секунда од видеото, во нејзиното излагање се гледа дека тоа е креирано со вештачка интелигенција и поради неконзистентноста на снимката, во делот на лицето и раката на Дапчевиќ. Но и други елементи се доказ дека тоа е лажно и фабрикувано. Прво, доктор Игор Николов кој е споменат во сценариото припишано на Дапчевиќ, воопшто не е гинеколог. Тој е субспецијалист нефролог. И наспроти изнесеното во невистинитиот материјал, доктор Игор Николов никогаш нема промовирано никаков препарат против инконтиненција. И тоа е измислено. Дополнително, Вистиномер го пронајде вистинското видео од Дапчевиќ од кое се преземени кадри и потоа преработени се со техники за графичка манипулација за да се додаде сосема измислен говор.
Исто така, во видеото од објавата што ја рецензираме има измислена изјава која му се атрибуира на доктор Игор Николов. Во изјавата која тој никогаш не ја дал, но е намонтирана така за да изгледа дека е негова, неговото име и репутација се злоупотребени за неетичка промоција на препарат којшто не е поврзан со докторот, ниту пак, е медицински препарат кој тој го промовира. Не е точно дека доктор Николов некогаш изјавил оти „ги нарекува идиоти сите што ја лекуваат уринарната инконтиненција со апчиња без рецепт“. Тој не е гинеколог туку нефролог. Не е точно дека Николов рекол оти „несаканите ефекти од тие апчиња се толку сериозни што ќе ве испратат на другиот свет побрзо отколку што мислите“. Сите овие страшни квалификации и медицински тврдења, се измислени.
Доктор Николов на својот Фејсбук профил потврди дека се работи за фабрикувана и невистинита содржина во која е злоупотребено неговото име.
Почитувани, би сакал да информирам дека ова се лажни сајтови и ФБ профили кои со вештачка интелигенција го злоупотребуваат мојот глас и лик. Сето ова е пријавено кај надлежните институции и се надевам дека наскоро ваквите измамнички сајтови и страници ќе сносат последици, напиша доктор Николов.
Сите граѓани кои имаат здравствен проблем треба да се консултираат со официјални медицински лица од специјалноста за која се однесува медицинскиот здравствен проблем, кои ќе се посветат на нивното лекување и третман во воспоставен јавноздравствен систем или систем во приватни здравствени установи зависно од потребите.
Злоупотребата на познати лекари со високо реноме и стручност и на јавни личности за да се промовираат во нивно име препарати зад кои тие не стојат, претставува манипулативна невистинита и неетичка пракса се поприсутна на социјалните мрежи, особено со појавата на вештачката интелигенција која се злоупотребува на таков начин
Во склоп на самата објава под видеото има линк кој е исто така фабрикуван со злоупотреба на името и логото на Министерството за здравство, за невистинито да се промовира производ кој никако не е поврзан ни со владина програма ни со Министерството за здравство. Тоа може да се види на начин што кога ќе се пристапи на линкот во делот каде е адресата на страницата, воопшто во неа не фигурира Министерството за здравство, кое пак, има своја официјална страница на која никогаш не се рекламираат препарати. Дополнително, во самиот текст има повеќе грешки, во делови се споменува Филипче, а невистинито се прикажува дека интервју наводно дал доктор Игор Николов.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар