Трагичен настан од Хрватска прикажан како да се случил во С. Македонија

Фејсбук објавата ги наведува корисниците да помислат дека се работи за настан од С. Македонија, но кога ќе се пристапи на линкот споделен во коментар на објавата се дознава дека три тела во напредна фаза на распаѓање биле пронајдени во близина на Пореч, Хрватска.

Фејсбук објавата ги наведува корисниците да помислат дека се работи за настан од С. Македонија, но кога ќе се пристапи на линкот споделен во коментар на објавата се дознава дека три тела во напредна фаза на распаѓање биле пронајдени во близина на Пореч, Хрватска. Ваквите кликбејт објави со лажно пренасочување, се препознаваат по сензационалниот и вознемирувачки наслов кој создава впечаток дека настанот се случил локално

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ВОЗНЕМИРУВАЧКИ вести пред малку – пронајдени 3 мртви тела во куќа попладнево, погледнете на линкот во коментар

Во склоп на објавата има фотографија на која се гледаат лице облечено во медицински скафандер, расфрлан смет, куче и два автомобила. Кога ќе се пристапи на линкот, насловот кој го дочекува корисникот на социјалните мрежи е – „(ФОТО) Вознемирувачка вест се прошири пред малку на социјалните мрежи, пронајдени мртви три тела во куќа попладнево, пријавиле комшиите“. Начинот на кој е презентирана веста, односно најавата и насловот, со јазик на ургентност и вознемирување, ги наведува корисниците на социјалните мрежи да помислат дека се работи за настан кој е во Северна Македонија. Самото тоа што во насловот, па ни во главата на текстот, ниту во најавата на социјалните мрежи не се наведува локацијата, ја прави оваа објава со пропуштен контекст.

Имено, ваквиот кликбејт наслов за информација од црната хроника којашто воопшто не се однесува на Северна Македонија, има за цел да предизвика чувство на ургентност и на љубопитност кај граѓаните, со оглед на тоа што е презентирано дека се работи за нешто многу вознемирувачко. Ваквото импулсивно реагирање на трагични настани, се злоупотребува за да се придобие клик-повеќе, а кога ќе се пристапи во текстот се дознава дека настанот е од Пореч, Хрватска.

„Три тела во напредна фаза на распаѓање биле пронајдени денеска во местото Филипинји во близина на Пореч, во хрватската област Истра соопшти истарската полиција“, пишува во текстот споделен во коментар на објавата

Како што се додава во написот, од полицијата информирале дека вршат увид на местото на настанот, државниот обвинител исто така излегол на терен и се утврдуваат сите околности под кои дошло до смртта на лицата. Според портпаролката на полицијата во моментот не било можно да се идентификуваат пронајдените, бидејќи телата биле во напредна фаза на распаѓање и според првичните информации од истрагата на местото на настанот првично не се забележани траги на насилство. Според неофицијални информации од медиумите, постоела претпоставка дека тие лица не живееле постојано во куќата туку повремено доаѓале од Загреб, а меѓу нив била жена од 70 години и нејзините родители. Соседите станале сомничави откако подолг период слушнале како кучињата во дворот непрекинато лаат и немаат храна, по што повикале полиција. 

Конкретно во објавата е искористена техника наречена „кликбејт со лажно пренасочување“. Станува збор за техника кога насловот создава впечаток дека настанот се случил во вашата држава, но кога ќе кликнете – се покажува дека веста е од сосема друга држава или контекст. Техниките за ова се „вознемирувачки наслов“ и читателот да помисли дека се работи за локален настан. Кога ќе ја отвори веста се покажува дека е случај од друга земја. „Кликбејт со лажно пренасочување“ се прави за повеќе кликови и реклами, за манипулација со јавното мислење и за ширење страв или дезинформации.

Кликбејт вестите со лажно пренасочување најчесто се препознаваат по сензационалниот и вознемирувачки наслов. Често се користат зборови како „шок“, „ужас“, „скандал“ или „итно“, а клучната информација за локацијата се крие длабоко во текстот.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција