Третата доза нема да ги убие луѓето, туку ќе ја зголеми заштитата против „делта“ варијантата на Ковид – 19

Краток пост од само два реда, но кој содржи повеќе од две дезинформации за вакцините против Ковид-19, беше споделен на Фејсбук од лицето Хубејб Нуман. Иако тој тврди дека третата доза на вакцината има за цел „да убива“ луѓе, научните факти силно го демантираат ова тврдење. Третата доза од вакцината е препорачана од компанијата „Фајзер“ и има за цел да ја зголеми ефикасноста на вакцината, посебно против Делта варијантата на коронавирусот. Некои земји веќе почнале да го користат овој метод, пишува Порталб.мк.

Лицето „Хубејб Нуман” тврди дека третата доза од вакцината се зема „за да се убијат“ оние кои не умреле од првите две дози, но тоа не го заснова на ниту еден научен факт туку едноставно објавил само една слика со три вакцини.

„Третата доза е следната препорака на СЗО за оние кои се уште не умреле од двете претходно земени дози. Трета среќа…“, пишува на рецензираниот пост.

Која е вистината за третата доза од вакцината?

Истражувањето на „Фајзер“ покажало дека третата доза од нивната вакцина против Ковид-19 ја зголемува заштитата од „делта“ варијантата, која во моментов неконтролирано се шири низ светот.

Ова истражување е објавено на интернет и е спроведено од самата компанија. Истражувањето покажало дека нивото на антитела против оваа варијанта кај лицата на возраст од 18 до 55 години е пет пати повисоко од нивото измерено по примање на втората доза.

Кај лицата на возраст од 65 до 85 години, по примање на третата доза нивото на антитела било 11 пати повисоко, во споредба со лицата кои примиле само две дози од вакцината.

Истражувањето покажало дека по примање на третата доза од вакцината нивото на антитела е многу повисоко како против оригиналната варијанта на коронавирусот, така и против Бета варијантата.

Што велат експертите за ова?

Професорот на Медицинскиот Факултет, доктор Драган Даниловски, на прашањето дали е неопходно да се прими третата доза од вакцината против „Ковид-19“ во Северна Македонија, истакна дека најпрвин треба да се фокусираме на вакцинирање на целата популација со две дози.

Прво мораме да ги вакцинираме луѓето со две дози. Покриеноста со само една доза за лицата над 50 години е околу 50 проценти. Ова е недоволно. Има време за третата доза со мРНК вакцината“, рече Драган Даниловски за „Слободен печат”.

Ентони Фаучи, врвниот американски експерт за заразни болести, рече дека Американците со ослабнат имунолошки систем, можеби ќе имаат потреба за уште една доза вакцина против Ковид-19.

Пациентите на хемотерапија, со автоимуни заболувања, кои користат имунотерапија, се оние лица кои, доколку се одлучи да има трета доза, ќе бидат меѓу првите што ќе ја примат“, рече Фаучи во интервју за Си-Ен-Ен.

Кој всушност има потреба од трета доза на вакцината?

До сега никој не изјавил дека сите вакцинирани лица со вакцината на Фајзер/Бионтек ќе имаат потреба да примат трета доза од вакцината.

Две фармацевтски компании планираат да развијат дополнителна вакцина за заштита од делта варијантата. Меѓутоа, ако вирусот не претрпи значителни промени како резултат на мутациите, потреба од ревакцинација ќе имаат само лицата со ослабнат имунолошки систем, како што се постарите лица или пациентите кои го одржуваат имунитетот со помош на разни лекови. Ова се резултатите на едно американско истражување за ефектот на третата доза, кое беше спроведено кон крајот на месец јули.

Што содржи третата доза на вакцината?

Таканаречениот „Бустер Ефект” или зајакнувањето на заштитата обично започнува од втората доза на вакцината. Ако вакцинираното лице повторно има контакт со истиот патоген – без разлика дали е тоа преку втората доза или преку инфекција, одговорот на имунолошкиот систем се зајакнува и забрзува.

Оваа реакција започнува со создавање на таканаречени мемориски станици од првата реакција. Мемориските станици го препознаваат антигенот многу побрзо и може да реагираат многу побрзо за да го уништат патогенот. Поради тоа, втората вакцина е многу важна. И токму поради ова многу луѓе кои го прележале вирусот корона, примиле само една доза, бидејќи нивното тело веќе е запознаено со патогенот.

Кај некои вакцини, како што се вакцините за мали сипаници, една вакцина трае цел живот. Други вакцини, како што е вакцината против тетанус, треба да се „обновуваат“ на секои 10 години.

СЗО не е целосно „за“ третата доза, зашто сиромашните земји уште ги немаат ниту првите дози.

Првиот човек на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека не треба да се прават напори за обезбедување на третата доза на вакцините против коронавирус за оние кои се веќе вакцинирани, бидејќи во време кога Делта варијантата „се шири низ целиот свет“, сиромашните земји уште не примиле ни прва доза од вакцините.

Тој на 12 јули рече дека некои здравствени работници кои се на првата линија на фронтот се уште не се вакцинирани.

Неговиот повик доаѓа во време кога многу влади се соочуваат со неприфаќање на вакцините од нивните граѓани и со загриженост поради поинфективните варијанти на коронавирусот.

Разликата во снабдувањето со вакцини против КОВИД-19 во светот е многу голема и нееднаква. Некои земји и региони нарачуваат милиони трети дози пред другите земји да ги вакцинираат здравствените работници и најранливите групи“, рече Тедрос.

Тој ги спомена американските производители на вакцини Фајзер и Модерна, кои планираат да понудат трета доза за да обезбедат подолгорочен имунитет.

Тој сугерираше овие дози да се распределат според шемата КОВАКС на СЗО, чија цел е да се распределат вакцини за сиромашните земји.

Делта варијантата се шири низ целиот свет, предизвикувајќи нови епидемии, нови заразени и мртви“, рече Тедрос.

Некои земји од Европската Унија започнаа со примена на третата доза, а Северна Македонија е уште без став.

Министерот за здравство Венко Филипче, не ја отфрли можноста за примена на третата доза, меѓутоа,  уште нема конкретен план за тоа кога може да се оствари тоа.

Едно од можните сценарија е воведувањето на третата доза, можно е дозата да стане сезонска. Болеста нема да исчезне веднаш и делта варијантата нема да биде последна “, изјавија од Министерството за здравство.

Сепак, претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова, рече дека комитетот се уште нема став по ова прашање.

Штом Комисијата ќе има дефинитивен став за ова прашање, ќе бидете информирани од Министерството за здравство “, рече Александра Грозданова.

Што прават другите држави?

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, рече дека неговата земја ќе понуди опција за примање на третата доза од вакцината против коронавирусот.

За државното радио, Орбан рече дека лекарите ќе одлучат од која вакцина ќе се даде трета доза.

Тој рече дека третата доза треба да се даде најмалку четири месеци по втората доза, освен ако лекарите не советуваат поинаку.

Здравствените власти во Германија се договориле да им обезбедат трета доза од вакцината на ризичните групи, т.е. постарите лица, лицата со коморбидитети.

„Тие се позагрозени и под ризик да им се намали нивото на заштита од вакцината“, велат здравствените власти во Германија.

Примената на третата доза од вакцината во Германија треба да започне на почетокот на септември. Според правилата, оваа доза ќе се даде шест месеци по примањето на втората доза. Вакцините Фајзер и Moдерна се сметаат како можни вакцини за третата доза.

Истите ставови ги делат и Израел, Србија и некои други земји од Европската унија, кои веќе започнаа со изготвување на план за започнување на вакцинација на населението со трета доза на вакцината што според некои студии создава посилна заштита – главно на групите кои се најзагрозени од делта варијантата на коронавирусот.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција