Целосно игнорирани препораките од Венецијанската комисија за Законот за заштита на приватноста

Komisioni i Venecias bisedonte me veshë të shurdhër. Foto: Komisioni i Venecias

 

И покрај критиките на Венецијанската комисија кои беа опширно образложени со насоки и препораки за подобрување на текстот на законот, владата буквално го изгласа истиот текст на законот без членот 2 од претходниот закон.

 

Пишува: Александар Георгиев

Во ноември минатата година во Собранието на Република Македонија беше изгласан Законот за заштита на приватноста, кој имаше за цел уредување на прашањата за заштита на приватноста на граѓаните на Република Македонија, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, а во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година. Тој вклучуваше и забрана за поседување, обработка, јавно објавување на материјалите кои претставуваат повреда на приватноста на личниот и семеен живот и забрана за поседување, обработка, јавно објавување и располагање на кој било начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички и други цели и постапки.

Следниот месец, во декември беше побарано мислење од Венецијанската комисија за два закона и тоа Законот за укажувачи и Законот за заштита на приватноста, кој наиде на доста забелешки за нејаснотиите кои ги содржеше текстот. Се потенцираше дека е потребна подлабока разработка и разјаснување на некои елементи од законот, кои се нејасни и противречни.

 

ЗА СИТЕ СЛЕДЕЊА ИЛИ САМО ЗА СЛЕДЕЊАТА ОД УБК?

Првиот проблем на кој посочи Венецијанската комисија е прашањето дали законот се однесува на сите незаконски следења на комуникациите во тој период или конкретно на следењето на комуникациите од страна на УБК? Во овој контекст правилно се поставува ова прашање, бидејќи како формулација опсегот е премногу општ, но и конфузен, а од законодавецот се бараше да појасни за кои точно разговори се однесува законот, за да може истиот полесно да се хармонизира со Законот за специјалното обвинителство.

Еден од попроблематичните делови во Законот за заштита на приватноста е во членот 4, каде се пропишува санкција за овозможување на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана, а содржината на разговорот ја нарушува приватноста на личниот и семејниот живот;  освен за разговор или изјава која претставува јавен интерес. Венецијанската комисија смета дека законот не треба да се концентрира само на ова решение, туку законодавецот треба да даде малку поширока заштита како на пример заштита на националната безбедност, информации од деловни тајни и слично.

Се критикува и непропишувањето санкција за лицата кои поседуваат прислушкувани материјали и кои нема да ги предадат на специјалното обвинителство, иако во член 1 од законот поседувањето прислушкувани материјали се смета за незаконско незаконито.

И покрај критиките на Венецијанската комисија кои беа опширно образложени со насоки и препораки за подобрување на текстот на законот, владата буквално го изгласа истиот текст на законот без членот 2 од претходниот закон, со кој се укажуваше дека сите кои поседуваат прислушкувани разговори треба да ги предадат до надлежното обвинителство и ја одложи примената на законот до 1 јули 2017 година.

При составувањето на новиот закон не е земена предвид ниту една критика ниту пак насока за подобрување на законот, и целосно е ингориран извештајот од Венецијанската комисија.

 

ЗАКОНОТ НЕ Е ЗА „БОМБИТЕ“

Она што треба да го знае јавноста е дека законот не се однесува на веќе објавените материјали заклучно со 15 јули 2015 година.

Оној што ќе објави прислушувани или тонски снимани разговори или делови од нив или нивни транскрипти, со кои се врши повреда на приватноста на личниот и семејниот живот, ќе се казни со казна затвор од еден месец до една година. Доколку делото го стори правно лице, ќе се казни со парична казна. Одговорното лице во правното лице ќе се казни со казна затвор од најмалку еден месец до една година.

Овој закон  ќе почне да се применува од 1 јули 2017 година.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција