Тунева: Медиумската писменост е како вакцина, создава имунитет против дезинформациите

Фото: Марина Тунева

„Дезинформациите се малку како лебарки, кога ќе запалиш светло, се разбегуваат, но тоа не значи дека исчезнале. Тие се враќаат секогаш кога просторот е оставен без ред, без хигиена и без внимание“.

Во суштина, борбата против дезинформации не се сведува на гонење или бришење содржини, туку на градење општество каде што лагата нема исто влијание како вистината, а тоа се постигнува со јакнење на капацитетите, политичка волја и долгорочни политики, а не со импровизации“- вели Тунева

 

Подготвил Т.Б.

Марина Тунева, експертка по стратегиски комуникации и вонреден професор на Институтот за комуникациски студии зборува за справување со дезинформациите, за социјалните мрежи, за медиумската писменост, за слободата на говор и за саморегулацијата како еден од елементите во справувањето со проблемот:

– Со оглед на фактот дека повеќето истражувања потврдиле дека социјалните мрежи се едни од главните канали за ширење на дезинформациите кои се штетни за демократските процеси во државата, како треба како држава и општество да се справиме со штетните влијанија преку овој канал на пренос – социјални мрежи?

Тунева: Иако социјалните мрежи се едни од најмоќните канали за ширење дезинформации, тие се истовремено и клучен простор за информирање, образување и јавна дебата. Затоа, пристапот кон нив мора да биде внимателен и стратегиски, односно не со изолација или забрани, туку со изградба на отпорно општество и зрели институции.

Во држава како нашата, каде што голем дел од населението се информира преку Facebook, TikTok или Instagram, најопасно е да се очекува дека платформите сами ќе го решат проблемот. Она што може да го направи општеството е да создаде услови за посилен јавен интерес: поддржано, независно и професионално новинарство, јасни обврски за транспарентност кај институциите, дефинирани редакциски правила за проверка на онлајн содржини, како и стабилни механизми за медиумска саморегулација кои важат и за дигиталниот простор.

Паралелно со тоа, мора да се инвестира во медиумска и дигитална писменост, не декларативно, туку како долгорочна политика. Образовниот систем може да создаде генерации кои препознаваат манипулации, а општествените кампањи и едукативните програми можат да им помогнат на возрасните, особено оние кои живеат во средини со ограничен пристап до професионални медиуми, да развијат критичко мислење. Искуството од многу европски држави покажува дека кога граѓаните се информирани и медиумски писмени, дезинформациите не исчезнуваат, но нивната штета е значително намалена.

Дезинформациите се малку како лебарки, кога ќе запалиш светло, се разбегуваат, но тоа не значи дека исчезнале. Тие се враќаат секогаш кога просторот е оставен без ред, без хигиена и без внимание. Истото важи и за дигиталниот простор, ако не го средуваме системски, само ќе гаснеме пожар по пожар, без да ја решиме причината.

Во суштина, борбата против дезинформации не се сведува на гонење или бришење содржини, туку на градење општество каде што лагата нема исто влијание како вистината, а тоа се постигнува со јакнење на капацитетите, политичка волја и долгорочни политики, а не со импровизации.

М. Тунева. Фото: Мета.мк/принтскрин

Слободата на говор и борбата против дезинформациите можат да коегзистираат

-Како да се најде рамнотежа помеѓу борба за спротивставување со дезинформациите и незагрозување на слободата на говор, нешто што е е универзално човеково право?

Тунева: Пронаоѓањето рамнотежа меѓу спротивставувањето на дезинформациите и заштитата на слободата на говор бара сериозна демократска зрелост. Слободата на говор не смее да се третира како пречка, ниту пак како изговор за штетни практики. Таа е основа врз која се гради демократската дебата, но и право што станува ранливо кога јавниот простор е преплавен со манипулативни, координирани или злонамерни содржини.

Најефикасните решенија во светот не се засноваат на цензура, туку на транспарентност. Намалување на досегот на докажано лажна содржина, означување на манипулативни објави, упатување кон проверени извори и јасни стандарди за политичко рекламирање се инструменти кои го штитат јавниот интерес без да ја задушат дебатата. Тука е важна и културата на отчетност, на пример ако на граѓанин му е отстранета содржина мора да знае зошто, да има право на жалба и да не биде оставен на милост или немилост на технолошки алгоритам.

На крај, ниту платформите, ниту државата не треба да бидат единствените арбитри на вистината. Саморегулаторните тела, факт-чекерите, медиумските организации и академската заедница имаат суштинска улога во одржување на рамнотежата. Ова е особено важно во поларизирани општества како нашето, каде што граѓаните повеќе веруваат на новинарите и експертите отколку на политичките институции.

Балансот не е цел што се постигнува еднаш, туку динамичен процес што бара транспарентност, постојано учење и вклучена јавност. Но, историјата покажува дека кога демократиите ќе го изберат патот на поголема отчетност, а не на поголеми забрани, тогаш и слободата на говор и борбата против дезинформациите можат да коегзистираат без да се исклучуваат една со друга.

Медиумската писменост го јакне имунитетот на граѓаните

-Колкава е улогата на медиумската писменост во справување со дезинформациите и кој и како треба да ја спроведува?

Тунева: Медиумската писменост е веројатно најдолгорочниот и најдемократскиот одговор на дезинформациите. Наместо да се обидуваме да ги филтрираме сите штетни содржини, што е невозможно, ние го јакнеме капацитетот на граѓаните самите да препознаваат манипулации, да проверуваат информации и да реагираат критички на изворите што ги следат. Тоа е, во основа, суштината:

Медиумската писменост создава имунитет, а не зависност од државата или платформите. Таа дејствува како вакцина, односно не нè заштитува од секоја лажна објава, но ни го јакне имунитетот и нè прави многу помалку подложни на манипулација.

Во Македонија таа е особено значајна затоа што граѓаните честопати се информираат преку тесен спектар на извори, а социјалните мрежи имаат огромно влијание врз младите. Токму затоа, медиумската писменост не треба да се третира како еднократна кампања, туку како државна политика, слично како дигиталната писменост или учењето јазици.

Но, успехот не зависи од една институција. Образовниот систем има централна улога, преку училишните програми, преку подготвени наставници и преку вклучување на критичкото мислење како основна компетенција од најрана возраст. Медиумите, исто така, мора да бидат дел од тоа, преку транспарентни процеси, објаснување на сопствените уреднички одлуки, отворање на вратите за ученици и млади, но и преку сопствени обуки за новинарите за тоа како да работат во дигитална средина.

Граѓанските организации и факултетите имаат голема предност, тие можат да работат таму каде што институциите немаат капацитет, односно со ранливи заедници, со возрасни, со маргинализирани групи, со вработени во јавната администрација. Токму нивната флексибилност и експертиза го прават процесот поефективен.

А државата? Таа треба да постави рамка, да обезбеди поддршка без политичко влијание и да гарантира дека медиумската писменост ќе остане професионална, независна и отворена, а не алатка за контрола на мислењето. Во глобални рамки, тоа е препорачаниот модел, којшто е инклузивен, долгорочен и со повеќе актери, а не централизиран и зависен од политичка волја.

Фото: Порталб.мк

Саморегулацијата функционира против дезинформациите

Каква треба да биде медиумската саморегулација за да помогне во спречувањето, но и разобличувањето на дезинформациите?

Тунева: Саморегулацијата е најдемократскиот механизам за заштита на јавниот интерес во медиумите, особено во борбата против дезинформациите. Таа функционира токму затоа што не доаѓа од државата, туку од професионалната заедница – новинарите, редакциите, уредниците. Суштината на нејзината улога е во тоа што создава стандарди и норми, а потоа обезбедува фер и независен процес за нивно почитување.

Во контекст на дезинформациите, саморегулацијата треба да биде не само корективен, туку и проактивен механизам. Тоа значи дека и самите медиуми треба да имаат јасни внатрешни редакциски правила за онлајн работа, односно проверка на извори, постапување со содржини од социјални мрежи, транспарентност за сопственоста и интересите. А, исто така, да се развијат стандарди за работа со автоматизирани алатки и вештачка интелигенција, затоа што токму тие се новата точка на ранливост.

Саморегулаторните тела, односно Советот за етика во медиумите, треба да продолжи да го негува својот интегритет преку континуирана независност, транспарентност и отвореност за јавноста. И праксата однадвор потврдува дека силата на саморегулаторните тела не е во казните, туку во кредибилитетот, односно во способноста да обезбедат фер постапки, јавни одлуки, аргументирано образложени заклучоци и етички насоки кои медиумите доброволно ги следат. Кога јавноста има доверба во саморегулацијата, тогаш и медиумите имаат интерес да бидат дел од неа.

Глобалната пракса, исто така, покажува дека саморегулацијата функционира најдобро кога е поврзана со други механизми, односно со факт-чекерите, академските институции, новинарските здруженија и платформите. Таа мрежа или „коалиција“ овозможува брза реакција, навремено разобличување на дезинформации и јасно разграничување меѓу професионално новинарство и политички пропагандни центри кои се претставуваат како медиуми.

Во земји како Македонија, каде што политичките притисоци и економската ранливост се силни, саморегулацијата има уште поголема улога. Таа е единствениот механизам што ја штити професијата од директно политичко влијание и ја одржува врската меѓу новинарите и јавноста. За да биде ефикасна, мора да биде стабилно финансирана, професионално водена и поддржана од самите медиуми, а државата треба да ја почитува, без да се меша во нејзините одлуки. Накратко, саморегулацијата не е само инструмент за санкционирање грешки, туку столб за зачувување на интегритетот на медиумите и заштита од дезинформации. Кога функционира добро, таа го одржува најважното нешто во демократијата: довербата.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција