Третманот на прашањето за изградбата на гасоводот „Јужен тек“ во македонските медиуми

Билборд до лого: Газпром и Мартини еден до друг се рекламираат во Москва. Фото: Pepjin Schmitz, 2006
Билборд до лого: Газпром и Мартини еден до друг се рекламираат во Москва. Фото: Pepjin Schmitz, 2006

Геостратешките и политичките, па дури потоа економските прашања, се оние на кои треба да се насочи вниманието на медиумите во нашата земја кога се пишува за „Јужен тек“, при што мора да се изведат и соодветни заклучоци, бидејќи работите сѐ повеќе заличуваат на тоа дека Руската Федерација и Европската Унија (со САД) преку Балканот ќе се обидуваат да ја докажуваат својата моќ и влијание.

 

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановска, доктор по меѓународно право

 

Енергетските потенцијали на една држава сѐ почесто ги определуваат нејзините сфери на интерес и соработка со другите држави. Впрочем, поради енергетските потенцијали на јагленот и употребната вредност на челикот настана и Европската Унија во 1951 година (тогашна ЕЗЈЧ), која сега како политичка и економска заедница ги регулира состојбите (и) во енергетскиот пазар на европскиот континент.

Република Македонија со цел да си обезбеди нови извори на енергија (бидејќи капацитетите на рудниците на јаглен во земјава се ограничени, а водените потенцијали, исто така, не можат да ги задоволат потребите) склучи Меѓународен договор со Руската федерација за снабдување со гас од гасоводот познат под името „Јужен тек“. Но, како што може да се прочита деновиве во медиумите, состојбите околу овој гасовод сѐ повеќе се компликуваат:

Ова се само дел од насловите на текстовите во кои на еден или друг начин се толкуваат новите моменти околу гасоводот кој требаше да биде алтернатива на снабдувањето на Европа со гас преку Украина.

Најголем дел од македонските медиуми ги пренесуваат ставовите на Министерството за економија како најповикано да даде свое мислење и да ги определи стратегиите и насоките на ова поле во наредниот период. Па така ќе прочитате дека:

Утрински весник смета оти „Македонија засега само внимателно го следи развојот околу случувањата со „Јужен тек“, кои, во секој случај, не зависат директно од нас“ Нивната новинарка се интересира дали имаме резервен план и дали земјата ќе се насочи кон приклучување на Транс-јадранскиот гасовод (ТАП) доколку запре изградбата на „Јужен тек“, или, пак, земјава ќе се сврти кон овој гасовод кој треба да носи гас од Азербејџан гасовод. Но, македонски експерти сметаат дека за да го знаеме одговорот на ова прашање прво треба да го почекаме крајниот исход од случувањата на релација Брисел-Софија.

Телеграф.мк смета дека е добро да се пренесат и ставовите на соседните држави, кои, исто така, се вклучени во изградбата на „Јужен тек“, најверојатно во обид да се објасни констелацијата на силите вклучени во целиот процес и фактот дека улогата на нашата земја во него е минорна:

„Европската енергетска заедница побара од Македонија и другите земји потписнички на договорот за изградба на дел од „Јужен тек“ со Руската федерација да ги ревидираат овие договори!“

Телма го пренесува ставот на портпаролот на Владата дека:

„Владата веќе разработува анализи за реализација на планираните проекти во рамки на сегашните количини и капацитети на природен гас кои можат да се обезбедат. Гасификацијата на Скопје не е доведена во прашање. Има уште два лота, источна и западна Македонија и тие ќе можат да се вклопат за краткорочно решение“.

Во истиот прилог може да се проследи и мислењето на домашните експерти во оваа сфера според кои:

„Капацитетот на постоечкиот гасовод од Бугарија ги надминува сегашните потреби од гас, бидејќи Македонија во моментов користи 15 проценти од максималниот капацитет и со него без проблеми може да се врши снабдување со гас во следните 5-6 години.“

Неименувани странски експерти, пак, според Телма сметаат дека :

„Одлуката на Бугарија да остане надвор од „Јужен тек“, и збунувачки изјави од Србија околу тоа дали владата ќе ја одложи изградбата или не, според дел од странските експерти може да предизвика домино ефект со што ќе пропадне целиот проект вреден 33 милијарди евра со кој е предвидено Европа да задоволи 15 проценти од своите енергетски потреби.“

Генерално гледано ова се логични прашања на кои одговор би сакале да имаат сите консументи на информации на медиумите во земјава. Сепак, би требало покрај стандардните изјави на политичарите (како претставници на Министерството за економија или Владата) да се направи постудиозна анализа од неколку аспекти:

  1. Република Македонија потпиша договор со Руската Федерација во кој има преземено низа обврски околу реализацијата на овој договор. Меѓу другото и тоа дека ако се случат некои пречки во неговата реализација, тие ќе се решаваат пред Арбитражен суд. Станува збор за меѓународен договор кој не може едноставно да се стави во фиока и да се чека како ќе се договорат другите држави, односно другите актери во целиот процес. Граѓаните не ги знаат деталите, но медиумите треба да го прочитаат Договорот и на прес конференциите да прашаат дали Владата има следен чекор на овој план односно дали има комуникација со другата страна од договорот и какви се нивните намери за следниот период.
  2. Сосема е легитимно да се разгледуваат и други алтернативи за долгорочно снабдување со природен гас, како што се вели од страна на владиниот портпарол, но добро е медиумите да се обидат да дознаат кои се тие и да им ги претстават на своите читатели, слушатели, гледачи и посетители на страните, бидејќи во спротивно изгледа само како обид да се има смирувачко дејство, односно да се прикаже дека Владата има „ПЛАН Б“, но каков е тој никој не знае!
  3. Европската енергетска заедница, односно Европската комисија се телата кои од Македонија, но и од својата членка Бугарија, како и од кандидатката Србија, бараат да се запрат сите активности околу „Јужен тек“ во име на европската солидарност, но и поради обврските кои ги имаат земјите членки и кандидатките кои сакаат да се дел од Унијата. Медиумите може да поттикнат дебата дали во оваа фаза Македонија треба да биде сервилна, или, пак, едноставно е само колатерална штета, бидејќи поврзаноста со гасоводот е преку територии на другите две засегнати земји и од нивните одлуки зависат и состојбите кај нас?
  4. Интересно е што сѐ уште нема никакви реакции од страна на Руската Федерација како страна во сите договори за „Јужен тек“ (со Бугарија, Србија, Унгарија и Словенија како земји низ кои ќе поминува гасоводот и Македонија која ќе биде поврзана со еден крак од него). Можеби е добро македонските медиуми да побараат став на рускиот амбасадор во РМ околу ова прашање и да се дознае кои се руските заложби?

Само како илустрација дека е сосема легитимно да се постават овие прашања е прес конференцијата во Берлин каде на прашање на новинарите дали Србија ќе продолжи со изградбата на гасоводот на српска територија, Вучиќ одговорил дека иднината ќе покаже дали овој проект е реален: Иднината на проектот „Јужен поток“ не зависи од Србија, туку од договорот меѓу Русија и Европската унија. Србија, според Вучиќ, се наоѓа во „специфична положба“, бидејќи рускиот „Газпром“ е сопственик на контролниот пакет акции на српската нафтена компанија НИС. Ние ќе се стремиме да ги заштитиме српските интереси, но тоа зависи и од интересите на Европа, рече српскиот премиер.

Се разбира, добро е медиумски да биде опфатен и ставот на експертите во Руската Федерација ,но и од европските земји, бидејќи политичарите сѐ уште, барем според информациите кои ни се достапни во медиумите, мудро молчат.

24 вести презентираат став на руски експерт за енергетика според кого има четири причини да не се гради „Јужен тек“:

  1. Тој од економска гледна точка е неисплатлив;
  2. Побарувачката за руски гас нема да расте во Европа;
  3. Силата на постоечкиот гасовод низ Украина;
  4. Изградбата на гасоводот кон Европа се коси со стратегијата на Кремљ за освојување на азискиот пазар.

Британскиот весник „Фајненшл тајмс“, пак, пишува дека: изградбата на „Јужен тек“, преку кој Русија би доставувала гас до европските земји, заобиколувајќи ја Украина, би му овозможила на Кремљ да го засили притисокот врз Киев. , бидејќи со функционирањето на овој гасовод ќе биде можно запирање на доставувањето гас за украинските потрошувачи, без притоа да биде загрозена дистрибуцијата на рускиот енергенс до Европа.

Геостратешките и политичките, па дури потоа економските прашања, се оние на кои треба да се насочи вниманието на медиумите во нашата земја кога се пишува за „Јужен тек“, при што мора да се изведат и соодветни заклучоци, бидејќи работите сѐ повеќе заличуваат на тоа дека Руската Федерација и Европската Унија (со САД) преку Балканот ќе се обидуваат да ја докажуваат својата моќ и влијание.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција