ТВ-ДНЕВНИК: Mожни инвестиции поважни од илјадници студенти на улица

Prva-TV-alfa-vesti
„…голем број на членови и функционери од СДСМ и опозицијата им се придружија на протестите“, се вели во вестите. Колку голем? Е па шестмина… Фото: видео клип скриншот

 

[Рецензија на ТВ-дневникот на ТВ „Алфа“, 10.12.2014]

Ако медиумите се слуги на народот, а не на центрите на моќ, тогаш останува отворено прашањето: Што е побитно за просечниот гледач? Што се случува дома или презентацијата на економската ориентација на Владата во странство? Конечниот суд секако го носи публиката.

 

 

Пишува: Александар Пешев

 

Интересна е одлуката да се отворат вестите со најави за можни инвестиции за кои не е донесена конечна одлука, додека дома низ неколку градови илјадници млади луѓе се излезени на улица. Постојат шанси просечниот гледач да добие впечаток дека редењето на прилозите во информативното издание има навивачка функција, но, на крај, одлуката со која информација ќе се отворат вестите зависи од политиката на самиот медиум.

Првиот носечки прилог во вестите е посветен на интересот на странските инвеститори за Македонија и на презентации на владини претставници и импресии на постоечки инвеститори.

Ако медиумите се слуги на народот, а не на центрите на моќ, тогаш останува отворено прашањето: Што е побитно за просечниот гледач? Што се случува дома или презентацијата на економската ориентација на Владата во странство? Конечниот суд секако го носи публиката.

001-0987-0987-gore

ТВ-ПРИЛОГ (Видео): Германската компанија „Аконплас“ на чекор до одлука да инвестира во Македонија

001-0987-0987-dolu

Веднаш по информацијата дека странците се заинтересирани за земјава, следува најава за прилог дека „Македонија ќе извиси“ во Брисел во поглед на датумот за почеток на преговори за членство во Европска Унија.

Најавата на прилогот содржи коментар дека „очигледно спорот со името останува главната пречка“. Ваквата констатација не е поврзана со извор, со што истата може да се интерпретира како лично мислење на авторот на највата или на презентерот. Новинарот презентира детални информации за донесени нацрт-заклучоци и професионално ги презентира расположливите информации. Прилогот ги демантира тврдењата во најавата ако се земе предвид дека новинарот, повикувајќи се на донесените нацрт-заклучоци, посочува кон дополнителни забелешки на министрите во Брисел во поглед на македонските евроинтеграции покрај спорот за името.

002-0987-098-gore so logo-002

ТВ-ПРИЛОГ (видео): Европскиот совет по шести пат нема да ја прифати препораката за Македонија

002-0987-098-dolu-002

Гледачот „се враќа дома“ преку третиот прилог, посветен на полициската акција „Чекан“. Следи вест под слика за наводните бомбашки напади во Тетово и во Куманово, по што се презентира информацијата за студентскиот марш.

Во најавата за прилогот повторно се забележува коментаторски елемент, дека „активистите и функционери од опозицијата, сепак не ги послушаа нивните апели (студентски пленум) политиката да не се меша во нивната иницијатива“. За разлика од слични објави на оваа тема, авторот на прилогот не прави обид да процени колку точно учесници имало на протестот. Околу првата минута од прилогот се дава коректна техничка информација за барањата на студентите и за текот на маршот. Понатаму во прилогот се забележува коментар. Се наведува: „…голем број на членови и функционери од СДСМ и опозицијата им се придружија на протестите“. Оф-тонот, поточно текстот кој го чита новинарот, е инсертиран со фотографии на кои со црвени кругови се заокружени и потпишани именуваните членови на партии и активисти. Не се знае како авторот на прилогот утврдил дека станува збор за „голем број на членови и активисти“. Вреди да се спомене дека во самиот прилог се кажува оти на протестот имало илјадници учесници, а на инсертите со кои се тврди дека учествувале „голем број членови и активисти“ се заокружени шест лица. Понатаму, прилогот продолжува со информации за поддршката на маршот од други градови и се навраќа на ставот на Министерството за образование и наука, со што се задоволува принципот на избалансираност на објавата.

003-0987-098-gore so logo-003

ТВ-ПРИЛОГ (видео): Мирно заврши вториот протест на студентите, барањето го доставија до Владата

003-0987-098-dolu-003

Вестите продолжуваат со прилог за користење на изборното мастило за време на избори, со најава дека на следните избори нема да се обележуваат палците на гласачите. За информацијата е направен прилог, кој ги содржи сите потребни елементи на новинарски извештај. Единствено е нејасно дали информацијата е актуелна за гледачот, имајќи предвид дека нема најави за нови избори.

Проблемите со обилните дождови кои предизвикале поплави во Штипско и во пелагонискиот регион се покриваат во продлжение со прилог и со вест под слика. Овој дел од информативното издание ги задоволува професионалните стандарди на известување. Врз основа на принципот на тематска поврзаност, вестите продолжуваат со информации за поплави во Грција. Во овој дел на вестите е обезбедена потребната флуидност, имено, информациите се надоврзуваат едни со други, со што е избегнат ризикот гледачот да се збуни од измешан тек на прилози. Сепак, информациите кои се од интерес на пошироката публика, како почитувањето на човековите права, се спуштени подолу во информативното издание, за сметка на овие информации кои се релевантни само за еден сегмент од населението погодено од поплавите.

Носечки прилог во економскиот дел на вестите е на тема „Јужен тек“. Повторно се создава сомнеж за коментар во најавата за прилогот дека „превирањата им создадоа проблеми на Бугарија и Србија, но на нас можат да ни донесат и бенефит“, бидејки не се кажува кој го дава ова тврдење. Без тоа, гледачот може да претпостави дека ставот е на презентерот. Првите неколку реченици од прилогот може да се интерпретираат како коментари бидејќи не се кажува кој го изјавил изнесеното. Сепак, воведот на прилогот се поддржува со изјава од еврокомесарот за енергетика, кој со својата изјава ги потврдува тврдењата. Прилогот продолжува со изјави на домашни експерти кои ја подржуваат констатацијата во најавата за можни придобивки за Македонија од целата ситуација околу „Јужен тек“. Споменувањето на овој детаљ во најавата можело да ги исклучи сомнежите за коментирање.

Понатаму во економскиот блок се нудат информации за Европската банка како нов акционер во рудникот „Иловица“ и владиниот оглас за вработување деца без родители. Во второименуваниот прилог се забележува коментаторски елемент во кајронот, поточно потписот на видеоматеријалот: „Продолжува грижата за децата без родители“. Покрај тоа што „продолжува“ не е вест, нема одговор на прашањето: кој го вели тоа? Од видеоматеријалот евидентно е дека станува збор за изјава на министерот за труд и социјална политика, што треба да се наведе во самиот кајрон.

Со изјави за пратеничка поддршка за лицата со посебни потреби, прилог за проблемите на занаетчиите и информацијата за донации за клиниката во Велес се затвора економскиот блок од вестите.

Информативното издание продолжува со прилогот за меѓународниот ден на човековите права. Токму тука се актуелизира прашањето зошто информација која засега поширока популација е подредена по информации за полициска акција, економско промотерство во странство од кое нема суштински исход и информации од светот како поплави во Грција. Прилогот е содржаен, но освен еден телоп (текст на екран), недостигаат тонски изјави кои би го направиле видеоматеријалот погледлив.

До крајот на вестите се презентираат информации за грижата за Охридско Езеро, загадувањето на воздухот во Битола, што во основа е извештај од конференција за печат, и признанија за пожарникарите.

Гледано како целина, информативното издание е составено од прилози кои во голема мера ги задоволуваат техничките и професионални стандарди. Има неколку коментаторски елементи кои се инкорпорирани во дел од прилозите или во најавите за прилозите. Редоследот и текот на информациите е одлука на уредништвото и уредувачката политика, но гледајќи ги вестите, се добива впечаток дека е направен обид дел од информациите да се затрупаат со други информации. Но, на крај, останува публиката да одлучи дали информациите што ги смета за важни добиле соодветен приоритет во информативното издание.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција