Цензорот да обвинува за цензура е недоследно
Правдата и демократијата заминуваат од Македонија, а новата власт ја гуши слободата на медиумите и прави цензура, вели парафразирано ВМРО ДПМНЕ во нивната изјава/соопштение од вчера, став кој е целосно недоследен според оценката на „Вистиномер“
ВМРО-ДПМНЕ лиферуваше изјава/соопштение во кое, меѓу другото, се наведени и следните ставови што ги оценуваме како недоследни:
Правдата и демократијата заминуваат од Македонија. СДСМ ја гуши медиумската слобода. Јавноста e сведок на секојдневна цензура, притисоци и закани врз медиумите во државата.
СДСМ ветуваше слобода, а донесе замолкнување на медиумите. Се изрекуваат затворски казни за искажан став, се цензурираат емисии, а државни функционери навредуваат и заплашуваат новинари…
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб сајт, датум: 12.03.2018]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Правдата и демократијата заминуваат од Македонија, а новата власт ја гуши слободата на медиумите и прави цензура, вели парафразирано ВМРО ДПМНЕ во нивната изјава/соопштение од вчера, став кој е целосно недоследен според оценката на „Вистиномер“.
Образложението за недоследноста на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ лежи во непобитен факт: слобoдни медиуми во Македонија немаше за време на 11 годишната власт на ВМРО-ДПМНЕ, која прекина формално на 01.06.2017 година. Или попрецизно, имаше онолку колку што таа партија предвoдена од поранешниот лидер, Никола Груевски и најблиските луѓе околу нив ќе оценеа дека е доволно, односно дека не може битно да влијае на јавното мислење во однос на нивната политика.
Обично тоа се однесуваше само на интернет порталите, односно на оние десетина дигитални редакции што се трудеа да ја одбранат честа на професијата.
Впрочем, според Репортери без граници, релевантна меѓународна организација која се занимава со слободата на медиумите, степенот на слобода од 2006 г. до 2016 г. бил толку влошен што земјата се искачи од 46-тото место до 118 –тото. Ништо помалку забелешки не најде ниту поранешниот специјален пратеник за слободата на изразувањето на генералниот секретар на ООН Франк Ла Ру, ниту, пак, поранешната комесарка за медиумите при ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ.
Да не зборуваме за случаите со затворањето на А1 ТВ, под превезот на борбата против даночните затајувачи и организираниот криминал. Или, пак, купувањето на телевизиите со милионски суми од јавните пари за реклами од божемен јавен интерес или, пак, за притисоците врз комерцијалните огласувачи да не се рекламираат во „непријателските“ ТВ станици или во угледните весници („Фокус“ и „Граѓански“) или, пак, обидите за преземање на неделниците кои непотврдено се поврзуваат и со смртта на нивните основачи. Или, пак, случајот со затворањето и судските процеси против на новинарите Томче Кежаровски и Зоран Божиновски.
Конечно, минатата година згаснаа уште три приватни и некогаш влијателни весници Дневник, Утрински весник и Вест – раководени од компнија/и во која ВМРО-ДПМНЕ имаше свои блиски луѓе – Орце Камчев и Срѓан Керим.
Така што без никакви дилеми, бидејќи факти има премногу, ВМРО-ДПМНЕ има право како опозиција да зборува за моменталната ситуација, но никако во контекст дека тие биле шампиони во демократијата во поглед на почитувањето на медиумските слободи и права и дека сега, откако СДСМ е на власт, настанува медиумски мрак. Тоа е таа недоследност што се препознава и во ставовите изразени преку нивното вчерашно соопштение.
Патем, повод за тие недоследни ставови на ВМРО-ДПМНЕ, се базирани, пред се, на двата случаи споменати погоре – заканите на функционерот на ДУИ, Бекир Асани до претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани и контроверзната полуцензура во „Телма“ ТВ. И додека вториот случај допрва треба да се разјаснува и во самата телевизија, но и во јавноста, првиот – заканите, ги осудува целата демократска домашна и светска јавност, вклучително и партиите на власт – СДСМ и ДУИ.
За кратко време ќе се види дали од вербалните осуди, ќе се премине и на конкретни чекори.
ИЗВОРИ:
- Вистиномер – Владата е главен проблем за медиумите, потврдено во два извештаи за еден месец – [проверено на 13.03.2018]
- ООН – Дигитална библиотека – Извештај на Ла Ру за посетатата на Македонија – [проверено на 13.03.2018]
- Стеј Департмент – Годишен извештај за правата на човекот во Македонија – [проверено на 13.03.2018]
- Википедија – Затворање на А1 ТВ – [проверено на 13.03.2018]
- Вечер – Четири и пол години затвор за Томче Кежаровски – [проверено на 13.03.2018]
- Призма – Згасна Дневник, првиот приватен весник во Македонија – [проверено на 13.03.2018]
Oцени: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар