Тврдењето дека Калашите се потомци на Александар Велики е легенда
Тврдењето дека Калашкиот народ во северозападен Пакистан е потомок на војници од армијата на Александар Велики, кои наводно останале во регионот за време на неговите походи во 4 век п.н.е. е легенда и усна традиција без научна потврда.
Тврдењето дека Калашкиот народ во северозападен Пакистан е потомок на војници од армијата на Александар Велики, кои наводно останале во регионот за време на неговите походи во 4 век п.н.е. е легенда и усна традиција без научна потврда
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Калаши – дел од македонски народ – потомци на Александар Македонски! Повеќе од 22 века, сè до денес го зачувале својот стар архаичен начин на живот, култура и традиција. Калаши народ се мала (околу 3.000–6.000 луѓе) изолирана етничка група, најмала верска заедница која живее во денешената северозападна погранична провинција на Пакистан во регионот Хинду Куш. Калашите ја населуваат Долината Калаш. Она што ја прави оваа етничка група уникатна, единствена и несвојствена за целиот овој поширок регион е пред сè физичкиот изглед на Калашите (посветлиот тен на кожата, светлите, плави очи и светлата плава коса), старите пагански верувања, ритуали и богови, јазикот наречен Khalasha (форма на индоевропски јазик, различен од оние кои се говорат во околината), богатата култура и традиција, еповите, љубовните песни и идиомите кои демонстрираат во голема мера автентична мудрост и човечко искуство. Но најинтересно од се е нивното тврдење дека се директни потомци од војската на Александар Македонски (тие го викаат Александар Маќедон, Маќедониа) кој во својот освојувачки поход кон Индија, 327 п.н.е., поминал и на оваа теритротија (според Плутарх и Аријан, Македонската војска стиганла до „Ниса“, денешен Кафиристан — територијата на Калшите) и на стратешките места основал населби и војнички стражарници (пунктови). Според старата легендата која се раскажувала меѓу Калашите со генерации наназад, Александар Македонски оставил дел од своите трупи во појасот на денешната долина Калаш со аманет да ја чуваат територијата до неговото повторно враќање од походот кон исток (битките во Индија) притоа да не ја менуваат својата култура, традиција и верувања. Калашите според многу денешни етнолози и историчари токму тоа и го сториле. Според тамошните преданија, народот влече корени од генералот Шалак Шах од Циама, на кого на управување му е дадена областа во којашто денес живеат Калашите. Долината Читрал, освен на Калашите дом е и на жителите од исламска вероисповед. Тамошните муслиманки најчесто носат хиџаб, додека жените на Калашите се издвојуваат со својата колоритна народна носија. Жените на народот Калаш во Пакистан, од раѓањето па сè до староста сите свои активности ги извршуваат облечени во рачно изработена традиционална облека со разни бои и дезени. Освен со носиите, жените се украсуваат и со водени бои, перја на птици, каменчиња и бисери. Колоритниот сплет на бои на облеката на жените е внимателно одбран, со украсени рабови на ракавите и ногавиците, со извезени цветови, со женски капи, марами, со исцртани раце и лице, додека косата на речиси сите жени Калаши се сплетени во плетенки. Негувајќи ги своите обичаи, Калашите и денес живеат во куќи од камен, своите тела, облека и садови ги мијат на изворите и во коритата на реките. Познати се собирите и дружењата на тамошните жени, на кои се подготвуваат разни јадења од пченка, пченица, ореви, кајсии и дудинки. Долината којашто ја населуваат Калашите е вистински рај за туристите поради тиркизните реки и планинските масиви покриени со снег.
Тврдењето дека калашкиот народ во северозападен Пакистан е потомок на војници од армијата на Александар Велики, кои наводно останале во регионот за време на неговите походи во 4 век п.н.е. е легенда и усна традиција без научна потврда.
Иако оваа приказна често се спомнува во фолклорот и патописите, сепак, современите историски и генетски истражувања не ја поддржуваат идејата дека Калашите се директни потомци на Александар Велики или на неговите македонски/грчки војници.
Научни студии, вклучувајќи истражувања од Wellcome Trust Sanger Institute, покажуваат дека нема јасна генетска поврзаност меѓу Калашите и античките грчки или македонски популации. Анализите на ДНК (Y-хромозом, автозомни маркери итн.) укажуваат дека Калашите се генетски изолирана и уникатна популација, со длабоки корени во Јужна и Централна Азија, но без карактеристични маркери за грчко или македонско потекло.
Карактеристики како посветла кожа, сини или зелени очи, и нивната политеистичка религија често се наведуваат како „грчки“ елементи, но тие не се сигурен доказ за потекло од античките Македонци или Грци. Јазикот на Калашите припаѓа на индоариската јазична група и нема лингвистичка врска со грчкиот јазик ниту со македонскиот јазик.
Некои извори наведуваат меѓу 4.100 и 4.200 преостанати припадници на Калашите денес, а други оперираат со бројка до 5 илјади.
Некои истражувања укажуваат дека тие можеби покажуваат генетска сродност со древни евроазиски популации (на пример, палеолитски сибирски ловци-собирачи), што датира илјадници години пред времето на Александар Велики.
Калашите поседуваат единствена генетска структура, различна од соседните азиски, европски и африкански популации. Y-хромозомските анализи покажаа антички асоцијации со евроазиско-индо-ирански метапопулации. Имено, Калашите покажале минимална генетска мешавина со околните јужноазиски популации, што укажува на долгогодишна генетска изолација. Оваа изолација е дополнително поткрепена со присуството на специфични Y-ДНК хаплогрупи, како што се G2a2, J2b2a и R1a-Z93, кои се поврзани со неолитски и индо-ирански лози, пишува Археолоџист.
Во објавата вистинито е дека Калашите го имаат задржано стариот архаичен начин на живот, култура и традиција, дека веруваат во богови и практикуваат ритуали, како и нивните физички карактеристики наведени во објавата (посветлиот тен на кожата, светлите, сини очи и светлата руса коса), богатата култура и традиција, еповите, љубовните песни и идиомите кои во голема мера демонстрираат автентична мудрост и човечко искуство.
Историските извори (Ариан, Курцијус, Дизодор) не споменуваат дека Александар Велики навлегол во изолираните калашки долини (Бумбурет, Румбур, Бирир). Тие долини се многу оддалечени и сред планински предел, па е малку веројатно дека армијата на Александар влегла во нив, особено поради тежината на теренот и малубројноста на калашките заедници.
Во објавата има легенда која се раскажувала меѓу Калашите со генерации наназад, а според која „Александар Македонски оставил дел од своите трупи во појасот на денешната долина Калаш со аманет да ја чуваат територијата до неговото повторно враќање од походот кон исток (битките во Индија), притоа да не ја менуваат својата култура, традиција и верувања“.
Но, легендата е дел од калашката усна традиција, но не е поддржана со историски извори. Тоа е пример за тоа како народните преданија често создаваат митови околу историски личности за да објаснат културни и генетски особености.
Според некои преданија, Калашите влечат корени од генералот Шалак Шах од Циама, кој имал задача да ја управува областа каде денес живеат Калашите, но ова потекло не е потврдено со историски или археолошки извори, и се смета за дел од калашките усни преданија и митови за нивното потекло.
Точно е дека долината Читрал е дом на Калашите и на жители од исламска вероисповед, како и описите за нивните носии, начинот на кој изгледаат жените и нивната коса. Таа е пример за културна и верска мозаичност. Облеката и традицијата на Калашите ја истакнува нивната уникатна култура, додека муслиманските заедници ја претставуваат доминантната религиозна традиција во регионот. Точни во објавата се и описите на куќите од камен во кои живеат Калашите, начинот на кој се подготвува храната, дружењата како и тоа дека долината каде тие живеат е посетувана од туристи.
Но, поради сите горенаведени факти објавата ја оценуваме како делумна невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар