Тодоров напразно се фали – и претходниците вработувале во здравството
Може да се утврди дека од годината пред да дојде на чело на Министерството за здравство, во јавното здравство во РМ биле вработени 18.5 илјади вработени, а на крајот од 2016 година има вкупно околу 20 илјади вработени или 1,5 илјади вработени повеќе или приближно исто колку што имало и во 2006 година.
Министерот за здравство и пратеник, Никола Тодоров, гостувајќи во разговор за Телевизијата 24 и зборувајќи за тоа дали има или нема одлив на лекари во здравството, меѓу другото ја даде следнава изјава која ја цениме како невистинита:
…Од друга страна, јас додека сум министер, здравството е зајакнато од аспект на човечките капацитети за околу 5.000 нови вработувања. Тоа значи дека е сериозно пополнет „гапот“, односно јазот кој што е направен во минатото, кога воопшто не се водело сметка за човечките потенцијали во здравството…
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Не може лесно да се утврди дали е вистина или не е тврдењето на Тодоров дека од 2011 година до сега вработил 5.000 лица во секторот на јавното здравство. Но, може со сигурност да се утврди, дека во минатото, пред „неговото време“, вклучувајќи ја и последната година од владеењето на СДСМ – 2006 г., постоел „гап“, односно јаз во човечкиот кадар, и не е точно оти не се водело сметка за човечките потенцијали како што вели министерот и пратеникот Тодоров.
Ова тврдење е засновано на истражувањата на јавните податоци што ги поседуваат две институции – Фондот за здравствено осигурување на РМ и Министерството за информатичко општество и администрација. Бројките покажуваат дека, сè додека не дошол Тодоров, вкупниот број на вработени варирал од околу 20.7 илјади вработени во времето на СДСМ до 18.1 илјади вработени во годината после тоа, што е разлика од околу илјада и шестотини лица. Но, веднаш после тоа, бројките почнале да растат, така што Тодоров го наследил Министерството со околу 18,5 илјади лица:
- 2006 – Вкупно 19.765 14.980 медицински, 4785 немедицински
- 2007 – Вкупно 18.120 13. 951 медицински, 4169 немедицински
- 2008 – Вкупно 18.960 14. 578 медицински, 4.382 немедицински
- 2009 – Вкупно 18.563 14.180 медицински, 4.383 немедицински
- 2010 – Вкупно 18.448 14.021 медицински 4.427 немедицински
- 2011 – НЕМА податоци во годишниот извештај на ФЗО
- 2012 – НЕМА податоци во годишниот извештај на ФЗО
- 2013 – НЕМА податоци во годишниот извештај на ФЗО
- 2014 – НЕМА податоци во годишниот извештај на ФЗО
- 2015 – НЕМА податоци во годишниот извештај на ФЗО
- 2016 – Вкупно 19. 991, од Годишниот Извештај на Министерството за информатичко општество и јавна администрација за 2016 г. (стр.40)
Тука, кај последниот извор, се додава дека ја има само вкупната бројка на вработени, а не и на кои работни места, бидејќи, пред сè во здравството, се доцнело со новите систематизиции на работните места и замена на старите со новите звања, според Каталогот на работни места.
Од прегледот по години, исто така, може да се забележи дека откако е Тодоров министер, има сосема малку видоизменета структура на Извештаите на ФЗО, но бројките на вработените во јавните здравствени установи веќе не се наведуваат.
Но, како и да е, може да се утврди дека од годината пред да дојде на чело на Министерството за здравство, во јавното здравство во РМ биле вработени 18.5 илјади вработени, а на крајот од 2016 година има вкупно околу 20 илјади вработени или 1,5 илјади вработени повеќе или приближно исто колку што имало и во 2006 година.
Оттука, цениме дека изјавата на Тодоров дека постоел „гап“ или јаз од претходно неодговорно однесување во однос на човечкиот кадар, па тој морал да го пополнува со 5 илјади вработувања е невистина. Тодоров можеби вработил 5.000 луѓе, но не поради тоа.
Одливот на лекари во приватното здравство и во странство е можеби поголем отколку што прикажува Тодоров, но и тука нема точен, туку само приближен податок. Последниот е според истражување на Хелтгрупер, при што според изјава на д-р Владимир Лазаревик, раководител на проектот и специјалист по здравствен менаџмент, се проценува дека од Македонија во годините од 2012 до 2015 заминале околу 500 лекари.
Заклучокот би бил дека одливот на лекари и друг медицински кадар од јавното здравство во Македонија е поголем од колку што тоа властите го прикажуваат во јавните изјави (конечно, може да ги избројат ако сакаат до последен, бидејќи имаат инструменти за тоа). Инаку, другиот фактор би бил дека луѓето си даваат откази без да најдат друга работа или дека заминале во пензија. Но, ова последново е малку веројатно. Ова може да се заклучи од старосната структура на вработените во ЈЗУ за 2016 година, од каде се гледа дека само 24 отсто од вработените се на возраст од 55 до 64 години или околу нешто под 5.000 лица од околу 20 илјади вработени.
Да повториме, Тодоров не наследил толку голем „гап“ или јаз во јавното здравство во РМ поради неодговорно однесување на неговите претходници за да морал да вработи 5.000 луѓе од 2011 до 2016 година. Затоа, ваквата изјава на Тодоров е невиистина.
ИЗВОРИ:
- (08.04.2017) ТВ 24 – Разговор со Никола Тодоров – [Пристапено на 11.04.2017]
- (2006-2015) Фонд за здравствено осигурување на Македонија – Годишни извештаи/кадровска структура во ЈЗУ – [Пристапено на 11.04.2017]
- (2017) МИОА – Годишен извештај 2016 за Јавната сфера во РМ – [Пристапено на 11.04.2017]
- (2016) Вистиномер – Од сите „реформи“ на Тодоров најдобро функционира одливот на лекари– [Пристапено на 11.04.2017]
Оцени: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар