Тврдењето на СДСМ дека премиерот Мицкоски најавил над 100.000 странски работници е невистинито
Опозициската партија во соопштението по повод одговорите на премиерот Мицкоски на новинарски прашања околу тоа колку странски работници ќе ѝ бидат потребни на македонската економија во услови на проектираниот економски развој и демографските трендови, изнесува невистина. Наводите во партиското соопштение на СДСМ оперираат со бројки на странски работници кои Мицкоски не ги изговорил.
Опозициската партија во соопштението по повод одговорите на премиерот Мицкоски на новинарски прашања околу тоа колку странски работници ќе ѝ бидат потребни на македонската економија во услови на проектираниот економски развој и демографските трендови, изнесува невистина. Наводите во партиското соопштение на СДСМ оперираат со бројки на странски работници кои Мицкоски не ги изговорил
Опозициската СДСМ во партиското соопштение по повод изјавата на премиерот Христијан Мицкоски околу бројот на странски работници кои во иднина ќе ѝ бидат потребни на домашната економија тврди дека Мицкоски наводно ја дуплирал бројката што ја изнесе вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николовски, и таа изнесува над 100.000 работници:
Николовски вели 50.000 економски работници, арамијата ја дуплира бројката на 100.000, колку договориле?
Во интервју за „360 степени“ чиракот на Мицкоски, Александар Николовски рече дека е добро што се зголемила квотата за увоз на „економски работници„ и најави дека треба да стигнеме до 50.000 странски работници годишно.
Оваа најава за мигранти, односно економски работници арамијата Мицкоски ја дуплираше на над 100.000.
Особено што Мицкоски рече дека „ако младите продолжат да си заминуваат, нивното место ќе го заземат луѓе од трети земји“.
Мицкоскии и Николовски нека им кажат на граѓаните колку увоз на мигранти односно „странски работници“ договориле.
[Извор: СДСМ – Соопштение – Датум: 20.10.2026]
Образложение:
Опозициската партија во соопштението по повод одговорите на премиерот Мицкоски на новинарски прашања околу тоа колку странски работници ќе ѝ бидат потребни на македонската економија во услови на проектираниот економски развој и демографските трендови, оперира со бројки кои Мицкоски не ги изговорил. Односно, наводите во партиското соопштение на СДСМ дека „најава за мигранти, односно економски работници арамијата Мицкоски ја дуплираше на над 100.000“ се невистинити.
На промоцијата на 100-те нови амбулантни возила, Мицкоски беше запрашан од новинарите за коментар на изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. Имено, според Николоски, до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега, па дали тоа значи дека за 4 години отсега во Македонија ќе има 200.000 странски работници?
Според премиерот Мицкоски, доколку државата не успее да поттикне демографски раст, економијата ќе има потреба од сè поголем број на странски работници, бидејќи тоа се клучните предизвици за македонската економија во наредните години.
Јас кога зборував пред година и пол, две, за семејни вредности, за фертилитет, тогаш ме направија дека сум заостанат, дека сум ретрограден, дека не знам што зборувам и што сè не изнапрочитав за себе, но, за жал, тој предизвик останува и понатаму. И тоа што го укажуваше потпретседателот на Влада и министер за транспорт можеби е и потценета вредност, можеби ќе ни требаат многу повеќе за да ја задржиме економската активност, рече Мицкоски.
Тој посочи дека во Западна Европа, за да се одржи нивото на економија и да има благ пораст на номиналниот бруто-домашен производ, потребно е секоја година да се даваат стотици илјади работни дозволи за мигранти.
Така што, колку и да сакаат да ме исмејуваат, јас ќе останам на оние семејни политики, на многудетни семејства и на политиките што значат иднина за Македонија како држава и нови работни места за македонскиот работник и поконкурентна македонска економија, која ќе расте, потенцираше Мицкоски.
Овие проекции на премиерот не се содржани во соопштенијата и обраќањата на Владата, но редица релевантни медиуми (овде, овде, овде и овде) ги пренесоа неговите одговори на новинарско прашање. Како што може да се види, Мицкоски вели дека „можеби ќе ни требаат многу повеќе (од проекцијата на Николоски за 50.000 странски работници) за да ја задржиме економската активност“, но никаде не ја дуплира таа бројка, како што се тврди во соопштението на СДСМ. Точно е дека Мицкоски вели „многу повеќе“ (од 50.000), но ниту еден медиумски извештај не ја пласира бројката од 100.000 странски работници. Затоа наводите од соопштението на СДСМ дека „Мицкоски ја дуплираше бројката на 100.000“, а потоа и „на над 100.000“ се невистина.
Инаку, во изјавата на Мицкоски се повторуваат неговите политики за многудетни семејства. Формирањето многудетно семејство, според премиерот, е „највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката припадност, на верската припадност“.
И, секако демографскиот аспект во социјално-економските политики и проекции на премиерот и на актуелната Влада што ја предводи – заедно со бројот на странски работници што ќе ѝ бидат потребни на македонската економија – можат да се дискутираат и да бидат мета на критиките на опозициските партии. Но, во овој случај, опозициската СДСМ со партиското соопштение изнесува невистина околу бројот на странски работници што наводно го посочил Мицкоски.
Извори:
- (20.10.2026) СДСМ/Соопштенија Николовски вели 50.000 економски работници, арамијата ја дуплира бројката на 100.000, колку договориле? – [Проверено на 21.10.2026]
- (20.10.2026) Слободен печат Сега во Македонија има квота за 13.000 странски работници, Николоски смета дека во 2030 година треба да бидат 50.000 – [Проверено на 21.10.2026]
- (20.10.2026) Мета Раѓање повеќе деца или увоз на странски работници, според премиерот Мицкоски, се опциите за одржување на растот на македонската економија – [Проверено на 21.10.2026]
- (20.10.2026) Плусинфо ЌЕ НИ ТРЕБААТ И НАД 50.000 СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ ГОДИШНО ЗА ДА СЕ ЗАДРЖИ ЕКОНОМСКИОТ РАСТ Без многудетни семејства македонската економија ќе биде прва на удар – [Проверено на 21.10.2026]
Оцени: Стојан Синадинов
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар