Трамвајот во Скопје само пуста желба

Трајановски два мандата не успеа да го реализира проектот трамвај во Скопје Фото: Принтскрин

 

ПРОЕКТ: ЌЕ СЕ ПРОДОЛЖИ СО ПОСТАПКА ЗА ИЗГРАДБА НА ТРАМВАЈ ВО СКОПЈЕ

Опис на проектот: Градот Скопје ќе продолжи со постапките за изградба на трамвај во Скопје, по пат на јавно-приватно партнерство. Преку овој проект се очекува ќе се надгради досегашниот концепт на јавен превоз во градот Скопје, кој покажува одделни недостатоци, и ќе се воведе побрз и поголем капацитет на јавен превоз на патници. (Рок: Kонтинуирано)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за изградба на трамвај е неисполнето ветување на градоначалникот на Скопје,  Коце Трајановски,  кое тој го најави  првпат во 2009 година, а потоа и во неговата Изборната програма (2013-2017) „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“, ( во делот Поефикасен и побезбеден сообраќај и јавен превоз, стр 67).

Откако пропаднаа неклку тендери за избор на компанија за изградба на трамвај во главниот град, Трајановски, во март 2015 година го стави проектот во мирување. На 26 септември 2016 година лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, соопшти  дека наместо трамвај, Градот Скопје ќе набави „зглобни дводелни електрични автобуси со дизајн на трамвај“.

Иако се планираше, трамвајот не се реализираше само поради високата цена што ја побараа сите производители и можни концесионери, и со која, за да има приближно иста цена како автобусот, требаше две третини од цената да ја субвенционира државата, што заедно со инвестицијата за копање и за поставување шини, како и за набавка на возилата за трамвај, ќе ја чинеше државата годишна субвенција меѓу 11 и 14 милиони евра во период од 30 години – рече Груевски.

Во Програмата со која Трајановски излезе на изборите  во 2009 година тој вети (стр.9) дека:

Ќе се разгледа можноста да се започне со изградба на трамвај Опис на проектот: Со овој проект ќе се надгради досегашниот концепт на јавен превоз во градот Скопје кој покажува одделни недостатоци и ќе се воведе побрз и покапацитативен вид јавен превоз на патници. Според светските стандарди, овој вид превоз се препорачува за категорија на градови со над половина милион жители, во кои спаѓа и градот Скопје. ( Рок: 2009 – 2012)

Во декември 2012 година Градот Скопје распиша оглас за изградба на трамвајот, а заинтересираните имаа рок за пријавување  до 3 април 2013 година.

Градот Скопје вчера (07.12.2012)  распиша тендер со кој бара концесионер за планираната градска трамвајска линија број 1. Концесионерот ќе треба да ја проектира трамвајската инфраструктура, да изработи оценка за влијанието врз животната средина, да ја изгради првата линија во должина од 12,1 километар заедно со станиците, депото и другата пропратна инфраструктура, како и да набави најмалку 22 трамвајски возила за одвивање на сообраќајот по истата. За возврат, потенцијалниот инвеститор ќе може да стопанисува со системот во период од 35 години, сметано од денот на потпишување на договорот.

На овој конкурс се пријавила само една компанија, норвешкиот конзорциум составен од „П.Ј. Скурдал“ и „Метнит групацијата“. Медиумите тогаш информираа дека:

Доколку целокупниот процес заврши успешно, тогаш норвешкиот конзорциум ќе треба да ја проектира инфраструктурата на трамвајската линија број 1, да изработи елаборат за оценка на влијанието врз животната средина, да ја изгради трасата во должина од 12,1 километри или вкупно 24,2 километри во двата правца, да ги изгради трамвајските станици, депото и другата потребна инфраструктура, да набави минимум 22 трамвајски возила и да го преземе стопанисувањето и одржувањето на системот.

 Првичните проценки велат дека во овој проект треба да се инвестираат преку 240 милиони евра. Ако се склучи договор, тогаш норвешкиот конзорциум ќе ја добие концесијата врз скопскиот трамвај во период од 35 години. Физибилити – студијата предвидува првата трамвајска линија да ги поврзува населбите Ново Лисиче и Ѓорче Петров, минувајќи по булеварот Јане Сандански, централното градско подрачје и булеварот Партизански одреди.

Сепак, овој обид за воведување трамвај пропадна. Во јуни 2013 година Трајановски информираше дека тендерот за изградба на трамвај во Скопје е поништен. Норвешкиот конзорциум „Скурдал и Метнит групација“ во доставената понуда не ги исполнил сите пропишани услови. Скопскиот градоначалник тогаш најави дека во август или  септември  (2013) ќе биде распишан нов повик за јавно – приватно партнерство за реализација на долговетуваниот трамвај.

Во меѓувреме, ќе се консултираме со неколку компании, сè со цел условите што ги бараме да бидат прифатливи ( Трајановски)

Во септември 2013 година градските власти одлучија, најпрвин да се ангажира нова консултантска куќа, а потоа да се објави меѓународен тендер за изградба на долгонајавуваниот трамвај во Скопје.

Огласот за избор на консултант денеска (03.09.20130 е објавен на интернет – страницата на Бирото за јавни набавки. Властите бараат субјект што ќе им дава советодавни услуги за реализацијата на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно – приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и трансфер на трамвајски систем за превоз на патници во Скопје.

Во ноември 2013 година имаше информација дека унгарската компанија „Виалто“ ќе го советува Градот Скопје при изборот на концесионер, како и во постапката за потпишување на договорот со заинтересирана странска компанија што би го изградила трамвајот во Скопје.

Според информациите во медиумите, новиот тендер за изградба на трамвајот беше распишан на крајот од 2013 година, а рокот за аплицирање беше неколку пати продолжен.

Градот Скопје повторно го продолжи крајниот рок за доставување на понудите на заинтересираните компании за изградба на трамвај во главниот град. Инвеститорите се должни да ги достават своите понуди до 3 ноември, по што ќе се пристапи кон нивно разгледување и утврдување дали се задоволени пропишаните критериуми од распишаниот оглас за воспоставување на јавно – приватно партнерство. Ваквиот потег претставува втора шанса за компаниите што имаат интерес да влезат како партнери во проектот, откако веќе беше продолжен првичниот рок за доставување на понудите од почетокот на мај со нов кој истече пред два дена.

Во јануари 2015 година градските власти информираа дека пропаднал и овој тендер за изградба на трамвајот во Скопје.

Денеска (28.01.2016) беше последниот ден за доставување понуди за реализација на капиталниот инфраструктурен проект, но до Градот Скопје не пристигнала ниту една понуда. Крајниот рок за доставување понуди од домашни и странски компании беше продолжен четири пати, но и покрај едногодишното чекање никој не пројави интерес за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и трансфер на лесниот шински превоз.

Во март 2015 година Советот на град Скопје донесе Одлука за поништување на веќе донесената одлука за воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба на трамвај во Скопје. Потрагата по приватен инвеститор за изградба на трамвајски систем во главниот град заврши неуспешно по втор пат, иако од Град Скопје информираат дека тендерската документација ја подигнале 13 фирми. Сепак, ниту една од нив не доставила понуда за реализација на капиталниот проект во вредност од 243 милиони евра. Скопскиот градоначалник тогаш најави дека не се откажува од трамвајот, но истовремено напомена  дека ќе го стави овој проект во мирување.

Градот Скопје нема да се откаже од изградба на трамвај. Имаме контакт со странска компанија која предложи во друга форма да го гради градскиот трамвај, така да Градот Скопје со помош на Владата не се откажува. Но да не се губи време, бидејќи не се знае кога ќе биде тоа, договоривме со Јавното сообраќајно претпријатие да се постават автобуските настрешници со оглед на тоа што тие се монтажни и лесно можат да се постават во руралните делови каде што не е планиран трамвај. Така да тоа нема да бидат залудно потрошени париизјави  Трајановски, но не појасни во која друга форма би можел да се изгради долгоочекуваниот трамвај.

Не би сакал да дискутирам, тоа е еден е тендерски услови. Компаниите нудат други форми, а прашањето останува отворено – рече тој.

Деновиве ( 26.09.2016) лидерот на владејачката партија, Никола Груевски, најави набавка на 30 минибуси и 20 зглобни автобуси на електричен погон, кои би сообраќале на планираната трамвајска мрежа во Скопје и би изгледале како трамвај.

Набавката на 20 зглобни дводелни електрични автобуси со дизајн на трамвај, не само што ќе го постигне истиот еколошки ефект, истиот број на кабини со ист број патници во него, истата брзина овозможена со резервираната лента, исто како кај трамвајот, удобност и слично, туку што е клучната разлика, ќе избегне раскопување на целиот град во период од неколку години, рече Груевски.

Имајќи го предвид сето ова може да се констатира дека изборното ветување за изградба на трамвај во Скопје е  неисполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција