Трајко Вељаноски

Трајко Вељаноски, долгогодишен претседател на Собранието на Република Македонија.

 

ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Трајко Вељаноски е роден на 2 ноември 1962 година во Скопје. Оженет е е татко на две деца.

 

ОБРАЗОВАНИЕ

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” ги завршува студиите по правни науки

 

КАРИЕРА

Во 1988 година го полага адвокатскиот испит и истата година отвора самостојна адвокатска канцеларија. Како адвокат работи до почетокот на 1999 година.

 

ПОЛИТИЧКА КАРИЕРА

Своето политичко ангажирање Трајко Вељаноски го започнува во 1993 година со вклучувањето во ВМРО- ДПМНЕ. Партискиот ангажман му е тесно поврзан со правото и легислативата. Така, повеќе години ја води Комисијата за правни работи на ВМРО-ДПМНЕ, член е на Комисијата за политички систем, а исто така го води и Форумот за правни и политички прашања и судски систем на ВМРО-ДПМНЕ.

Во 1999 година е избран за потсекретар во Министерството за правда на Владата на Република Македонија, каде што набргу станува и заменик – министер. Во овој период е и член на Комисијата за претставки и предлози на претседателот на Република Македонија, а исто така е член и на Управниот одбор на Центарот за европски интеграции.

На парламентарните избори во 2006 година Трајко Вељаноски е избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и во тој мандатен период до април 2008 година е претседател на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

На изборите во јуни 2008 година повторно е избран за пратеник, а на конститутивната седница на новиот собраниски состав е избран за претседател на Собранието на Република Македонија.

На изборите во јуни 2011 е избран за пратеник по трет пат, а на конститутивната седница на новиот собраниски состав е реизбран за претседател на Собранието на Република Македонија.

На изборите во април 2014 е избран за пратеник по четврти пат, а на конститутивната седница на осмиот собраниски состав е реизбран, односно по трет пат е избран за претседател на Собранието на Република Македонија.

 

Прислушуваните разговори

Во прислушкуваните разговори Вељаноски е неколку пати инволвиран, како и блиски членови од неговото семејство, со индикации дека и тој ја злоупотребил функцијата.

СЈО нема покренато обвинение против Вељаноски.

Со „Актот за Општа Аболиција“ од страна на претседателот Ѓорге Иванов на 12. 04. 2016 година, Вељаноски е аболиран за едно кривично дело. Трајко Вељаноски не ја прифати одлуката со која и тој е аболициран од страна на Иванов, велејќи дека ниту побарал аболиција, ниту пак има основа да потпадне под таа мерка, но напомена и дека секој човек и секој политичар треба да сноси одговорност за своите постапки и одлуки.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција