Три години се најавува стартот на новото средно училиште во Сарај
Град Скопје, во соработка со Владата на Република Македонија, ќе изгради ново средно училиште на територијата на Општина Сарај.
( Рок: 2013-2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Изградбата на ново средно училиште во Општина Сарај, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски ја најави пред три години, во неговата Изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“ . Во Програмата, со која тој излезе на локалните избори во 2013 година, за овој проект ( во делот Образование, стр.33) е наведено дека ќе биде завршен во 2015 година . Сепак, тоа досега (06.04.2016) не се случи. Имајќи предвид дека отворањето на училиштето се пролонгира повеќе пати, а овој пат, стартот на новиот објект се најавува за учебната година 2016/2017, ветувањето го сметаме за недоследно. Но, иако е пробиен изборниот рок , со оглед на тоа што се направени значителни активности за негова реализација, ветувањето го оценуваме како делумно исполнето.
Изградбата на училиштето почна во јули 2013 година, а според тогашните најави требаше да биде пушптено во употреба од 1 септември 2014 година. Јавноста беше информирана дека се работи за инвестиција од 48 милиони денари на Министерството за образование и наука, дека училиштето ќе се простира на 1.700 метри квадратни и ќе има капацитет за 350 ученици во една смена. Во оваа пригода градоначалникот Трајановски изјави:
Градот Скопје и општината Сарај ќе помогнат за инфраструктурно уредување на ова средно училиште, така што сите заедно ќе овозможиме училиштето да биде изградено за 12 месеци и следната година (2014 н.з.) на 1 септември свечено да го отвориме.
Наспроти ваквите најави на Трајановски, на 1 септември 2014 година во Сарај немаше ваква свеченост – бидејќи училиштето не беше изградено. На 2 декември 2014 година медиумите информира дека 18 месеци по отпочнувањето на изградбата „средното училиште во Сарај остана на греди“ и дека Министерството за образование го раскинало Договорот со компанијата која ја започна изградбата на училиштето во Сарај, поради непочитување на временските рокови. Од Општина Сарај тогаш изразија надеж дека следната учебна година (1 септември 2015) објектот ќе биде подготвен за средношколците.
Фирмата која беше избрана за изградба на објектот е ги испочитува роковите при што договорот се раскина. Минатата недела одржавме средби со Министерството за образование. На средбата ни ветија дека многу скоро ќе се избере нова фирма која ќе ја изгради зградата на средното училиште. Објектот што се започна сега е оставен на греди. Се надеваме дека до почеток на следната учебна година ќе заврши изградбата на средното училиште во Сарај. Доколку не започне набргу изградбата, и тоа што е изградено може да се уништи (Бекир Мухамеди, шеф на кабинетот на градоначалникот на Општина Сарај)
Во април 2015 година, како што информираа медиумите, градоначалниците на Скопје и на Општина Сарај, Коце Трајановски и Беким Мурати, како и тогашниот министер за образование и наука, Абдилаќим Адеми, „направија увид во градежните работи на новото средно училиште во оваа Општина“. Адеми тогаш соопшти дека „новиот изведувач има рок од шест месеци да ги заврши сите градежни активности“, и изјави:
Морам да напоменам дека договорот со претходниот изведувач на градежните работи беше раскинат поради непочитување на роковите за градба, по што Министерството за образование и наука распиша нов јавен повик и потпиша договор за реализација на градежните работи
Во ноември минатата година (2015) Адеми го посети новиот објект на средното училиште во Општина Сарај, каде градежните работи беа во завршна фаза:
Импресиониран сум од изгледот на училишниот објект кој е меѓу најдобрите во Македонија. Училишниот објект финансиран од страна на Министерството за образование и наука, Општина Сарај и Град Скопје ќе служи како средно училиште за средношколците од овој регион каде што учениците ќе можат да завршат средно училиште, гимназија и економско – правна струка. Со оваа се остварува долгогодишното барање на жителите и општина Сарај. Училиштето ќе почне да функционира во учебната 2016/2017 година, до тогаш ќе завршат сите процедури за основање, регистрација на правниот субјект и објавување на конкурсот за упис (Адеми)
На први април (2016) во медиумите имаше информација дека средното училиште за гимназиско и економско образование во Сарај со настава треба да започне нареднта учебна година (2016/2017), дека на предлог на Град Скопје ќе се вика „Сарај“, а за тоа наскоро треба да одлучуваат советниците на Скопје.
Имајќи ја предвид оваа хронологија, како и фактот што училиштето во Сарај со големо задоцнување, конечно, наесен треба да биде пуштено во употреба, (според изјавата на Трајановски дадена во јули 2013 г., тоа требаше да биде готово и да почне со настава пред две години, односно во учебната 2014/2015 година) , ова недоследно изборно ветување, добива оценка: делумно исполнето,
ИЗВОРИ:
- Извор: Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ и Коце Трајановски (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје! ( Образование, стр.33) [Пристапено: 06.04.2016]
- 24 Вести (13.07.2013):Почна изградбата на средното училиште во општина Сарај [Пристапено: 06.04.2016]
- НОВА (02.12.2014): Средното училиште во Сарај остана на греди [Пристапено: 06.04.2016]
- Мета (04.04.2015): За шест месеци, ново средно училиште во Сарај [Пристапено: 06.04.2016]
- Нетпрес (16.11.2015):Новото средно училиште во Сарај ќе почне да функционира следната година [Пристапено: 06.04.2016]
- Дневник (01.04.2016): Новото училиште ќе се вика Сарај [Пристапено: 06.04.2016]
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар