Три години по предупредувањето од КХВ, компанијата Соларгруп продолжува да „оперира“ во земјава

Мапа на Коморските Острови Фото: OCHA, CC BY 3.0, via Wikimedia Commons

По последното предупредување од Комисијата за хартии од вредност кое се случи пред 3 години, „Вистиномер” открива дека се направени промени во регистрацијата на компанијата „Соларгруп” која повеќе нема регистрација во Вануату, мала држава составена од островски архипелаг во Јужниот Пацифик, туку се префрлила на друга оф-шор дестинација на Коморските Острови.

По последното предупредување од Комисијата за хартии од вредност кое се случи пред 3 години, „Вистиномер” открива дека се направени промени во регистрацијата на компанијата „Соларгруп” која повеќе нема регистрација во Вануату, мала држава составена од островски архипелаг во Јужниот Пацифик, туку се префрлила на друга оф-шор дестинација – Коморските Острови

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Три години откако Комисијата за хартии од вредност (КХВ) предупреди дека инвестирањето во меѓународната финансиска компанија и ИТ- инвестициска платформаСоларгруп“ во земјава е ризично, односно надвор од законската регулатива, оваа инвестициска понуда продолжува да лови приврзаници на социјалните мрежи. Повиците за инвестирање во фирмата „Соларгруп”, која наводно развива „супериорен, економичен и моќен” електромотор, ги споделуваат промотори кои не се овластени брокери во Северна Македонија. На социјалната мрежа Фејсбук сега има и цела група претставена како официјална страница на „Соларгруп“. Некои од оние што вложиле пари, веќе почнуваат да се жалат во коментарите.

Така, под една објава каде се промовира „трка” за повисок статус и поголеми „партнерски структури”, една граѓанка во коментарите на 11 јуни годинава пишува:

Очекувам фабриката да почне да функционира, да работи, заработува, а не да се тркаме во некои трки. Ако се одолговлекува работата ништо не сме направиле, времето си поминува. Подобро во Алкалоид да купевме акции барем докажана фирма

По последното предупредување од Комисијата за хартии од вредност кое се случи пред 3 години, „Вистиномер” открива дека се направени промени во регистрацијата на компанијата „Соларгруп“ која повеќе нема регистрација во Вануату, мала држава на островски архипелаг во Јужниот Пацифик, туку се префрлила на друга оф-шор дестинација. Инаку, „Соларгруп” има сопственички удел во компанијата „Совелмаш“, која пак, функционира и работи во Русија.
Фото: Принтскрин

Новата лиценца, пак, е издадена во оф-шор дестинација, поконкретно новата регистрација на Соларгруп е во Унијата на Коморите – суверена островска држава на што се простира на дел од Коморските Острови во Индискиот Океан, во близина на источниот брег на Африка помеѓу Мадагаскар и Мозамбик. Главен град е Морони.

Според наведеното на сајтот на „Соларгруп“, Унијата на Коморите обезбедила „попривлечно деловно окружување отколку Вануату што ѝ овозможува на „Соларгруп“ да прифаќа инвестиции низ целиот свет и да работи поекономично”.

Јурисдикцијата на Унијата на Коморите, за разлика од Вануату нѝ овозможува да организираме тргување на внатрешна берза и да управуваме со акции за оние инвеститори кои ќе одлучат да ги задржат под управување на Соларгруп, пишува на страницата на оваа компанија.

Но, Комисијата за хартии од вредност на С. Македонија во 2023 година посочи дека согласно македонското законодавство, односно според член 14 став (1) од Законот за девизното работење, македонските граѓани можат да вршат упис, да уплатуваат и да тргуваат со хартии од вредност во странство само преку овластен учесник на пазарот на хартии од вредност или преку овластен учесник на странска берза или организиран пазар на хартии од вредност.

Директното инвестирање во компанијата „Соларгруп“, како што се повикува на социјалните мрежи, не е во согласност со законот и не подлежи на регулаторна правна заштита, децидни се од Комисијата за хартии од вредност, која е овластен македонски берзански и инвестициски регулатор.

Оттаму наведоа дека по сила на закон, граѓаните на Северна Македонија кои живеат во земјава (резиденти) можат да инвестираат единствено со посредство на домашен овластен учесник на пазарот на хартии од вредност (брокерска куќа или овластена банка) или соодветен странски овластен пазарен учесник. КХВ има донесено и Упатство за начинот на работење со хартии од вредност за брокерските куќи и овластените банки надвор од Република Северна Македонија, во кое се пропишува начинот на кој брокерските куќи и банките нудат услуги на прием и пренос на налози за тргување со хартии од вредност од странски пазари.

Во 2023 година, КХВ наведе дека компанијата „Соларгруп“, која е малцински сопственик на компанијата „Совелмаш“, не е регистрирана во Русија, туку воВануату“, што отвора дополнителен сомнеж за веродостојноста на инвестицијата и целиот процес. Дополнително, купувачите на акции од компанијата „Соларгруп”, според нивната веб-страница, добиваат само инвестициски договор и личен сертификат, кој треба да ја заштитува нивната инвестиција. Меѓутоа, како што наведоа од Комисијата за хартии од вредност, ваквиот сертификат, издаден од компанијата, не подлежи на регулирана правна заштита во земјава.

Од првичниот увид на интернет страницата https://solargroup.pro/mk и според начинот на тоа како се нуди ткн. „колективно инвестирање”, првичните индиции на Комисијата за хартии од вредност водат кон тоа дека станува збор за дизајнирана ‘понзи’ шема вклучително и охрабрување на инвеститорите да регрутираат нови инвеститори во шемата преку систем на награди, кој може да ги доведе во заблуда граѓаните за легалноста во понуденото инвестирање, истакнаа од КХВ во 2023 година.

Од Министерството за внатрешни работи на прашањата на „Вистиномер” упатени неделава, дали досега примиле пријава во полиција за некој граѓанин кој бил измамен преку повик за инвестирање во „Совелмаш“/„Соларгруп“ или моторите на Дујунов, велат дека до овој момент немаат примено таква пријава.

Во однос на вашето барање, ве информираме дека до овој момент во Секторот за компјутерски криминал не се евидентирани пријави за лица кои биле измамени преку повици за инвестирање во „Совелмаш”, „Соларгруп” или моторите на Дујунов, посочуваат од МВР за „Вистиномер”.

На Фејсбук страницата на „Соларгруп Македонија“, како адреса на која се наоѓа фирмата наведен е стан во станбена зграда во Карпош 4, каде се регистрирани и други фирми, дел од кои се блокирани.

Според странски извори кои се сомневаат дека „Соларгруп“ е ризичен за инвестирање, има 5 рангови внатре во „планот за компензација” – партнер, специјалист, мастер, експерт и професионалец. Разликата меѓу нив е во тоа колку пари ќе се дадат – од 250 до 5 илјади долари.

Исто така, останува активен и апелот на Комисијата за хартии од вредност, дека во Регистрите за инвестициски советници, брокери и инвестициски агенти, лицата што ги промовираат овие инвестициски пакети во „Соларгруп“, не се лиценцирани инвестициски советници, ниту агенти. Дури и кога би биле, не би можеле самостојно да даваат услуги согласно важечките законски прописи, бидејќи за тоа единствено се овластени брокерски куќи, овластени банки или друштва за управување со инвестициски фондови кои имаат добиено дозвола од Комисијата за хартии од вредност.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција