Типичен пример на инквизициско новинарство

Rizaov-21-09876-098-crop-resize

 

[Рецензија: Ерол Ризаов ги задоволи Грците: Македонија била диктатура без слободни медиуми!?]

 

Убаво рече еден мој колега – имаме пример на инквизицско новинарство, а јас би дополнил со елементи на кукавичлук, бидејќи станува збор за непотпишан текст, кој, без да имаме каква било дилема за тоа, всушност, врши „отстрел на колега“ кој нема врска со новинарство. Текстот силно мириса на анимозитет базиран на лични основи, иако се прикажува како некаква си анализа на професионалноста на споменатиот новинар. Имаме сè: од навреди, обвинувања за предавство, коментар, а најмалку од сè информација.

2Линк до оригиналниот напис: Ерол Ризаов ги задоволи Грците: Македонија била диктатура без лободни медиуми!?

Датум и време на објавување: 10.01.2014, 13:08

Датум на рецензирање: 11.01.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

МЕДИУМСКИ ОБЕДИНЕТ ОБВИНИТЕЛЕН АКТ И ПРЕСУДА

Ова е најдобар или, ако милувате, најлош пример за тоа до каде е дојдена ситуацијата во медиумската сфера во земјава. Имаме спружување „на насловна“ на новинар од страна на друг медиум поради неговите јавно изнесени ставови во едно телевизиско интервју, кои биле пренесени во грчкиот печат и тоа за некого е доволно да каже дека „Ризаов ги задоволил Грците“. Па, чекајте, нели со слободата на говорот, како што вели владејачката постава, нема проблеми.

Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислатaЧлен 16 од Уставот на РМ.

Ако и во практиката е така, тогаш што сака овој напис да постигне?! Можеби да предупреди дека наспроти погоре кажаното „некој чита, гледа и следи сè“ како што било во минатото и затоа треба да се внимава на тоа што јавно зборуваме зашто ќе следи некаква форма на санкција, па макар и ваква, медимуска, или, пак, сака да се воведе некаков си норматив за тоа што е општествено (би рекол за партијата) полезно и одговорно? Кој тоа на некој медиум му ја дал силата, правото, па дури и ароганцијата да биде обвинител, судија и порота, сè во исто време и на исто место бидејќи ова што овде го читаме е и обвинителен акт и пресуда. Апсолутно недозволиво. Отсекогаш сум сметал дека главен судија за квалитетот или нечинењето на еден новинар треба да биде публиката. Таа е конечниот суд пред кој сите ние секојдневно одговораме преку тоа дали изнесуваме факти, аргументи, дали кредибилно информираме, дали ги почитуваме професионалните критериуми и демократските принципи, дали ја кажуваме вистината или, просто кажано, дали работиме онака како што треба. Многу често во ваквото наше функционирање се судираме со интересите на оние кои се на власт, кои сигурно сметаат дека поинаку треба да се прават нештата. Е, тука доаѓаме до поентата, бидејќи мене ми личи дека ставовите на нападнатиот новинар не му одговарале баш некому на „функција“ и затоа биле впрегнати „извршители“, во овој случај медиумски, за тоа јавно да се каже и прикаже. Повторно пример за нечија продолжена медиумска маша.

Неколкупати сум рекол дека не сакам да бидам ничиј новинарски бранител и дека ова што го изнесувам има врска само со одбрана на еснафот и на дигнитетот на професијата кои сметам дека во овој случај се повредени. Зошто ако имаш позиција, еве, како новинар, против владата, веднаш си со опозицијата? Може ли да мислиш спротивно од политичкиот естаблишмент и да не бидеш бележан како нечиј? Во земјава, изгледа не!

Не е првпат, а како што тргнало ниту последен, за „сецирање“ и за јавно „лепење на тапет“ за предавство поради зборување работи кои „ѝ одговарале на Грција“. Наклеветениот колега, ќе се осмелам да кажам, ветеран во занаетот, со свои зборови ја пренел ситуацијата во медиумите која ја нотираше и, еве нема да одиме подалеку, Европската комисија (ЕК) во своите редовни годишни документи за Македонија. Каква врска има спорот за името и грчката блокада со, како што заклучува Брисел, влошувањето на ситуацијата со слободата на медиумите“? – Одговорот е никаква, ама тоа некој намерно го користи како аргумент! Значи, треба да се правиме улави дека во медиумите сè е розово зашто во спротивност тоа Атина ќе го искористела?! Тоа треба да е грижа на оние кои ги доведоа медиумите во таква ситуација, а на Грција што ќе ѝ се мислења на новинари од Македонија, за, нели, да ја зацврсти својата позиција, кога сè што треба да направи е само да ги цитира документите на ЕУ и на ЕК.

 

„МАСАКРИРАН“ КОДЕКСОТ НА НОВИНАРИТЕ

Да бидеме искрени, овој конкретен материјал има многу малку врска со новинарство. Во него се прекршени цела низа правила наведени во Кодексот на новинарите. Имаме подметнување на класичен, ќе повторам, непотпишан коментар, пласиран како некаква си информација.

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот – член 13 од Кодексот.

Стилот е непримерен:

Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката – член 15 од Кодексот.

И, конечно, прекршен е и овој член:

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги – член 16 од Кодексот.

Ако би се обиделе некако преку математички јазик да го опишеме овој текст, тогаш тоа би изгледало отприлика вака: коментар+пресметка+непримерен јазик+пристрасност+извртување на ситуацијата=целосно некридибилен медиумски материјал. За жал, ваквите написи поминуваат. Прашањето е до кога?!

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција