Тоа што во украинската војска се борат и лица од САД не значи дека САД и Русија се во војна

Фото: Принтскрин видео

Објава на Фејсбук ги обвинува САД за водење на необјавена војна против Русија, а како доказ за тоа нуди клип, кој говори за загинувањето на Американецот Кори Џон Навроцки и некои негови соборци при упадот во руската Брјанска Област од соседна Украина на 27.10.2024 г. Меѓутоа, објавата го премолчува фактот дека Навроцки бил странски доброволец во украинските сили, а не припадник на американските, кои во тој конфликт воопшто не учествуваат. Што е за право, Навроцки 20 години бил американски маринец, но до 2021 година, што значи не загинал во активна служба на САД

Објава на Фејсбук ги обвинува САД за водење на необјавена војна против Русија, а како доказ за тоа нуди клип, кој говори за загинувањето на Американецот Кори Џон Навроцки и некои негови соборци при упадот во руската Брјанска Област од соседна Украина на 27.10.2024 г. Меѓутоа, објавата го премолчува фактот дека Навроцки бил странски доброволец во украинските сили, а не припадник на американските, кои во тој конфликт воопшто не учествуваат. Што е за право, Навроцки 20 години бил американски маринец, но до 2021 година, што значи не загинал во активна служба на САД

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук споделува клип проследен со следниве зборови:

Дали конгресот или претседателот на САД како командант на воените сили на САД им имаат објавено војна на Русија штом американски војници гинат во Украина?

Во објавата и клипот во неа, САД се обвинуваат за водење на необјавена војна против Русија, а како доказ за тоа се наведува загинувањето на Американецот Кори Џон Навроцки и некои негови соборци при упадот во нејзината Брјанска Област од соседна Украина на 27.10.2024 г.

Меѓутоа, тука се премолчува фактот дека Навроцки бил странски доброволец во украинските сили, а не припадник на американските, кои во тој конфликт воопшто не учествуваат. Никакви руско-американски битки таму не се водат, па нема што објавата да бара одговорност од конгресот и претседателот на САД. Што е за право, Навроцки 20 години служел како американски маринец, но до 2021 г. Тој не загинал во активна служба на САД.

И, САД не ја нападнаа Русија, туку Русија ја нападна Украина уште во 2014 г. со инвазијата врз Крим и со испраќањето на агенти како Игор Гиркин-Стрелков, кои ја поттикнаа војната во Донбас. Две години подоцна, со претседателскиот указ бр. 248/2016, Украина дозволи странци да служат во нејзините сили, а откако на 24.2.2022 г. Русија прејде во сеопфатна инвазија врз Украина, таа создаде Интернационална легија, во која јавно повика да се приклучат борци од разни земји. Како суверена, меѓународно призната и нападната држава, Украина има право да побара помош.

Оние, кои се одзваа на тој повик, не се платеници или наемници – како што тврди Кремљ, ниту, пак, тоа е вклучување во војната на државите од кои тие странци доаѓаат – како што тврди објавата, туку тие се здобиваат со статус на припадници на украинските сили со сите права и обврски кои од тоа произлегуваат. Навроцки загинал како украински војник, исто како и некој од Киев или Харков.

И, тоа не било во некаков напад на САД врз Русија, туку во акција на украинските сили, која била противодговор на агресивните дејства на Русија. Таков упад, додуша поуспешен, Украинците имаа и во нејзината Курска Област.

Треба да споменеме и дека доста странци се борат за Русија, иако не можеме да ги изедначиме со оние кои се борат за Украина, затоа што таа е жртва на агресија, а Русија не е. За Русија се борат: Непалци, Шриланчани, Индијци, Сомалијци, Кубанци и др., па според логиката на објавата, регуларните сили на Непал, Шри Ланка, Индија, Сомалија и Куба водат необјавена војна против Украина? Се разбира дека не.

Тука најчесто се работи за поединци залажани од можноста за заработка, каква што немаат во тие сиромашни земји, а тамошните влади тоа најчесто не го одобруваат. Исклучок е Северна Кореја, затоа што има сериозни индиции дека таа како држава ѝ испраќа помош во војска на Русија.

С. Кореја го прави тоа без да ѝ објави војна на Украина, а војна ѝ нема објавено дури ни Русија. Токму Русија и С. Кореја се оние кои сега водат необјавена војна, а не САД. Руските власти дури им забрануваат на граѓаните оваа војна да ја наречат „војна“ и жестоко казнуваат за тоа, а инсистираат на еуфемизмот „специјална воена операција“. Смислата на тоа е избегнување на одговорноста за водење на агресивна војна (што е кршење и на меѓународното и на руското право), како и избегнување на правилата за војување, а тој еуфемизам е полезен и за манипулирање со руските граѓани дека сè е во најдобар ред, дека нема никаква војна и сл.

Лагата за учеството на САД во конфликтот ѝ служи на Русија за да ги оправда своите порази. Таа суперсила беше поразена во битките за Киев и Харков, а го загуби и единствениот областен центар, кого го освои во сеопфатната инвазија – Херсон. На Русија исто така ѝ беше потопен крстосувачот Москва и доста ѝ беше гаѓан градот Белгород, па дури и престолнината. На крај, Украинците зазедоа делови од Курската Област, што е прв странски воен упад во Русија по 1941 г.

Но, да се обвинуваат САД за напад врз Русија врз основа на неколкумина загинати Американци е апсурдно, а ако таму се водат руско-американски битки, доказите за тоа би биле побројни: би имало многу повеќе загинати, заробеници и сл. САД тешко дека би извршиле напад врз една нуклеарна сила. Тие избегнуваат претерано да ја провоцираат Русија и затоа ѝ наложуваат ограничувања на Украина околу примената на оружјето кое ѝ го даваат.

И, ако САД ја нападнале Русија, таа треба да ги прекине дипломатските односи со нив и евентуално да примени нуклеарно оружје против нив или во најмала рака треба да ја алармира ООН за нападот, но Русија тоа не го прави. А, ако САД баш мораат да ја нападнат Русија, тоа не мора да се прави од Украина, туку може од НАТО-членките, кои се граничат со Русија, како: Полска, Литванија, Латвија, Естонија, Финска или Норвешка.

Од сето досега наведено заклучуваме дека тука нешто навистина се случило, т.е. некои Американци навистина загинале, само објавата и клипот вметнат во неа даваат искривена слика за настанот и премолчуваат битни детали за истиот, па оценуваме дека објавата страда од недостаток на контекст.

 

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција