Турското маало во Струмица уште чека на некои ветувања од Заев
Општина Струмица некулку години наназад се залага и применува инклузивна социјална политика со цел намалување на разликите меѓу мнозинското население и Ромско-Турската популација. Се залагаме за изградба на социјално праведно општество во кое богатите ќе им помагат на сиромашните и во кое општината правично и рамноправно ќе ги алоцира финансиските средства кон сите граѓани без оглед на националната припадност.
Во контекст на тоа, а согледувајќи ги реалните потреби и проблеми на жителите од турското маало за периодот 2013 – 2017 година, ветуваме:
РЕКОНСТРУКЦИЈА И МОДЕРНИЗАЦИЈА НА ТУРСКОТО МААЛО: асфалтирање на улици, поплочување на тротоари, изградба и хортикултурно уредување на нов парк, поставување на модерна урбана опрема и други инфраструктурни проекти за нашите сограѓани од Турското маало;
ИЗГРАДБА НА 100 КУЌИ ВО ТУРСКОТО МААЛО наменети за семејствата од турска етничка заедница кои живеат во субстандардни услови во делот кај терминалот
УРЕДУВАЊЕ НА ГРОБИШТАТА ВО ТУРСКОТО МААЛО (проширување, поплочување на патеките, јавни чешми, поставување на клупи и корпи за отпадоци) (Рок: април 2017)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Во изборната програма со која тргна во освојување на довербата на гласачите пред локалните избори во 2013 година, на страницата 49, Зоран Заев, вети решавање на горливи проблеми во Турското маало во Струмица. Даде ветувања за целосна реконструкција на Турското маало, со асфалтирање улици и поплочување тротоари, нов парк, нова модерна урбана опрема, но и изградба на 100 нови куќи за граѓаните кои живеат во супстандардни услови, како и уредување на гробиштата во Турското маало. Рокот што го наведе е крајот на неговиот мандат, во април 2017 година, односно за помалку од една година отсега.
Нашето истражување на медиумските сајтови и на веб-сајтот на Општина Струмица покажа дека е реализиран само еден дел од ветеното. За другиот дел пак, останува малку време, така што, прашање е дали ќе се успее ветувањето целосно да се исполни. Сепак, со оглед на фактот дека дел од ветувањата се реализирани, а во буџетот на Општина Струмица за годинава се предвидени средства за изградба на нови куќи за жителите на Турското маало кои сега живеат во супстандардни објекти, може да се смета дека ова ветување е во тек.
Како дополнување на напишаното во изборната програма, ветувањата Заев ги повтори и прошири и на предизборен митинг одржан на 21 март 2013 година во Турско маало:
Сакам вечерва да знаете дека продолжуваме заедно да градиме инфраструктура. До последната куќа ќе нема да има повеќе кал. Секаде ќе има нов асфалт и нови тротоари и нови цементирани улици. До последната куќа… Следува „Бошко Буха“ со нова цементирана улица. Секаде ќе има и канализација, да, и на турските гробишта горе и водовод и канализација и нов пат. Цело маало, цело маало ќе буде урбано, обновено. На ободниот канал којшто ќе го градиме, повеќе ќе нема наноси од вода. Тогаш ќе имаме нови улици, нови тротоари, нови канделабри и клупи. Ви ветувам дека ќе правиме нови детски игралишта за најмладите. Ќе отвориме и детска градинка за децата од турска националност. Ќе отвориме и нови училишта. Ќе одиме напред.
И тоа не го зборувам сега само оти се избори. Секој пат сум зборувал и реализирал. Турското маало има уште малку инвестиција од инфраструктура. Ќе имаат сите водовод, фекална канализација, атмосферска канализација, убави улици, убави патишта. Сакам да зборуваме за убави модерни вредности, за детски градинки, за објекти за културата…
Најважното ветување, почитувани пријатели, е заедно со ова турско маало, ќе ја реализираме и дислокацијата на долното турско маало со 100 нови објекти. Зошто? Заради тоа што овде има блиску школо, имаме целосна инфраструктура, имаме џамија за вероисповед на сите граѓани од турска националност. Имаме овде можност за квалитетен живот подеднакво за сите. (Од 4.58 до 7.29 во видеото).
Заев на жителите им вети дека повеќе жителите нема да газат во кал, оти сите улици и улички ќе бидат асфалтирани или бетонирани, вети фекална канализација за сите куќи и атмосферска канализација, вети дека ќе се прават и нови улици, но вети и нова детска градинка, нови детски игралишта, како и нови училишта. Струмичкиот градоначалник, кој на тогашните избори освои нов мандат, на митингот вети и завршување на обиколниот канал што ќе го реши проблемот со поплавувањата и нови 100 куќи во кои ќе се вселат жителите од Долно турско маало.
Пребарувањето по интернет води до информации на сајтот на Општина Струмица, како и на вести од неколку новински сајтови, кои главно се преобјавени информации од сајтот на Општината. На истите овие извори наоѓаме и фотографии од кои може приближно да ја утврдиме фактичката состојба.
На сајтот на Општина Струмица може да се види дека обиколниот канал е целосно изграден и пуштен во употреба на 10 декември лани. Што се однесува до асфалтирањето или бетонирањето на улицата Бетовенова, тоа е почнато на 25 јуни 2014 година, а завршено до крајот на тој месец, но како што може да се види, не е покриена целата должина на оваа улица. Бетонирање на нејзиниот тротоар од десната страна од улицата Плачковица до улицата Бошко Буха почнува на 24 ноември лани. Изградбата на неопходната инфраструктура – водовод, фекална и атмосферска канализација – на последниот потег на Бетовенова, до Турските гробишта, е почнато на 21 декември минатата година. Станува збор за улична должина:
од 350 метри, со изведба на околу 420 метри фекална канализација, 120 метри атмосферска канализација и 420 метри водовод, со што ќе се покрие главната улица и приклучоците кон секундарните улички кои што излегуваат на оваа улица.
За пролетва оваа година е најавено бетонирање на последниот несреден дел на оваа улица. Претходно жителите реагираа што делот на улицата кон гробиштата раскопан уште во декември не „мрднал“ сè до 15 февруари годинава. Поради тој дел на улицата Бетовенова, лани имаше двапати протести на дел од жителите – последниот пат на 6 октомври лани, а претходно на 3 јули.
Санацијата на улицата Бошко Буха се остварува преку со бетонирањето, кое е почнато на 26 ноември лани. Давајќи отчет за реализираното минатата година, во средината на декември лани, Заев информираше дека бетонирањето е завршено. Тој тогаш појасни дека на улиците „Бетовенова“ и „Бошко Буха“ изградени се фекална и атмосферска канализација, пуштени се нови водоводни цевки и направени се приклучоци на околу 200 семејства, санирани се тротоарите, бетонирана е улицата „Бошко Буха“.
Градоначалникот на Струмица рече и дека урбано се уредени повеќе локации со клупи, канделабри, канти за отпадоци, а извршено е и хортикултурно уредување, што се гледа од фотографиите објавени на сајтот на Општина Струмица заедно со информацијата за реализираните градежни активности во 2015 година.
Во поглед на, веројатно, најголемо од предизборните ветувања на Заев за Турското маало, тоа за изградба на 100 нови куќи за најзагрозените жители, на 27-та страница на Буџетот на општина Струмица за 2016 година гледаме дека 1 јануари годинава е официјалниот почеток на проектот. Описот на проектот гласи:
Изградба на нови куќи и комунална инфраструктура за граѓаните од турска националност кои сеуште живеат во супстандардни услови во населбата кај Терминалот. Со тоа ќе ја дислоцираме целата оваа неселба во нова населба која ќе има нормални услови за живот со сите неопходни атрибути за квалитетно живеење.
Во поглед на овој проект има одредена недоследност – односно во оваа буџетска ставка како крај на проектот е наведен 31 декември 2018 година, што го надминува актуелниот мандатот на Заев. Исто така, за првата година се предвидени 8 милиони денари, за втората – 2017 и за третата – 2018, се предвидени по 20 милиони денари, што зборува дека за оваа година, последната целосна од мандатот на Заев, се предвидени најмалку пари, што говори дека за овој период се предвидени најмалку од работите, што е веќе сигурна назнака дека комплетната реализација на новата населба со 100 куќи, секако нема да заврши пред истекот на актуелниот мандат на Заев.
Што се однесува до ветувањето за уредување на турските гробишта, на веб-сајтот на Општина Струмица нема информација дека е нешто преземено за исполнување на ветувањата.
Со оглед на тоа дека голем дел од ветените проекти за Турското маало се спроведени, а за некои реализацијата е во тек, ова ветување на Зоран Заев добива оценка во тек.
ИЗВОРИ
- Изборна програма на Зоран Заев за локалните избори 2013 (стр. 49) [Пристапено: 07.06.2016]
- Јутјуб канал на Зоран Заев (21.03.2013) „Зоран Заев на митинг во турското маало во Струмица“ [Пристапено: 07.06.2016]
- Веб-сајт на општина Струмица (10.12.2015) „Ободниот канал во Струмица пуштен во употреба“ [Пристапено: 07.06.2016]
- Веб-сајт на општина Струмица (25.06.2014) „Почна асфалтирањето на улицата „Бетовенова“ [Пристапено: 07.06.2016]
- Веб-сајт на општина Струмица (01.07.2014) „Општина Струмица ги интензивира градежните активности по улиците и тротоарите во градот“ [Пристапено: 07.06.2016]
- Веб-сајт на општина Струмица (24.11.2015) „Се бетонира тротоар на улицата „Бетовенова“ [Пристапено: 07.06.2016]
- Веб-сајт на општина Струмица (21.12.2015) „Почна изведбата на комплетна комунална инфраструктура на улицата „Бетовенова“ [Пристапено: 07.06.2016]
- Струмица денес (15.02.2016) „Се уште неасфалтиран патот до гробиштата во турското маало“ [Пристапено: 07.06.2016]
- Струмица денес (06.10.2015) „Жители од турското маало: Додека Заев дели памет во Скопје нека ги асфалтира улиците во Струмица“ [Пристапено: 07.06.2016]
- МКД.мк (03.07.2015) „Жители од струмичкото Турско маало побараа оставка од Заев“ [Пристапено: 07.06.2016]
- Веб-сајт на општина Струмица (26.11.2015) „Ќе се бетонира улицата „Бошко Буха“ [Пристапено: 07.06.2016]
- Веб-сајт на општина Струмица (15.12.2015) „Со завршувањето на Ободниот канал решени се повеќе проблеми на граѓаните“ [Пристапено: 07.06.2016]
- Веб-сајт на општина Струмица (15.12.2015) „Со завршувањето на Ободниот канал решени се повеќе проблеми на граѓаните“ [Пристапено: 07.06.2016]
- Буџет на општина Струмица за 2016 година, стр. 27 (29.12.2015) [Пристапено: 07.06.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар