Трамп најави сериозна проверка на вакцините, но не кажа дека сигурно ќе се укинат

Трамп на митингот во Феникс, Аризона - јуни 2024 Фото: Gage Skidmore from Surprise, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Објавата тврди дека новоизбраниот американски претседател ќе го укине вакцинирањето на децата. Трамп вакво нешто спомна како опција, но не го најави како конечна одлука. Тој минатиот месец во интервју за Тајм магазинот, рече дека ќе размисли за промена на програмите за вакцинација за децата. Трамп не потврди експлицитно дека вакцините предизвикуваат аутизам, туку изјави дека неговата администрација ќе изврши многу сериозно тестирање, по што сигурно ќе се знае што е добро, а што не

Објавата тврди дека новоизбраниот американски претседател ќе го укине вакцинирањето на децата. Трамп вакво нешто спомна како опција, но не го најави како конечна одлука. Тој минатиот месец во интервју за Тајм магазинот, рече дека ќе размисли за промена на програмите за вакцинација за децата. Трамп не потврди експлицитно дека вакцините предизвикуваат аутизам, туку изјави дека неговата администрација ќе изврши многу сериозно тестирање, по што сигурно ќе се знае што е добро, а што не

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Трамп како прва активност за министерството за здравство ја определи укинување на дувлото на сотоната кое со децении убиваше дечиња со преку десетици ваксајн преку аутизмот, детска парализа, неплодност и др. болести. Тик-так идит бе 20 јануари и се гледа крајот на фармакомафијата.  

Објавата изнесува неколку дезинформации. Прво во неа се тврди дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе го укине вакцинирањето на децата. Трамп вакво нешто спомна како опција, но не го најави како конечна одлука. Имено, тој во интервју за Тајм магазинот, објавено на 12 декември 2024 година, рече дека ќе размисли за промена на програмите за вакцинација за децата.

На прашањето дали би одобрил прекин на програмите за вакцинација за деца, Трамп рече дека ќе има голема дискусија со Роберт Ф. Кенеди, кого го номинираше на чело на министерството за здравство.

Стапката на аутизам е на ниво на кое никој никогаш не верувал дека е можно да биде. Ако ги погледнете работите што се случуваат, има нешто што го предизвикува, рече Трамп.

На прашањето, дали тие разговори би можело да завршат со тоа неговата администрација да укине некои вакцинирања, Трамп одговори:

Би можело, доколку мислам дека тоа е опасно, ако мислам дека не се полезни. Но мислам дека тоа во крајна линија нема да биде многу контроверзно.

Трамп не потврди експлицитно во интервјуто дека вакцините предизвикуваат аутизам, туку изјави дека неговата администрација ќе изврши многу сериозно тестирање, по што сигурно ќе се знае што е добро, а што не.

Значи Трамп со сигурност не потврдил дека ќе ги укине вакцините за децата.

 

Вакцините не убиваат, туку спречуваат смртност

Понатаму, објавата тврди дека вакцините биле дело на сотоната и дека тие со децении убивале деца. Ваквото тврдење не е поткрепено со ниту еден доказ или факт. Наспроти тоа, факт е дека имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу деца и возрасни ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Според СЗО, вакцинацијата е едноставен, безбеден и ефикасен начин за заштита на луѓето од штетни болести, пред да дојдат во контакт со нив. Вакцините ја користат природната одбрана на вашето тело – имунолошкиот систем, за да ги препознае и да се бори против вирусите и бактериите, а со тоа да создаде отпорност на специфични инфекции. По вакцинацијата, ако телото подоцна е изложено на тие микроби што предизвикуваат конкретна болест, веднаш е подготвено да ги уништи, спречувајќи да се развие болеста.

Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење, бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести.

Имунолошкиот систем на бебињата не е целосно развиен при раѓањето, што може да го стави бебето на поголем ризик за инфекција. Вакцините го намалуваат ризикот од инфекција на вашето дете работејќи со природната одбрана на телото за да помогне безбедно да се развие заштита од болести.

Вакцините се тестираат за да се осигур дека тие се безбедни и ефективни за децата да ги примаат на препорачаната возраст. Пред да им се даде нова вакцина на луѓето, се прават опсежни лабораториски тестови. Штом ќе започне тестирањето кај луѓето, понекогаш може да поминат години пред да завршат клиничките студии и вакцината да биде лиценцирана. Откако вакцината е лиценцирана здравствените власти ја следат нејзината употреба и ги испитуваат сите потенцијални безбедносни проблеми.

Благодарејќи на имунизацијата многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи без смртен исход и трајни последици.

 

Вакцините не предизвикуваат аутизам

Трето, објавата тврди дека вакцините предизвикуваат аутизам кај децата, што исто така не е докажано, ниту пак, објвата нуди некакви факти и аргументи кои ќе го поткрепат таквото тврдење.

Не постојат никакви медицински и научни докази кои ги поврзуваат вакцините со аутизмот.

ЦДЦ проценува дека едно од 36 деца има пореметување на аутистичниот спектар (АСД) – сооднос повеќе од четирипати поголем отколку пред две децении (архивирано овде). Истражувачите откриле сличен глобален тренд.

На оваа тема имаат пишувано и странските проверувачи на факти. Канцеларијата за безбедност на имунизација на ЦДЦ во изјава за АФП вели дека вакцините „не предизвикуваат аутизам“.

Безбедноста на сите вакцини внимателно се следи пред издавањето дозволата (лиценцата), а назорот на безбедноста е во тек и по лиценцирањето. Нема податоци што укажуваат на причинско-последична поврзаност помеѓу вакцините и аутизмот, се вели во соопштението на канцеларијата испратено до АФП.

Тврдењата дека вакцините кои се даваат во детството предизвикуваат аутизам датираат од статија од 1998 година објавена во медицинското списание Лансет. Британскиот лекар Ендру Вејкфилд тогаш го поврза вакцинирањето со МРП вакцината (сипаници, заушки и рубеола која обично се дава на доенчиња и мали деца) со аутизам. Сепак, Лансет ја повлече студијата во 2010 година, откако беше откриено дека вклучува фалсификувани податоци. Британските медицински власти подоцна ја повлекоа лиценцата на Вејкфилд да се занимава со медицина, односно неговата лиценца беше одземена.

Повеќе на оваа тема може да се прочита тука.

 

Вакцините не предизвикуваат неплодност

Објавата содржи и тврдење дека вакцините кај децата предизвикуваат неплодност, што исто така не е докажано. Имено, антиваксерите најчесто ја поврзуваат вакцината против ХПВ со неплодноста, односно неосновано тврдат дека оваа вакцина предизвикува стерилитет. Вакцината е тестирана и одобрена од ФДА (Агенција за храна и лекови во САД) и е препорачана од медицински и лекарски здруженија во над 120 земји. Повеќе на оваа тема прочитајте тука.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата шири антиваксерски теории на заговор, неосновано тврдејќи дека вакцините се штетни и предизвикуваат смртност кај децата. Таквите тврдења не се поткрепени со ниту еден доказ. Наспроти тоа, факт е дека имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања. Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција