Тврдењата на Петар Поповски за врската меѓу античките Македонци и Русите
Петар Поповски, кој се претставува како историчар и доктор на науки, тврди дека руски летопис од 7 век на извесниот Јеремија Русо е доказ за потеклото на Русите од античките Македонци, иако во 7 век немало ни словенска писменост, ни Руси, кои науката никако не ги поврзува со античките Македонци. Личност по име Јеремија Русо има напишано такво дело, но не во 7 век, а тој е крајно опскурен и не е никаков научен авторитет. Поповски пласирал и други научно недокажани тврдења за македонско-руските врски, а во сето ова има и штетно странско влијание
Петар Поповски, кој се претставува како историчар и доктор на науки, тврди дека руски летопис од 7 век на извесниот Јеремија Русо е доказ за потеклото на Русите од античките Македонци, иако во 7 век немало ни словенска писменост, ни Руси, кои науката никако не ги поврзува со античките Македонци. Личност по име Јеремија Русо има напишано такво дело, но не во 7 век, а тој е крајно опскурен и не е никаков научен авторитет. Поповски пласирал и други научно недокажани тврдења за македонско-руските врски, а во сето ова има и штетно странско влијание
Со години низ нашиот веб-простор се шират написи на Петар Поповски, кого енциклопедијата на МАНУ го опишува како пензиониран новинар и уредник на МТВ, а малку неодредено и како истражувач, но не и како историчар и доктор на науки како што тој самиот се претставува.
Дали тој можеби докторирал по излегувањето на енциклопедијата, ние не знаеме, а негови научни статии на сајтот на Институтот за национална историја ние не најдовме (се извинуваме ако нешто сме пропуштиле). Неговиот профил на Фејсбук вели дека тој студирал филозофија и книжевност.
За да не дојде до забуна, да нагласиме дека тоа што тој е наведен во енциклопедијата на МАНУ не значи дека е академик, а постои и професор по електротехника со исто име и презиме, како и историчар со исто презиме, но нивната дејност не е предмет на оваа анализа.
За разлика од нив, тој изнесува тврдења, кои не се научно прифатени, што, логично, ги прави псевдонаучни. На пример, Поповски тврди дека македонскиот јазик е стар 500.000 години и дека доказ за тоа е натпис врз некаква школка најдена во Индонезија.
Тоа не е прифатено од научните авторитети како оние од Оксфорд и Кембриџ, па дури ни од универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, па колку и да се воздржуваме од осудувачки квалификации, ние немаме друг избор, освен тоа да го наречеме псевдонаука и псевдоисторија.
Според Поповски Русите потекнуваат од античките Македонци
Поповски е популарен среде следбениците на т.н. антиквизација или древномакедонизам, добар дел од кои се и симпатизери на Владимир Путин, а пример за тоа е Тодор Петров и неговото граѓанско здружение „Светски македонски конгрес“, во чија работа Поповски учествува.
Тука има и штетно странско влијание, чија цел е да поттикне симпатии за Путин, преку тврдењето дека античките Македонци, тука претставени како предци на современите Македонци, се некако поврзани со Русите, иако тоа не е научно докажано. Некои допирни точки меѓу современите Македонци и Русите секако дека има, а една од нив е словенскиот јазик, но Поповски се обидува тука да го вклопи и својот древномакедонизам (извори: тука, тука и тука), па вели:
Почитувани, во Московската народна библиотека се чува Летопис од VII век чиј автор е Јеремија Русо. Во тој документарен научен труд, Јеремија го запишал следното:
“… Ние, Русите и Московитите, сме потомци на древните антички Македонци. Ние, денес, го зборуваме јазикот на кој зборуваат античките Македонци на Македонскиот полуостров, кои освен со други земји, 307 години владееле и со Египет…”
Изнесеното тврдење е неточно. Во 7 век рускиот народ сè уште не постоел, ниту Москва, ниту некакви Московити, на што подетално ќе се осврнеме подоцна, а немало ни словенска писменост, која во 9 век ја развиле Св. Кирил и Методиј и Св. Климент Охридски и на која ѝ требало уште век-два да се рашири низ Источна Европа, па тој руски летопис не можел да биде напишан во 7 век. Тој, наводно, датира од 1227 г., а неговиот автор Јеремија Русо (познат и како Џеремија Русо, Јеремија Рус и Јеремеј Рускиј) не е никаков научен авторитет. Тој е крајно опскурен и речиси нема биографија, а не знаеме ни дали навистина бил Русин, туку само дека бил монах.
Тој летопис го нема никаде и нема доказ дека „се чува во Московската народна библиотека“, а ни институција со таков назив не постои. Низ Москва порано имало библиотеки наречени народни (секому достапни и бесплатни), но ни една од нив не носела официјален назив „Московска народна библиотека“. И, тешко дека еден стар и редок ракопис би се чувал во народна читална.
За тој летопис и за неговиот автор Русо дознаваме дека постоеле само од дубровничкиот автор Мавро Орбини, кој живеел речиси четири векови по Русо. Со оглед дека Орбини го цитирал Русо и слични немеродавни извори, тој и самиот е сметан за немеродавен. Орбини цитирал сè што ќе му паднело под рака, па во списокот било и псевдоисториското дело „Грамотата на Александар Македонски до Словените“, а науката не регистрирала комуникација меѓу нив.
За сериозна наука во мрачниот Среден век не можело баш да стане збор, а за историјата се пишувало со многу митологизирање и романтизирање, па тоа треба да се земе со претпазливост.
Поповски тврди дека „научниот придонес“ на Русо бил признат и од Петар Велики, но тоа не е баш така. Петар Велики се запознал со делото на Русо само посредно, кога рускиот дипломат од српско потекло Сава Владиславиќ-Рагузински му ја претставил книгата од дубровчанецот Орбини, во која Русо е цитиран, што придонело во 1722 г. таа да биде преведена и објавена во Русија. Значи, Орбини тогаш се популаризирал во Русија, а не Русо, кој во случајов имал некаква споредна улога.
Земајќи го предвид тоа што Орбини е сметан за немеродавен извор, не би чудело дури ни ако тој го измислил Русо колку и тоа да звучи чудно. Но, дури и Русо да постоел и дури и Петар Велики високо да го оценил, таа оценка е небитна, затоа што Петар Велики бил цар, а не научен авторитет.
Други тврдења на Поповски за македонско-руските врски
Покрај тврдењето за „рускиот летопис од 7 век“, Поповски пласирал и други подеднакво неосновани тврдења на тема на македонско-руските врски, цитираме:
И не случајно, во Патријаршиската црква “Света Софија“ во Охрид, во 955. година од Охридскиот Архиепископ Тимотеј покрстена и крунисана била Руската кнегиња Олга, а во 987. година од Охридскиот Патријарх Николај покрстен бил нејзиниот внук Рускиот кнез Владимир, кој за да го зацврсти братството со Македонското Царство на Цар Самуил се оженил со неговата внука Македонката Марија од Охрид со која ги имале децата Борис и Глеб, првите Руски светители, патрони на Руската Армија!
Руската кнегиња Олга е првата покрстена христијанка во Русија, како што е Лидија Македонката од Филипи првата покрстена христијанка во Европа, во Македонија! А, рускиот кнез Владимир го воведе христијанството како државна религија во Руската Империја!
Во малку поинаква форма, овие тврдења Поповски ги има изнесено на сајтот Македонска нација, при што се повикувал на рускиот историчар Михаил Присјолков, но иако во едно негово дело за црковно-политичката историја тој раскажува за силното влијание на Охрид врз Источните Словени, ние таму не најдовме податок дека кнегињата Олга била крстена во охридската црква Св. Софија, а дури и тоа некаде да се споменува, тоа не е докажано и општоприфатено.
Споменатото дело на Присјолков, но и многу други, наведуваат дека Олга била крстена во Цариград, најверојатно од страна на патријархот Полиевкт. Тоа можеби било сторено во тамошната Св. Софија (Аја Софија), што можеби создало збрка со истоимениот охридски храм.
Што е за право, историјата не е егзактна наука, па за едни исти историски личности или настани може да има различни верзии, но мораме да се водиме по она што е прифатливо за науката и што е доминантно во неа, а она што го пласира Поповски е маргинално.
Владимир Велики, според најраширената верзија во науката, бил крстен во Херсонес Тавриски на Крим од византиски свештеници, како предуслов за бракот со Ана Порфирогенита, сестра на византискиот цар Василиј II Бугароубиец, кој ги поразил, заробил и ослепил војниците на Самуил. Бракот на Владимир со византиска принцеза никако не го „зацврстил братството“ меѓу него и Самуил. Додуша, Владимир сменил неколку сопруги низ животот и тоа од разно потекло, но, сепак, нема индиции за некаква „Марија од Охрид, која му била внука на Самуил“, што нема ни логика.
Поповски манипулира и со средновековната држава Киевска Рус (рус. Киевская Русь), која ја изедначува со Русија (рус. Россия), но Русија нема ексклузивно право над таа историја, кое го имаат сите Источни Словени. Тоа наследство го има и кај Белорусија (Беларусь) и Русините, а особено кај Украинците, кои исто биле нарекувани така, или, пак, Русичи, Рутени и сл. Токму кај нив, во Киев, процутела Киевска Рус во 9-10 век, кога Москва сè уште не постоела.
За нашите читатели да нè сфатат полесно, како пример ќе наведеме дека врска со Старите Словени имаат и Словачка и Словенија и Славонија, па не може само една од нив да има право над таа историја, како што Русија сега сака да има над историјата на Киевска Рус.
И, Рус прво бил назив за шведските викинзи на војсководецот Рурик, кои биле основачи на таа држава во 9 век и нејзина владејачка класа, па денешна Русија не може да има монопол над тоа.
Меѓу Киевска Рус и денешна Русија има некоја врска, но не директна и меѓу нив нема континуитет. Денешна Русија настанала како Московско кнежевство, подоцна царство, Московија. Првото споменување на Москва е наводно од 1147 г., кнежевството било формирано во 1263 г., а царството се засилило во 15-16 век.
Во 7 век немало никаква Москва и никакви Московити за кои говори Поповски, но тој инсистира дека тие постоеле уште од праисторијата и дека најпрвин се појавиле на нашите простори, за подоцна да мигрираат кон она што е денес Москва, но, интересно, и кон Хондурас, цитираме:
ushte vo neolitot (30.000-10.000 g. p.n.e.) zhiteli od ovie kraishta se iselile vo Honduras (Amerika), kade oblasta shto ja naselile ja narekle “MOSKOVIJA”, so glaven grad narechen BEL GRAD.
Никакви Московјани и Македонци не постоеле во неолитот (ново камено време) и нема никакви докази за нивна миграција кон Америка во предколумбовската ера, а такво население не забележале Шпанците кога го освојувале она што го нарекле Хондурас во 16 век. Во Хондурас нема област Московија, но има Москитија, според индијанското племе Мискито, па не знаеме дали Поповски мислел на неа, но таа нема врска ни со Москва, ни со Македонците, кои секако не ја основале Москва.
Некритичко ширење на псевдоисторија и „расипан телефон“
Многу корисници на Фејсбук некритички ги шират тврдењата на Поповски (неодамнешни примери: тука, тука, тука и тука), но при тоа преземање и ширење, податокот за неговото авторство може да се загуби, па неговите тврдења им се припишуваат на други лица, што може да создаде збрка.
Така, на пример, тврдењата на Поповски ги пренел сајтот Инфомакс, но погрешно ѝ ги припишал на извесната Татјана (Тања) Нанкова, а таа самата – на Снежана Зивчевска-Сталперс, но не знаеме од каде таа ги презела.
Дополнителен проблем е тоа што Нанкова не е историчар, туку наставник по македонски јазик во основно училиште, па не е јасно зошто е цитирана небаре е експерт по историја, а не е јасно ни зошто Нанкова ја цитирала Зивчевска-Сталперс, која исто така не е историчар, туку ај-ти менаџер. Тоа е доказ за споменатото отсуство на критичност.
Други, пак, при тоа преземање и ширење си додаваат и понешто свое, па на крај не знаеме со стопроцентна сигурност што потекнува од Поповски, а што му е додадено. Но, и без тие додатоци, неговите тврдења се секако псевдонаучни, што веќе го аргументиравме со тврдења кои тој лично ги објавил. Пример за такви додатоци гледаме во споменатиот напис, кои кон сторијата на Поповски за летописот на Русо додале:
Во него Русо посочува дека Русите се потомци на античките Македонци и браќа со Македонското царство на царот Самоил.
Во него најпрвин се говори за летопис од 7 век, а тука го доведуваат во врска со царот Самуил, кој тогаш не бил ни роден и кој владеел во 10-11 век. Една објава на Фејсбук, пак, го споделува тој напис, кон што додава:
Тоа го кажа и рускиот претседател Путин цитат : ,,ние русите сме првин македонци па потоа сме руси”.
Изнесеното не е поткрепено со никаков извор, а таква изјава Путин никогаш не дал.
******
За жал, многу наши сограѓани се неинформирани. Тие некритички преземаат и шират сè што ќе им падне под рака, на што дури си додаваат и свои измислици, па ако е така сега, во 21 век, можете да си замислите како тоа било во времето на Орбини во 16-17 век. Тој не е авторитативен научен извор, а уште помалку Русо, кој можеби дури и не постоел.
Воедно, ваквата атмосфера е идеална за ширење на политички манипулации, дезинформации и штетни странски влијанија од секаков вид, што е исто така поразително.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар