Третина од земјоделското земјиште во Украина не е во сопственост на Дупонт, Монсанто и Каргил

Земјоделски пејзаж од Украина | Андрій Стебелєв, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Објавата изобилува со невистини и испревртување на тезите со кои се прави обид војната во Украина што ја почна Русија, да се стави како товар од кој што самата Украина би можела „да се ослободи“ ако прифатела „мировни услови“. Но тие услови за Украина беа неприфатливи, затоа што се бараше од неа да се откаже од НАТО, да ја намали војската и да стане понатамошна мета на потенцијална руска закана и да се откаже од окупираните територии. Не е точно дека земјоделското земјиште во Украина е продадено во 30 проценти на фирмите Дупонт, Монсанто и Каргил, впрочем таквите продажби се забранети.

Објавата изобилува со невистини и испревртување на тезите со кои се прави обид војната во Украина што ја почна Русија, да се стави како товар од кој што самата Украина би можела „да се ослободи“ ако прифатела „мировни услови“. Не е точно дека земјоделското земјиште во Украина е продадено во 30 проценти на фирмите Дупонт, Монсанто и Каргил, впрочем таквите продажби се забранети

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео материјал од говор на Роберт Кенеди Џуниор, заедно со опис:

Роберт Кенеди Јуниор: Блек Рок, вистината за Украина! Како украинските деца гинат за најолодната земја на светот, не знаејќи дека е продадена на Дупонт, Монсанто…

 

Во видеото Роберт Кенеди Џуниор вели дека „Русија повеќе пати се обидела да стави крај на војната во Украина под услови многу поволни за Украина и САД“, а главниот било тоа „Украина да не биде во НАТО“. Тој вели дека „големите производители на воена опрема сакаат да додаваат земји во НАТО зашто така тие ќе мора да ги почитуваат и да се приклонуваат кон нивните спецификации и за да имаат сигурен пазар“. Додава дека фирмите Northrop Grumman, Raytheon, General Dynamics, Boeing i Lockheed така добиваат сигурен пазар. Продолжува со тоа дека САД се обврзале на помош од 113 милијарди долари за Украина, па потоа следеле нови 24 милијарди долари.

Но големите трошоци ќе дојдат после војната кога ќе треба да реизградиме сè што уништивме. Мич Мекконел беше прашан дали навистина можеме да си дозволиме да потрошиме 113 милијарди на Украина а тој одговори дека тие пари одат за производителите од одбраната на САД. Така што тој призна дека се работи за шема за перење пари. А кој е сопственик на овие фирми за производство (на воена опрема н.з)? Блекрок. Тим Скот рече дека ова не е подарок за Украина туку заем. Кој мисли дека тој заем ќе биде вратен? Го нарекуваат заем за да стават „услови за заемот“ а тоа е програма за екстремно штедење што значи дека ако сте сиромашни во Украина, ќе останете сиромашни засекогаш. Вториот услов е сите јавни добра во сопственост на владата на Украина да се стават на продажба за да ги купат мултинационални компании, вклучително и земјоделското земјиште. Веќе продадоа 30 проценти од земјоделското земјиште на Doupont, Cargill и Monsanto кои пак се во сопственост на Блекрок. А Бајден го даде договорот за реизградба на Украина на Блекрок. Имаат стара стратегија, да нè држат во војна, во расправии Републиканци против Демократи, бели против Афроамериканци и сите тие поделби што ги создаваат, додава Кенеди Џуниор во видеото.

„Вистиномер“ утврди дека видеото е објавено на Јутјуб каналот на Кенеди Џуниор во јануари 2024 година. Проверувачите на факти на „Мит Детектор“ пишуваат дека било дисеминирано од руски владини медиуми. Во објавата невистинито се тврди дека производителите на воена опрема сакаат да се додават нови земји во НАТО. Всушност, самите земји преку политиката на НАТО на отворена врата, одлучуваат дали сакаат да пристапат во Алијансата. Украина самата сака да влезе во НАТО како суверена и независна држава. Дополнително, неточно е дека „Русија се обидела да ја заврши војната под услови поволни за Украина и САД“. Самата Украина одлучи дека условите наметнати од Русија се неприфатливи за неа.

Меѓутоа, условите Украина да не влезе во НАТО, да ја намали армијата, да се откаже од окупираните Доњецк и Луганск, за Украина би значеле капитулација и никаква заштита од натамошна воена агресија од страна на Русија. Затоа Украина заедно со целата меѓународна заедница побара руските воени сили да се повлечат од суверена и независна Украина каде извршија неиспровоцирана воена инвазија и така да се заврши војната, но тоа не беше прифатено. Во објавата што ја рецензираме се менуваат тезите, односно се манипулира и топката се префрла на страната на Украина, дека таа на некаков начин заедно со нејзините западни поддржувачи е „виновна што се брани“ и дека „можела да прифати договор за примирје поволен за сите“, што не е точно.

Не е точно дека компании за производство на воена опрема имаат некаков удел односно дека „нивната желба нови држави да влегуваат во НАТО Алијансата“ некако влијае на НАТО пристапувањето. Имено, сите 32 држави на НАТО се имаат согласено дека Украина ќе стане дел до Алијансата и НАТО го поддржува правото на секоја држава вклучително и Украина да одбере дали ќе пристапи кон Алијансата.

Вратата на НАТО останува отворена. Украина како држава што сака да се приклучи кон НАТО и самите членки на Алијансата решаваат за НАТО членството. Русија нема вето на ова право. Во 2024 година на Самитот во Вашингтон сојузниците ја повторија целосната поддршка за Украина слободно да одлучи за своите безбедносни аранжмани и да одлучи за својата иднина, ослободена од надворешно влијание. Украина ќе стане членка на Алијансата кога ќе бидат исполнети условите и кога ќе се согласат сојузниците. Во Вашингтон сојузниците ја потврдија поддршката за Украина на нејзиниот неповратен пат кон НАТО членство. Тие се согласија да воспостават НАТО безбедносна поддршка и тренинг за Украина, за да ги координираат  воената опрема и тренингот за Украина од страна на Алијансата и партнерите. Тие исто така се обврзаа на долгорочна безбедносна поддршка за Украина со минимум 40 милијарди евра следната година и значајни нивоа на безбедносна поддршка во иднина, пишува на сајтот на НАТО.

Русија е таа што ја почна војната против Украина без да биде загрозена на ниту еден начин од Украина или било која европска држава. Русија нелегално го припои Крим во 2014 година и продолжи да зазема територии на Доњецк и Луганск. Во 2022 година започна целосна неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, што е најкрвавиот воен конфликт во Европа после Втората светска војна. Русија гранатираше болници, училишта и трговски центри, цивилна инфраструктура за струја и вода и убиени се многу цивили.

Украина го има правото и одговорноста да ги заштити своите луѓе. Самоодбраната е фундаментално право кое е воспоставено со Повелбата на ОН. НАТО има право да ја поддржува Украина во правото на самоодбрана како суверена држава во Европа. Самоодбраната е на линија на меѓународното право, пишува на сајтот на НАТО.

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Мит Детектор“, основачот на Блекрок Лери Финк го објави формирањето на Фондот за реконструкција на Украина во јануари 2023 година во рамките на Светскиот Економски Форум. Целта на фондот е да се најдат инвеститори што ќе го финансираат развојот на различни сектори во Украина, вклучително инфраструктурата, производството и енергетиката.

Тврдењето дека Украина била продадена на Блекрок е руски пропаганден наратив кој го споделуваат и високи функционери на Русија.

Не е точно дека Дупонт, Каргил и Монсанто купиле 30 проценти од земјоделското земјиште на Украина, затоа што според украинските закони, странците, лицата без државјанство и фирми не смее да купуваат акции во фирми што поседуваат земјоделско земјиште, пишува Мит Детектор.

Од почетокот на руската воена инвазија врз Украина, владата на САД има алоцирано пакети за помош на земјата но повеќето од нив се директна помош и ниеден од документите не содржи клаузула која што бара од Украина да префрли државен имот или средства или земјиште на корпорации како замена за помошта. Украина нема долг кон Блекрок. Конкретно, Блекрок заедно со 4 други компании држи 20 проценти од украинските хартии од вредност за кои Украина е обврзана да плаќа годишна камата на долгот. Но притисокот врз Украина беше намален и беа воспоставени поповолни услови, што резултираше во 75 процентно намалување на сумата што Украина треба да ја плати до 2023, наведува Мит Детектор.

Во објавата се манипулира дека „некој не држи во војна, во расправии Републиканци против Демократи, бели против афроамериканци“ и тоа како стратегија, но сите несогласувања постоеле меѓу политичките партии во САД и пред војната, а секако дека војната започната од Русија би можела да заврши со повлекување на руските воени сили од суверена Украина. Се врши замена на тезите што наликува на теорија на заговор дека „некој има стара стратегија на поделби“ а всушност станува збор за одговор на воен напад кој го изврши Русија.

За Украина се неприфатливи условите на Русија да капитулира, да се откаже од членството на НАТО и да остане незаштитена и понатамошна мета на руска воена агресија.  Во врска со наведеното во објавата што ја рецензираме дека Northrop Grumman, Raytheon, General Dynamics, Boeing i Lockheed добиваат сигурен пазар ако Украина влезе во НАТО, тоа немаше да биде случај ако Русија не ја нападнеше Украина. Сепак, овие компании имаат пазар и без војната во Украина, на ниту еден начин не ја имаат предизвикано војната, ниту пак имаат влијание дали и кога ќе заврши таа. Финансискиот извештај на Raytheon на пример, за 2023 година покажува дека фирмата постои со децении и е во добростоечка финансиска кондиција. Во извештајот на Raytheon за 2021 пишува дека продажбата им била 64,4 милијарди долари, а во 2023 73,4 милијарди долари. 

И пред војната фирмата била добростоечка и наспроти наведеното во објавата, со оглед на децениската добростоечка позиција, како и другите наведени фирми – би имала пазар независно од војната во Украина. Блекрок има инвестирано десетици милијарди во водечките воени контрактори во САД меѓу кои се и наведените во објавата Northrop Grumman, Raytheon, General Dynamics, Boeing и Lockheed.

Не е точно наведеното во објавата дека „украинските деца гинат за најплодната земја на светот незнаејќи дека е продадена на Дупонт и Монсанто“. Земјоделското земјиште не е продадено, а украинските деца гинат затоа што Русија почна неиспровоцирана воена инвазија во Украина без да биде нападната, ниту некој да претставува закана кон Русија (ниту некоја ЕУ земја, ниту НАТО). Во објавата неточно се тврди дека „САД ќе треба да поправи сè што уништила после војната“, но САД не е директен учесник во војната а бомбарирањата се одвиваат на украинска суверена територија што во одреден процент е анектирана од страна на Русија низ годините.

Што се однесува на условите за заемите, тие навистина може да бидат тешки за населението но тоа не значи дека сиромашните ќе останат сиромашни засекогаш во Украина. Самите последици од војната го прават животот во Украина за населението тежок. Буџетот на Украина е пораснат споредено со периодот од пред војната заради зголемените трошоци што со себе ги носи војната: пред сè за одбрана, за надминување на штетите во инфраструктурата, за изгубените приходи како резултат од војната, заради заминувањето на бегалците во странство и внатрешната раселеност, како и заради фактот што 18 отсто од територијата и е окупирана.

Ваквото зголемување на државната потрошувачка е тешко да се менаџира од било кого, а особено не три години по ред и нормално е дека на секоја држава во ваква ситуација, кога е нападната, ѝ треба помош за да може да опстане и да се брани. Пред војната Украина опстојуваше самостојно и со многу помало ниво на финансирање од странски кредитори, кое не се разликуваше од нивоата на многу други европски држави.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција