Тони Михајловски не рекламира никаква маст за болки во зглобови

Видеото е направено да изгледа како прилог на вести на македонска телевизија, во него се појавува македонска новинарка, а исценирано е и лажно интервју на Михајловски во кое тој наводно зборува за лекот што му го спасил животот, односно го спасил од инвалидска количка.

Видеото е направено да изгледа како прилог на вести на македонска телевизија, во него се појавува македонска новинарка, а исценирано е и лажно интервју на Михајловски во кое тој наводно зборува за лекот што му го спасил животот, односно го спасил од инвалидска количка

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Токму за време на обраќањето, претставникот на фармацевтската компанија беше брутално прекинат и јавно наречен „убиец во бел мантил“. Ние први обезбедивме ексклузивно интервју со човекот што се осмели на тоа — само за Вести!

Објавата споделува видео во кое се информира дека македонскиот актер Тони Михајловски наводно нападнал фармацевти откако тие го забраниле лекот на извесен доктор Владимир Трајковски.

Видеото е направено да изгледа како прилог на вести на македонска телевизија, а во него се појавува македонска новинарка, а исценирано е и лажно интервју на Михајловски во кое тој наводно зборува за лекот што му го спасил животот, односно го спасил од инвалидска количка.

Станува збор за дип фејк видео што е лесно видливо, имајќи предвид дека се правени фотомонтажи со Михајловски како наводно лежи во болница и е уапсен, а и јазикот што се користи во видеото е мешавина од македонски и бугарски.

Во видеото се појавува и наводно интервју на д-р Трајковски кој зборува за „волшебната“ маст.

Во видеото се злоупотребени видеа од интервјуа на Михајловски и Трајковски во кои тие никако не говорат за никаква маст.

Станува збор за лажна реклама и лажно видео, за што на Фејсбук реагираа и д-р Трајковски и актерот Михајловски.

Почитувани посетители,

Најостро го демантирам лажното видео кое кружи на ФБ, каде актерот Тони Михајловски се повикува на мене дека давам лекови за болки во зглобови, реума и слично. Ве молам НЕ наседнувајте на вакви ЛАЖНИ ВЕСТИ!, пишува д-р Трајковски.

Тој објави и втор демант:

Почитувани пациенти,

Денес, добив дваесетина пораки претежно од непознати луѓе, иако имаше и познати кои сепак наседнале на лажните вести дека јас, имам некоја волшебна маст за дискус хернија, за воспаление на зглобови, за спондилоза и сл. Јас, ве разбирам дека си имате мака, но за жал има болни умови кои заради профит злоупотребуваат туѓи идентитети. Во случајот мојот и на актерот Тони Михајловски. Како доктор и како паталец за спондилоза можам само да Ви го препорачам лекот Уримил или Уримил форте. Од оваа реклама немам никаква финансиска корист! Останете ми во подобро здравје од сегашното!

Реагираше и Михајловски:

Рекламата со мене за некаков лек за било што е ЛАЖНА. Вештачка интелигенција. Освен делот у некое собрание кај што “тепам” некои пратеници. Едноставно, сечено, лепено и монтирано.

Во моментов сум на снимање на нови реклами за еден клиент и нив наскоро ќе ги видите. До тогаш не наседнувајте на се што ќе се исправи пред вас:).

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција