ТОП 7 дезинформации за украинскиот претседател Володимир Зеленски

Фото: pixabay.com

Претседателот на Украина, Волдомир Зеленски ја води украинската држава од 2019 година кога извојува убедлива победа над тогашниот претседател Петро Порошенко. Но неговото лидерство за време на руската инвазија врз Украина му донесе глобално признание, но и глобални напади на неговата личност и стана прва мета на дезинформации поврзани со оваа војна која се води повеќе од десет месеци

Претседателот на Украина, Волдомир Зеленски ја води украинската држава од 2019 година кога извојува убедлива победа над тогашниот претседател Петро Порошенко. Но неговото лидерство за време на руската инвазија врз Украина му донесе глобално признание, но и глобални напади на неговата личност и стана прва мета на дезинформации поврзани со оваа војна која се води повеќе од десет месеци.

 

Зеленски стана лице на украинскиот отпор и се обиде да собере поддршка од странство, предупредувајќи дека „нова железна завеса“ се спушта на Европа, додека светските лидери воведуваа сè построги санкции против Русија

Магазинот „Тајм“ ги прогласи Зеленски и „духот на Украина“ за личност на годината за 2022 година. Наградата се доделува за настан или лице за кое се смета дека имало најголемо влијание врз глобалните настани во изминатите 12 месеци.

Откако започна руската инвазија на Украина на 24 февруари, покрај тоа што животот му е секојдневно загрозен затоа што се наоѓа сред воена зона и одби да ја напушти Украина, значително се зголемија и онлајн нападите кон него. Про-Кремљ дезинформаторите се обидуваат да го дискредитираат дека е нацист, кукавица и наркоман и слично. Повеќето од овие тврдења се измислени лаги на кои им недостасуваат докази. За да ги поддржат своите тврдења, пропагандистите објавуваа видеа надвор од контекст, дипфејк видеа или фотошопирани слики.

Во Македонија има огромен пораст на личните напади врз претседателот Зеленски. Нивната единствена цел е да го дискредитираат и на тој начин да помогнат на ширењето на пропагандата на Кремљ.Погледнете дел од пропагандата и манипулациите за Зеленски кои што ги откри Вистиномер и ги дебанкираше во изминатата година.

 

  1. Зеленски избегал од Киев

Уште на самиот почеток на војната, на 25 февруари, еден ден по почетокот на руската инвазија во Украина се ширеше дезинформација дека Зеленски ја напуштил Украина и избегал во Лондон. За да ги демантира овие дезинформации, самиот Зеленски сними видео обраќање од Киев и порача дека не е предавник. Дезинформација дека Зеленски веќе не е во Киев се ширеше и во октомври.

И покрај тоа што Зеленски редовно се обраќа на јавноста од неговата канцеларија во Киев, невистини дека Зеленски ја напуштил Украина и дека е кукавици продолжува да се пропагира, честопати од страна на канали кои пропагираат проруски наративи.

 

  1. Зеленски се фотографирал со фудбалски дрес на кој има свастика

На Фејсбук, уште на почетокот од руската интервенција во Украина, во обидот да се престави Украина дека е нацистичка, се сподели фотографија од украинскиот претседател Волдомир Зеленски како наводно држи дрес на кој има свастика.

Проверувачите на факти на АФП покажаа дека фотографијата е дигитално изменета да го покажува Зеленски фотомонтиран, како држи дрес на кој има свастика. Со прегледување на оваа фотографија со специјален програм за намена да се откријат фотомонтажи, новинарите откриле дека баш во делот околу свастиката има промени во пикселите, што е индикатор дека со фотографијата се вршени видоизменувања, односно дека не соодветствува на оригиналот.

Кога ќе се пребара Инстаграм профилот на Зеленски, се гледа дека оваа фотографија беше постирана на 8 јуни 2021 година со бројот на дресот 95, а не со нацистичкиот симбол.

 

  1. Дип фејк видео манипулира дека Зеленски повикал на капитулација

На 16 март телевизијата Украина 24 беше мета на хакерски напад при што беше објавено видео, во кое наводно, претседателот на Украина, Володомир Зеленски повикува на демилитаризација, поточно да се разоружаат војската и населението. Исто така, во лажното видео беше посочено дека Зеленски најавува капитулација на државата.

По објавувањето на видеото, преку снимка се обрати и украинскиот преседател Зеленски во која го оквалификуваше лажното видео како провокација на Руската Федерација.

И од Службата за безбедносни протоколи на „Мета“- во чија сопственост се социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук, потврдија дека се работи за лажно „дип фејк“ видео кое брзо се рашило на социјалните мрежи.

 

  1. Зеленски вечерал со нацисти од Азов

Украинскиот претседател беше обвинет и дека вечерал со нацисти од Азов, но вистината што се крие позади тоа видео е дека тоа е снимено во 2019 година и станува збор за вечера со воена единица кај селото Золоте во луганската област пред три години.

Во овој случај изманипулиран е преводот на видеото кој е на бугарски. Преводот нема никаква врска со зборовите кои украинскиот претседател и неговите соговорници ги разменуваат, а се однесуваат на сосема различни теми. Во објавата неточно се тврди дека видеото покажува како Зеленски се договара со нацистите да убиваат луѓе како во Буча.

 

  1. Зеленски учествувал на геј парада

Многу вирална објава, на повеќе Фејсбук профили низ светот, беше и фотографијата со која што се тврдеше дека Зеленски учествувал на геј парада. Фотографијата покажува неколку лица како позираат на геј парада, а една личност е со ликот на Зеленски. Но на оригиналната фотографија го нема Зеленски Вистиномер ја побара истата фотографија преку пребарувачот Тин ај и пронајде дека истата е направена во 2006 година, a не во 1999 година, како што се тврди во постот.

Фотографијата која им е сервирана на корисниците на социјалната мрежа Фејсбук е со изменета содржина (altered content) односно фотошопирана со ликот на украинскиот претседател.

 

  1. Зеленски забранил цркви

На социјалните мрежи се појави дезинформација дека Зеленски забранил цркви и опозициски партии и притоа се нарекува опасен деспот. Но, реалноста воопшто не е таква како што се претставува во ова манипулативно тврдење.

Зеленски кажа дека Украина ќе ги ограничи активностите на верските организации поврзани со Русија на нејзината територија и ќе го испита статусот на Православната црква, кој зависи од Московската патријаршија. Во своето обраќање Зеленски рече дека потребен е закон што ќе ги оневозможи верските организации поврзани со центрите на влијание во Руската Федерација да работат во Украина, мислејќи на Украинската православна црква која е под директна контрола на Москва. Притоа во постот намерно се пропушта да се каже дека пред еден месец при рација во манастирскиот комплекс во Киев, Печерска лавра биле пронајдени сомнителни руски граѓани и големи суми пари. Токму поради тоа украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика пратениците да го спречат огранокот на православното христијанство што е под влијание на Москва да дејствува во Украина. Нема никакви санкции, ниту казни за верниците, како што се тврди во постот.

 

  1. Сорос и Зеленски се татко и син

Повеќе пати на социјалните мрежи се ширеа дезинформации за крвно сродство меѓу Зеленски и Сорос, но тие беа побиени од странските проверувачи на факти. Не е јасно врз основа на што се заклучуваат ваквите тврдења кои што не се поткрепени со никакви докази.

Од организацијата за филантропија на Сорос, Отворено Општество, во имејл за „Фактчек.орг“ изјавиле дека „тврдењето дека Џорџ Сорос е во сродство со некој што се појавува на вестите, во случајов украинскиот претседател, било база за многу конспирациски теории во минатото и дека и оваа теорија како и претходните е лажна.

Проверувачите на факти на „Асошиејтед Прес“, исто така,  имаат разоткриено  дека Сорос и Зеленски не се во никаква роднинска врска и дека станува збор за дезинформација.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција