Тврдењето на Николоски за незапленувањето на кокаин е невистина

А. Николоски (архива). Фото: META

 

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во јавноста изговори тврдења поврзани со трговијата со дрога во РСМ при што декетирана е и невистина:

„…Во моментов кокаин имате на улиците на Скопје повеќе него било кога во историјата на Македонија, поевтин е било кога и подостапен е од било кога. Еве нека размислат сите што не гледаат кога последен пат виделе кило кокаин да фати македонската царина или македонската полиција? Јас ќе ви одговорам, овие три години грам не е фатено. Дури ни по грешка, кога праат претрес на некој камион, автобус или автомобил… мислам и по грешка да фатат го враќаат назад, затоа што структурите на СДСМ околу Зоран Заев се во криминална коалиција со нарко бандите во Македонија“. (А. Николоски)

Факт е дека Заев и СДСМ се во неформална коалиција со нарко бандите во Македонија (ВМРО-ДПМНЕ)

[Извор: Алфа Анализа/ТВ Алфа – Александар Николовски/ВМРО-ДПМНЕ/Соопштенија, датум; 21.01.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен пратеник Александар Николоски изнесе неточно тврдење во рамки на гостување на Утринска програма на ТВ Алфа на 21.01.2020, дека во РСМ во последните три години не бил фатен грам кокаин, бидејќи кругови во владејачката партија, а блиски до лидерот Заев биле во коалиција со нарко бандите во Македонија.

Пред да им се пушти местото на фактите да зборуваат околу тоа, при што, неразбирливо е зошто е апострофиран само кокаинот, може само информативно да се напомене дека ова тврдење на Николоски, т.е. на партијата, по сè изгледа, не е случајно.

Имено, ова се надоврзува на изјавата на техничкиот министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев, кој само што беше именуван на 3-ти јануари годинава, веќе на 6-ти јануари обвини за спрега на раководни структури на МВР со криминални групи.

Николоски сега е подиректен, па се обраќа на јавноста со обвинување дека таа врска е врска на луѓе од СДСМ блиски до Заев, а дека како резултат на тоа не бил фатен грам кокаин во последните три години, дури ни случајно.

„Вистиномер“ изврши една лесна проверка, токму околу кокаинот – иако повторно не е јасно зошто се апострофира само кокаинот, кога се знае дека многу подостапни и помасовно во употреба, а со тоа и поопасни, се амфетамините или хероинот – и утврди дека тврдењето на Николоски е невистина.

Проверката се однесуваше на тоа колку Јавното обвинителство на РСМ покренало истраги или обвиенија, знаејќи дека тие секогаш се должат на претходни кривични пријави поднесени од МВР, а исклучок се самостојни активности на обвинителството.

Такви примери за последните три години може да се најде следното: еве, за почеток, само во декември 2019, во еден случај, се запленети 900 грама кокаин, претходно во Скопје во друг случај, повторно е запленет кокаин, иако многу помало количество, во трет случај, исто во декември, фатени се 14 гр. кокаин во Гостивар, во март 2019 во Скопје се запленети 90 грама коакин, исто така, во март 2019 биле запленети околу 130 гр. кокаин и повторно во март во трет случај 270 гр. кокаин, во јуни истата година во Велес се запленети повеќе наркотици при што и кокаин, во мај 2018 г., кај дилер се фатени 50 гр. кокаин, ит.н. …

Можат да се редат повеќе примери, но за тоа дали органите и институциите ја работеле својата работа, можеби речито говори неодамнешната голема меѓународна акција каде што  МВР на РСМ, во активна истрага со шпанската полиција, спречија влез на 700 килограми кокаин од Латинска Америка во Европа. Ако се погледнат добро фактите, сосема е јасно дека од влез во Европа, кокаинот можел да дојде и во Македонија. Но, освен ова, покренати се обвиненија против лица кои се државјани на земјава.

Поради погоре наведените факти, може да се оцени дека тврдењето на Александар Николоски дека не бил запленет грам кокаин во изминатите три години во РСМ, а причина било тоа што кругови од СДСМ блиски до Заев биле во криминална коалиција со нарко бандите, како и повтореното тврдење на партијата истиот ден во нивната рубрика Факти на денот, се невистина.

Сосема е можно, како и во секоја полиција во светот, дел од полициски структури да се поврзани со криминални банди, како што вели новиот технички министер, но тоа, прво, засега не е поткрепено со истрага и докази, а второ, од тоа воопшто не може по автоматизам да се вадат тврдења со обвинување кон врвови на владејачката партија и нејзиниот претседател. Особено не со невистинито тврдење, дека поради тоа немало заплена на кокаин, ни грам.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.