Трговијата со жени и сексуалната работа се различни

Наспроти тврдењето во објавата што ја рецензираме, во резолуцијата што се спомнува во неа се прави разлика меѓу сексуалната работа како избор и трговијата со луѓе која и понатаму е забранета и казнувана во Европа

Наспроти тврдењето во објавата што ја рецензираме, во резолуцијата што се спомнува во неа се прави разлика меѓу сексуалната работа како избор и трговијата со луѓе која и понатаму е забранета и казнувана во Европа

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Threads, во која пишува:

ЕУ ќе ја озаконела трговијата со жени и проституцијата?!!! Одиме во ЕУ!

Во склоп на објавата се споделува текст од петиција во кој се тврди дека на 3 октомври годинава членовите на парламентарното собрание на Советот на Европа ќе гласаат за резолуција која ќе ја либерализира проституцијата низ Европа.

Според оваа резолуција проституцијата ќе се третира како која било друга работа и проститутките ќе бидат опишувани како да ја работат работата слободно, од желба да бидат „сексуални работнички“. Ова ќе значи укинување на сите казни, вклучително и против клиентите и макроата, кои би станале работодавачи како што се случи со моделот во Белгија во операција од 2022 година која имаше негативни последици за жените.

Ама ниедна жена не ја одбира проституцијата слободно и за задоволство. Најголемиот дел од проститутките се за жал, жртви на меѓународни мрежи за трговија со луѓе. На пример од 30 илјади луѓе кои се занимаваат со проституција во Холандија 70 проценти се смета дека се внесени во проституција на сила, или пак, преку човек што глумел дека им е момче. Најголемиот дел од останатите 30 проценти го прават тоа поради сиромаштија. Проституцијата не е нормална работа туку напад на женскиот дигнитет, спротивна е на слободата и физичкото здравје кое систематски ги изложува на насилство и е блиску поврзано со трговијата со луѓе.

Овој предлог со кој ефективно се промовира проституцијата е скандалозен, бидејќи дебатата во комитетот беше пристрасна, и се темелеше на извештаи од невладини организации кои ја поддржуваат проституцијата и тие беа форсирани. Спротивно, критичките резолуции на Европскиот парламент, извештаите на експертите на ОН и на организациите за помош на жените против легализација на проституцијата беа намерно замолчувани. Драфт резолуцијата за проституција е резултат на работата на лоби групи кои се активираа неодамна во ОН и пред Европскиот суд за човекови права, за да ја дефинираат проституцијата како слобода. Таму не успеаја, па сега се обидуваат да го придобијат собранието на Советот на Европа за тоа да изгласа ваква резолуција. Можеме да ги сопреме! Уште има време да реагираме и да го пратиме ова писмо до членовите на Собранието на Советот на Европа за да ги земат предвид меѓународните конвенции, резолуциите на Европскиот парламент и мислењата на други експерти, женските тела не се за трговија. Никогаш не смее да го охрабриме тргувањето со женските тела, туку треба да се бориме против проституцијата и мрежите за трговија со луѓе, стои во објавениот текст на страницата што се споделува во склоп на објавата.

На веб-страницата на парламентарното собрание на Советот на Европа може да се види дека на 3 октомври извештајот за „Заштита на човековите права и подобрување на животите на сексуалните работнички и жртвите на сексуална експлоатација“, бил пратен до Комитетот за еднаквост и заштита од дискриминација. Од самиот наслов на документот се гледа дека спротивно на она што е наведено во објавата што ја рецензираме, во документот се прави изрична разлика меѓу тоа што значи жртва на сексуална експлоатација и сексуална работничка.

Според резолуцијата сексуалните работнички се дел од општеството и имаат право на безбедност, дигнитет и заштита од дискриминација.

Нивната автономија врз телото и лична одлука мора да се признаат и нивните гледишта мора да се признаат. Сексуалните работници се разнолика група која доаѓа од различни средини. Бидејќи поголемиот дел се жени, проблемите за родова еднаквост и женски права се релевантни и во контекст на сексуалната работа. Парламентарното собрание со загриженост забележува дека сексуалните работници продолжуваат да бидат стигматизирани и маргинализирани, се особено ранливи на злоупотреби и насилство и се предмет на високи нивоа на дискриминација при пристапот до образование, работа, здравствена заштита, домување, правда и заштита од насилство, пишува во текстот објавен на сајтот на Парламентарното Собрание.

Во него се додава дека дискриминацијата кон сексуалните работнички не е само поради нивната професија туку и поради националноста, етничкото потекло, родот, статусот на мигранти, сексуалната ориентација, родовиот идентитет. Затоа според документот политиките за борба против таквата дискриминација треба да бидат родово сензитивни и базирани на интерсекциски пристап.

Собранието забележува дека земјите членки на Советот на Европа треба да го ценат пристапот базиран на човекови права кога целат да ги превенираат и да се борат против експлоатацијата и дискриминацијата кон сексуалните работници и кога се трудат да ги обезбедат нивните човекови права. Собранието смета дека превенцијата и борбата против трговија со луѓе треба да биде топ приоритет за земјите членки на Советот на Европа. Тие мора да ги подобрат напорите за борба против трговија со луѓе со усвојување на амбициозна легислатива и политиките да ги имплементираат ефективно. Трговијата со луѓе често се случува транснационално низ границите и затоа земјите членки треба да ја зајакнат меѓународната соработка за криминалот, користејќи соодветни инструменти, каква што е Конвенцијата за акција против трговија со луѓе на Советот на Европа.

Собранието нотира дека иако трговијата за сексуална експлоатација, вклучително и присилната проституција е една од главните форми за трговија со луѓе, особено жени и девојчиња, сепак, сексуалната работа не треба да се меша со трговија. Соработката со сексуалните работници и цивилното општество треба да се дел од политиките против трговија со луѓе, затоа што тие се најдобар начин да се идентификуваат случаи каде сексуалните работници се жртви на трговија, пишува во документот.

Оттука се гледа дека во резолуцијата што се посочува во објавата, се прави строга и важна разлика меѓу сексуалната работа и трговијата со луѓе. Советот на Европа и неговото Собрание во резолуцијата јасно дефинираат дека треба да се работи на разоткривање на случаите на трговија со луѓе, но тоа да не се става во истата група со сексуалната работа бидејќи има сексуални работници кои своеволно работат и доживуваат дискриминација. Целта на резолуцијата е да се заштитат тие и тоа од социјална стигма и дискриминација, пристап до работа кога сакаат да ја променат професијата.

Дополнителен аргумент е осмата точка во резолуцијата која апсолутно прави разлика меѓу трговијата со луѓе и сексуалната работа и укажува на тоа дека постојат и двете ситуации. Во осмата точка пишува:

Осврнувајќи се на резолуцијата 1983 (2014) за проституцијата, трговијата со луѓе и модерното ропство во Европа (Resolution 1983 (2014) Собранието потврдува дека кој било модел да се избере, националното законодавство и органите на прогонот треба да се свесни за нивната одговорност да осигураат дека сексуалните работници може да работат со достоинство и во сите случаи властите треба да се воздржат од тоа да ја заменуваат легислативата за проституција со големите акција специјално насочени против трговија со луѓе.

Собранието, исто така, нотира дека бројни организации за човекови права, експерти и функционери препорачале целосна декриминализација на сексуалната работа како најдобар начин да се заштити здравјето и човековите права на сексуалните работници.

Во Белгија е спроведена реформа на сексуалната работа за која се смета дека е кохерентна правна рамка која вклучува одредби од граѓанското и трудовото право, чиј цел е да се осигури безбедноста и дигнитетот на сексуалните работници и да им се оовозможи пристап до социјална сигурност. Собранието смета дека оваа реформа е пример што може да го следат оние земји членки што ја имаат декриминализирано сексуалната работа.

Како што може да се види од овие екстензивни описи на Резолуцијата, во неа се прави разлика меѓу сексуалната работа како избор и трговијата со луѓе која и понатаму е забранета и казнувана во Европа. Не е точно дека со оваа резолуција се озаконува трговијата со луѓе, а сексуалната работа со неа се дефинира како слободно право на избор кое не смее да влијае на тоа оние што ја избрале сексуалната работа да бидат дискриминирани, маргинализирани и да не им бидат достапни здравствените и социјалните права, како и можноста доколку од било која причина сакаат да ја напуштат таа работа да можат да го направат тоа.

Трговијата со луѓе е голем престап на човековите права забранет со Европската конвенција за човекови права член 5, и во Европа се смета за сериозна форма на организиран криминал  (Treaty on the functioning of the European Union член 83).

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција