„Транзициското решение“ за измените на КЗ, според експерти, е загрижувачко решение
Измените на КЗ во 2023 г., од кои денес сите „перат раце“, беа скандалозен удар во системската борба против корупцијата во земјата. Измените што беа донесени во средата, како обид да се поправи дел од штетата, според забелешките што ги имаат (само) граѓанските организации обединети во Платформата за борба против корупцијата, е загрижувачко решение што може да донесе голема штета.
Измените на КЗ во 2023 г., од кои денес сите „перат раце“, беа скандалозен удар во системската борба против корупцијата во земјата. Измените што беа донесени во средата, како обид да се поправи дел од штетата, според забелешките што ги имаат (само) граѓанските организации обединети во Платформата за борба против корупцијата, е загрижувачко решение што може да донесе голема штета. Иако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова измените ги нарече „транзициско решение“, останува фактот дека и транзициските решенија носат последици во правниот систем, како што направија и експресните од 2023 година
Пишува: Теофил Блажевски
Во средата (28.01.) Собранието ги усвои измените на Кривичниот законик, кој беше предложен со основна цел да ги надмине штетните последици од измените направени во септември 2023 година и покрај бројните забелешки, како од дел од пратениците, така и од експертите од граѓанските организации (ГО) обединети во Платформа на ГО за борба против корупција (во натамошниот текст Платформата).
Треба да се има предвид дека измените беа изгласани со речиси двотретинско мнозинство, а за нив гласаа дури и пратеници од СДСМ кои имаа бројни амандмани кои владејачкото мнозинство во најголем дел не ги прифати, а пратениците од Левица иако имаа исто така бројни забелешки, не гласаа ни против, туку едноставно не се изјаснија со гласање.
Граѓанските организации како последен механизам испратија апел до Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише текстот и измените да го врати во Собрание, но уште немаше изминато ни 24 часа од веста за апелот, претседателката го потпиша указот.
За Сиљановска-Давкова измените се „транзициско решение“
Во образложението кажано во изјава пред новинари, Сиљановска-Давкова се повика на два елемента – да не се создал правен вакуум и дека станувало збор за транзициско решение:
Значи ги прифаќам овие измени само како транзициски, за да може да имаме исчекор најмногу во поглед на санкционирањето на една од најтажните македонски приказни, врзана за злоупотребите во сообраќајот, со жртви кои апсолутно не може да се толерираат повеќе, во врска со заштитата на жените, бидејќи тоа ми е многу битно, потоа во поглед на квалификуваните дела врзани за злоупотребата на службената положба и јавните набавки, изјави Сиљановска- Давкова (извор тука).
Претседателката потврди дека и таа имала забелешки и дека решението не било совршено, но ќе го толерирала само како транзициско решение. Сепак, јавноста не дозна дали и нејзините забелешки се однесувале на одредбите кои беа поводот и причината за измените на ова „транзициско решение“, а се однесуваат на членот 353, кој е основата врз која се гради борбата против корупција од страна на државата. Но, затоа, експертите од Платформата во апелот уште еднаш укажаа дека слабостите на усвоеното решение се многу сериозни.
Од пониски максимални казни до селективна заштита на јавните фондови
Уште на почетокот од Платформата оценуваат дека „усвоените решенија, наместо да обезбедат правна стабилизација во преодниот период до донесување на целосно нов КЗ, создаваат дополнителна правна несигурност, и ризик од институционална конфузија и натамошно уназадување во борбата со високата корупција“.
По ова се наведени и аргументите врз кои се темели таквиот став на ГО обединети во Платформата:
- Со измените на кривичните дела за злоупотреба на службена положба и несовесно работење (членови 353 и 353-в) се предвидуваат пониски максимални казни во однос на состојбата пред 2023 година, што директно влијае врз казнената политика и врз роковите за застарување на кривичното гонење за тешки облици на корупција и злоупотреба на јавната функција.
- Заштитата на јавните средства во ставот 5 од членот 353 се сведува претежно на злоупотребите во постапките за јавни набавки, и тоа само на еден сегмент од истите, без да се обезбеди сеопфатна кривичноправна заштита од злоупотреба на средствата од државниот буџет, локалната самоуправа и јавните фондови преку други механизми.
- Кај кривичното дело несовесно работење во службата, се укинува јасната инкриминација на несовесно постапување на службени лица во органите на државната управа, што во пракса претставуваше клучна алатка за заштита на правата на граѓаните во управните постапки.
Ризик од повреда на презумпцијата на невиност
По анализите извршени од експертите од ГО, забелешка е ставена и на одредбите кои се однесуваат на конфискацијата, при што се посочува дека со нив се доведува во прашање можна повреда и на правната сигурност и на презумпцијата на невиност:
Предложените решенија за проширената конфискација концептуално и процесно ги мешаат различните модели на конфискација, што е во судир со Законот за кривичната постапка и со меѓународните стандарди, и отвора ризик од нејасна и нееднаква примена, како и од повреди на правната сигурност и презумпцијата на невиност.
Експертите од Платформата имаат забелешка и на мотивот за поддршка на Измените на КЗ (што го кажа и претседателката), а тоа е дека во ист пакет се носат решенија и за борбата со корупцијата и за одредени прашања со заштитата на жените:
Дополнителна загриженост претставува и фактот што измените кои се однесуваат на борбата против корупцијата се носат во ист законски пакет со одредби за усогласување со Истанбулската конвенција и зајакнување на заштитата на жените и жртвите од семејно и родово базирано насилство. Иако овие измени се неопходни и заслужуваат недвосмислена поддршка, нивното комбинирање со суштински и контроверзни промени во антикорупциското кривично законодавство ја отежнува стручната и јавната расправа и создава ризик важните прашања поврзани со корупцијата да не бидат соодветно разгледани во нивниот целосен опсег – наведуваат од Платформата.
И „транзициските решенија“ носат правни последици
Имајќи ги предвид овие аргументи, како и аргументот дека измените се донесени „без соодветни јавни консултации и без систематско вклучување на јавните обвинители и судиите“, имајќи ги предвид и амандманите што ги поднесе дел од опозицијата при расправата во Собранието и оценките што се дадени по изгласувањето, впечаток е дека овие Измени на КЗ се приближно исто контроверзни во делот од борбата со корупцијата, како измените во септември 2023 година.
Во крајна линија, исто како и тие измени од 2023 г. и овие измени , колку и да биле „транзициско решение“, сепак ќе произведат правни последици во системот што ќе се одразат и во секојдневието.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар