Топ 5 неостварени економски ветувања во 2018

 

За предвремените парламентарни избори (декември 2016)  СДСМ даде крупни ветувања од областа на економијата, а добар дел од нив имаа рок на реализација во првите шест месеци или во првата година од мандатот на новата Влада. Такви се, на пример, ветувањата: потранспарентен и контролиран систем на јавни набавки, фискален совет кој ќе ги оценува фискалните политики, намалување на драконските казни за компаниите, нова закон за работни односи и трет мобилен оператор, кои во годината што изминува (2018) не успеа да ги исполни.

 

Пишува: Рада – Исовска Маневска 

  1. Драконските казни сѐ уште се во сила

СДСМ во Планот за живот (страна 211) вети, а Владата прифати да ги намали драконските ригорозни казни кои во минатото се злоупотребуваа за затворање и уништување на фирмите. И ова ветување требаше да биде реализирано во првата година од изборот на владата, но досега не е остварено.

На почетокот на декември (2018), министерката за правда Рената Десковска на прес-конференција соопшти дека во владина процедура влегуваат измените и дополнувањата на Законот за прекршочна постапка. Беше соопштено дека казните ќе бидат правични и сразмерни, ќе се направи градација помеѓу мали, средни и големи претпријатија, а целта е да се поттикнат правичност и почитување на законите. Казните за малите и средни претпријатија ќе се намалат дури за 60 отсто.
Малите фирми ќе плаќаат пониски казни во однос на поголемите компании. За фирмите, при одмерување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, бројот на вработени и претходни санкционирања за исти или слични прекршоци.
За малите фирми според новиот закон минималната глоба ќе биде 50 евра, а максималната глоба ќе изнесува 2 000 евра, а за средните и големите компании казните се намалуваат за два и пол пати од 250 минимална до 10.000 максимална казна.
Законските измени предвидуваат намалување на казните за физичките лица за 75 отсто и ќе изнесуваат од 15 евра минимална до 250 евра максимална глоба.

Измените на Законот за прекршочна постапка покрај владината, треба да ја минат и собраниската процедура.

2. Не е донесен закон за јавни набавки – не е олеснет пристапот до јавни тендери

СДСМ вети дека Владата ќе донесе нов закон за јавни набавки за да се надминат состојбите во кои јавните набавки беа поттик за привилегиран однос за одредени компании, а најниската цена беше главниот услов за добивање на набавката. Меѓутоа, досега не го исполни ветеното.

 


ПОГЛЕДНЕТЕ ГО И ОВА:

ТОП 5 ОСТВАРЕНИ економски ветувања во 2018


 

Законот за јавни набавки дури при крајот на годината се најде на расправа на 66 седница на Собранието во прво читање. Законот е подготвен во заеднички проект на Европската унија и на него се работи скоро цела година. Министерство за финансии определи рок  во својата „Програма за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021“ дека усогласувањето на законот со ЕУ директиви ќе го направи во 2018 година.
Главна цел на законот е да ја подобри транспарентноста и контролата на набавките и олеснување на постапките. Се очекува да биде донесен следната година.

  1. Не е донесен ниту нов закон за работни односи

Сè уште не е донесен и новиот закон за работни односи во кој меѓу другото е предвидено да се обезбеди вистинска заштита за работниците. Со него дополнително треба да се воспостави регистар за прекувремени работни часови во УЈП, колективните договори треба да станат задолжителни за сите правни субјекти со над 20 вработени, а синдикатите ќе можат да се регистрираат само во Централен регистер.
Главна цел на донесувањето на нов закон за работни односи беа големиот број измени на законот донесен во 2005 година, со кои се скратија голем број права на работниците, наместо тие да се унапредат.
СДСМ во Планот за живот на страна 215 планираше нов закон за работни односи да донесе за шест месеци од изборот на Владата,што значи требаше да почне да се применува од 2018 година, но нов закон за работни односи сѐ уште нема, а нема ниту нацрт и предлог закон.
На крајот на мај годинава министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска рече дека се работи на новиот закон за работни односи. Министерството за труд и социјална политика, најави дека новиот закон за работни односи треба да биде усвоен од страна на Собранието до крајот на годинава, но тој не е во собраниска процедура.

  1. Фискален совет во најава за 2019 година

Ќе формираме „Фискален совет“, како независен орган формиран од страна на Собранието во којшто ќе членуваат истакнати експерти по финансии или економија, со мисија да го оцени кредибилитетот на фискалната политика и да обезбеди нејзина транспарентност и предвидливост. И ова ветување СДСМ во Планот за живот (страна 208) планираше да го реализира во првите шест месеци од изборот на Владата, што значи со примена некаде од почетокот на 2018 година, но досега не го исполни –  и по 18 месеци  од изборот на Владата фискален совет нема.
СДСМ ваков совет бараше и како опозициона партија , бидејќи меѓународните финансиски институции и посебно европската комисија во своите извештаи укажуваше на лошото водење на фискалната политика со висок јавен долг и дефицит кој растеше, наместо да се консолидира.
Но, и покрај се, Фискалниот совет сѐ уште не е конституиран. Министерот за финансии Драган Тевдовски на последната прес-конференција годинава рече дека наредната година очекува да биде донесен нов закон за буџет во кој ќе биде инкорпорирана и оваа алатка.

  1. Трет мобилен мрежен оператор може да се очекува за две години

СДСМ во Планот за живот (страна 212 ) вети и дека граѓаните ќе имаат пониски цени на телефонијата оти ќе се обезбедат услови за влез на трет мрежен мобилен оператор уште во првата година по изборот на Владата, но и ова ветување е далеку од остварување.
Најава дека се прават чекори за влез на трет мобилен оператор, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски даде на почетокот на годината. Тој тогаш рече дека се потребни сет на мерки и измени на неколку подзаконски акти, за да се овозможи изнајмување на државната инфраструктура на приватните компании.
Притоа министерот посочи дека процесот ќе трае, сега е на самиот почеток, а според најавите ќе се води централизирано од страна на ИКТ Советот и ќе трае околу две години.
Размислувањата се, како што и посочи министерот Манчевски, на заинтересираните компании да им се понуди постоечката мрежна инфраструктура што ја има Македонија, со оглед дека нови инвестиции во ваков вид дејност се исплатливи за многу долг рок од 12 години. Тоа значи, како што појасни тогаш министерот, можност за изнајмување под одредени услови на мрежната инфрастурктура на компании како што се МЕПСО, Македонски железници и Македонска радиодифузија.
Оттогаш, нема информација дека се работи на создавање на услови за трет мобилен оператор.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција