Трпевска: Примената на европската регулатива може да помогне во справување со дезинформациите

Снежана Трпевска, од Институтот Ресис, експертка за медиумска политика, одговори на прашањата што и ги поставивме во врска со справувањето со дезинформациите – дали е потребен нов стратешки документ и дали европската регулатива во овој поглед може да помогне

Снежана Трпевска, од Институтот Ресис, експертка за медиумска политика, одговори на прашањата што и ги поставивме во врска со справувањето со дезинформациите – дали е потребен нов стратешки документ и дали европската регулатива во овој поглед може да помогне. Таа смета дека исклучиво за FIMI, постојните документи се доволни, но дека недостасуваат други документи за другите типови штетни информации. Во врска за Законот за дигитални услуги смета дека може да помогне, но само ако се синхронизира законодавството со европската регулатива во овој дел

 

Подготвил Т.Б.

-Дали е потребна нова национална стратегија за борба или справување со дезинформации со акциски план или се доволни постојните Стратегија за безбедност на РСМ 2024-2029 година“ и Стратегијата за сајбер безбедност 2025-2028?

Трпевска: Справувањето со дезинформациите е комплексен проблем и, оттаму, бара комплексен и координиран одговор на општеството. Но, пред да се одговори на прашањето каков треба да е тој одговор, треба да се прецизира на што точно се мисли кога се вели „справување со дезинформации“. Самиот концепт е широк и вклучува различни поими.

Кај нас многу се говори за дезинформациите, се спроведуваат дури и различни  истражувања, нo тие се најчесто без солидна теоретска подлога, не се надоврзуваат на изграденото научно знаење за проблемот што се истражува. Така, аналитичарите и истражувачите кај нас користат различни поими со различно значење, без да се обидат барем малку да навлезат во доминантните теоретски концепти и расправи за овие поими. Главната  грешка што се прави е што поимите ‘дезинформации’ и ‘лажни вести’ се користат со исто значење, како содржини или информации што неточно ја претставуваат реалноста. Овде се прави конфузија или едначење на повеќе поими што се користат во истражувањето на проблемот на “информацискиот хаос“ што го создаде дигитализираната комуникација: мисинформации, лажни вести, гласини, дезинформации и малинформации.

Европската комисија, дополнително, воведе два поими кои се поврзани дезинформациите, односно со намерното ширење лажни или полувистинити информации: хибридни закани и странско мешање и манипулирање со информации (СММИ или на англиски FIMI). Хибридните закани обично се однесуваат на координирани штетни активности што се планирани и се спроведуваат со зла намера – да ја поткопаат целта (држава или институција), преку различни честопати комбинирани средства (на пример, манипулација со информации, сајбер напади, економско влијание или принуда, тајни политички маневри, принудна дипломатија или закани со воена сила). СММИ е организирана, намерна и често прикриена активност на државни или недржавни актери насочена кон манипулација на информациската околина, заради остварување политичка, воена, економска или социјална предност. Оттаму, ова треба да биде првиот чекор пред да одлучиме дали ни треба единствена Стратегија и за што точно ни треба.

Планот од 2019 г. пропадна зашто тогашната влада предизвика сомневање за намера за цензура

Трпевска појаснува зошто пропаднал обидот на владата од 2019 г. за сеопфатен план за справување со дезинформациите:

Трпевска: Ние имавме еден таков обид во 2019 година, кога Владата тргнувајќи од препораките на Европската комисија, најави донесување некаков стратегиски пристап за борба против дезинформациите, но предлогот беше несреќно формулиран како “одлучен’ план за борба против лажните вести. Тоа, со право, предизвика во јавноста стравувања и сомневања за тоа дали всушност Владата има намера да ги цензурира и новинарските содржини што не му се допаѓаат некому.

Тргнувајќи од она што Европската комисија го препорачува, моето мислење е дека нашата држава веќе има развиен стратегиски пристап за борба против хибридните закани и СММИ. Двете актуелни стратегии ги покриваат овие форми на закани и наложуваат координиран пристап. Со оглед дека во реалноста често е тешко да се разграничат овие форми на закани и дезинформации од другите поими за кои погоре зборував, во постојната Стратегија за безбедност се предвидува координиран пристап и се препорачува партнерство на владините тела со граѓанскиот сектор и другите актери.

Она што ѝ треба на нашата држава, а што не е опфатено со двете споменати стратегии, е координиран и стратегиски пристап за справување со различни други штетни содржини што се шират на социјалните мрежи – овде не спаѓаат само дезинформациите, туку и говорот на омраза, заканите по физичката безбедност, содржините штетни за малолетниците, онлаjн демнењето и други видови штетни содржини и закани по безбедноста на корисниците.

Фото: колаж направен во Канва; Photo by GuerrillaBuzz on Unsplash

РДУ  на ЕУ си има прецизни задолженија за социјалните мрежи во врска со дезинформациите

-Со оглед на фактот дека повеќето истражувања потврдиле дека социјалните мрежи се едни од главните канали за ширење на дезинформациите дали Регулативата за дигитални услуги на ЕУ(РДУ) или заложбата кај нас за Закон за дигитални услуги(ЗДС) што ја има надлежното министерство можат да го решат овој проблем во најголем дел?

Европската унија разви сеопфатен регулаторен пристап кон комплексните прашања поврзани со придобивки од дигиталниот развој, но и со решавањето на низата негативни последици што ги носат дигиталните технологии и интернетот. Во пакетот регулативи кои произлегоа од стратегијата на ЕУ за дигитален развој насловена Европа погодна за дигиталното доба, клучни се Регулативата за дигитални услуги (РДУ) која за големите платформи започна да се применува уште во август 2023 година и Регулативата за дигитални пазари (РДП). Со овие две регулативи се воведоа правила за различни видови дигитални услуги, во кои се вбројуваат: пребарувачи, веб страници, онлајн платформи на кои се споделуваат содржини, онлајн платформи преку кои се купуваат производи, онлајн продавници за софтвер и апликации, платформи преку кои може да се резервираат и купуваат патувања, и низа други видови услуги.

Една од главните цели на РДУ, меѓу другото, е да се спречи ширењето нелегални и штетни содржини и активности на интернет, вклучително и ширењето дезинформации. Со оваа регулатива за прв пат ЕУ им наложува правна одговорност на онлајн платформите за ширење дезинформации на системско ниво. Постојат различни обврски кон кои мораат да се придржуваат големите онлајн платформи за да ги исполнат овие цели:

-неопходно е да прават периодични проценки на ризиците што дезинформациите ги создаваат во текот на изборните процеси, влијанието врз јавното мислење и генерално врз општеството;

-треба да преземаат мерки за намалување на тие ризици (на пр. ограничување на манипулативните мрежи, ботови, платените политички кампањи со сомнително потекло);

-да бидат транспарентни во поглед на алгоритмите за препорачување содржини, поради фактот што се знае дека тие алгоритми често го засилуваат ширењето манипулативни содржини;

-да бидат транспарентни во поглед на изворите на политичкото рекламирање онлајн, за да се спречи тајното таргетирање со манипулативни пораки што е една од најчестите методи на дезинформациски кампањи.

-треба да соработуваат со истражувачите и телата кои вршат надзор и анализа на системските ризици;

-да дејствуваат брзо кога ќе бидат известени од таканаречен „доверлив означувач“ за нелегална содржина објавена на нивната платформа.

-во своите годишни извештаи треба да го објавуваат бројот на известувања добиени од доверливи означувачи и исходот од превземените дејствијата.

РДУ предвидува и т.н. Механизам за итна интервенција кога дезинформациите носат ризик (Crisis Response Mechanism), во периоди на војна, пандемија, избори и сл. Со РДУ Европската комисија има овластување да бара од платформите: побрзо отстранување на штетните содржини и мрежи, засилено модерирање на содржините и други мерки против координираните дезинформациски кампањи.

Сето ова значи дека РДУ не ги забранува „дезинформациите“ како содржина, но создава системски механизми на транспарентност, одговорност и надзор кои значително можат да го ограничат нивното ширење. Во пракса, тоа значи дека платформите мора да се однесуваат одговорно, да ги намалат ризиците за демократијата и да дозволат надзор врз нивните алгоритми и практики.

Процесот на хармонизација на РДУ подразбира назначување Национален координатор

Во процесот на хармонизација со законодавството на ЕУ, нашата земја набрзо ќе треба да го инкорпорира и пакетот на регулативи поврзани со дигиталниот простор, вклучително и Регулативата за дигитални услуги. Ова, меѓу другото, вклучува и назначување на национален координатор за дигитални услуги.

Националните координатори за дигитални услуги со полни законски овластувања, се клучни за примената на РДУ за да можат корисниците во својата земја да поднесуваат известувања за нелегални содржини на платформите и за да се спроведува процедурата за доделување статус на доверливи означувачи во конкретната земја. Во најголем број земји, улогата на координатор за дигитални услуги ја имаат регулаторите за комуникации или регулаторите за медиуми, така што е препорачливо и во нашата земја оваа улога да му се додели на едно од овие тела.

Со оглед дека јурисдикцијата на повеќето големи онлајн платформи се наоѓа во Ирска, каде дигитален координатор е Ирското регулаторно тело за медиуми, за спроведување на обврските од РДУ од клучно значење е соработката меѓу регулаторните тела, односно координаторите за дигитални услуги, преку Групата европски регулатори.  и надлежните тела на Европската комисија.

Со усвојувањето на Регулативата за слобода на медиумите (European Media Freedom Act – EMFA) Групата на европски регулатори продолжи да работи како Европски одбор за медиумски услуги (European Board for Media Services – EBMS). Колаборативната рамка воспоставена меѓу Европската комисија,  Европскиот борд за дигитални услуги и Групата на европски регулатори има за цел да осигури дека онлајн платформите и пребарувачите ќе ги исполнуваат своите обврски за намалување на дезинформациите во европскиот дигитален простор.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција