ТВ „Алфа“ дезинформира дека Бочварски не ги почитува мерките против коронавирусот, па се извини

[Рецензија: Бочварски со дваесетина млади без маски и дистанца го честиташе 9 мај]

Телевизијата „Алфа“ во прилог во вестите на 9 мај (2020), по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа ги манипулира гледачите со стара фотографија преставувајќи ја како нова и актуелна.

Во еден од прилозите во вестите тој ден објавена е дезинформација дека градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, го честитал 9 мај со дваесетина млади без маска и дистанца, спротивно на мерките предвидени за спречување на ширењето на корона-вирусот.

Линк до оригиналниот напис: Бочварски со дваесетина млади без маски и дистанца го честиташе 9 мај

Датум и време на објавување: 9.5.2020

Датум на рецензија: 10.5.2020

Рецензент: Симона Атанасова

На објавената фотографија навистина се гледа дека Бочварски е опкружен со млади без маски и кои не држат соодветна дистанца. Но, она што е скриено како информација е дека фотографијата е стара две години. Снимена е на одбележувањето на Денот на Европа во Штип во 2018 година, а не оваа година.

За оваа објава реагира и самиот Бочварски, кој на „Фејсбук“ појасни дека фотографијата е стара и побара извинување од ТВ „Алфа“.

Најостро реагирам на лажната пропаганда која е пласирана на телевизија „Алфа“ со цел ширење лаги и манипулации на граѓаните. Запрепастува како се осмелиле да употребат фотографија за која јасно стои во описот дека е од настан што се случи пред две години, во 2018 година, а којшто тогаш беше медиумски покриен од сите национални медиуми, настан на кој присуствуваше тогашниот Претседател на Владата Зоран Заев и високи претставници на Европската Унија, како и многу амбасадори од европските земји.

Очекувам од ТВ „Алфа“ во сите други изданија на нивните вести во текот на денов да се извинат за ширењето на оваа лажна вест.

Време е да се стави крај на ширењето лажни вести.

Во вестите во 17.30 часот, телевизијата објави дека е направена грешка и му се извини на Бочварски за направениот пропуст.

Кога грешката е ненамерно направена, знаеме јавно да признаеме и да се извиниме, се вели во извинувањето од ТВ „Алфа“.

Објавувањето демант, односно исправка е должност на секој медиум што свесно или несвесно ќе ја изманипулира или дезинформира јавноста. Тоа го предвидува и Кодексот на новинарите, каде што во членот 3 е наведено дека:

Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување исправка, демант и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата.

Во овој случај Телевизија „Алфа“, иако првично објави неточна информација, сепак, по реакцијата на Бочварски, објави исправка и извинување.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција