Твитовите за спотот ,,Исправи се Македонијо“, повод за политичко навивање

Пишува Жаклина Цветковска

Во текстот што го рецензираме, со наслов ,,Твитер „гори“: Само киропрактичарот Мицковски е исправен во спотот, тоа е затоа што одеше во теретана“, објавен на интернет порталот gragjanskizbor.mk на 24.06.2020 година, всушност, порталот пренесува реакции на твитерџии во врска со предизборниот спот на ВМРО-ДПМНЕ и направената видео монтажа, која се однесува  на  слоганот на опозицијата „Исправи се Македонијо! Обновата доаѓа!“

Во самиот наслов „Твитер „гори“: Само киропрактичарот Мицковски е исправен во спотот, тоа е затоа што одеше во теретана“ се содржани коментаторски елементи. Порталот изразува субјективност и голема доза на пежоративност кон лидерот на опозицијата и со потсмешлив и ироничен тон го нарекува киропрактичар, алудирајќи на објавените снимки за неговата посета на теретана за време на полициски час.

Ваквиот наслов е делумно и сензационалистички и едностран, односно се објавуваат исклучиво оние делови од јавните реакции кои се критички.

Со објавениот медиумски производ, што всушност и не е вест, бидејки не ги содржи основните елементи на овој новинарски жанр, покажана е политичка пристрасност, во овој случај кон владејачката партија, преку ширење на навредливи содржини за нивниот политички опонент.

Во овој случај не е одржана потребната професионална  дистанца од политичкиот субјект. Прифатена е твитерската пародија за спотот, со што се нарушени принципите на објективност и точност при пренесувањето на информациите.

Во членот 14 од Кодексот на новинарите стои:

„Известувањето од политичките процеси,посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.“

Во објавата е прекршен и членот 15 од Кодексот на новинарите: Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.

Во вториот  пасус   од текстот „ Погледнете во продолжение колкава доза на духовитост и креативност разбуди спотот кај корисниците на оваа социјална мрежа.“, медиумот се однесува навивачки и се „воодушевува“ на објавените коментари на твитерџиите и видео пародијата. Всушност, со нескриено одобрување ги прифаќа коментарите и ги повикува граѓаните да им се придружат, што е недозволиво во информативните жанрови.

Се разбира, слободата на изразување на сопствените ставови и мислења не смее да му се ограничи на ниту еден граѓанин, а не особено духовитоста и креативноста како израз и глас на јавноста за општествените случувања. Меѓутоа, сето тоа  добива сосема поинаква конотација кога се објавува во медиум, особено во сензитивен изборен период, кога се бара објективно и непристрасно известување.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција