Тврдењето на Трамп дека мигрантите јаделе мачки дебанкирано, Харис не бара забрана на црвеното месо

Фото: Принтскрин видео

Не е точно дека Камала Харис има официјална кампања и доктрина  да се забрани црвеното месо, а да се јадат црви, инсекти и мачки. 

Не е точно дека Камала Харис има официјална кампања и доктрина да се забрани црвеното месо, да се јадат црви, инсекти и мачки. Харис јавно изјавува дека ужива во чизбургерите, но и дека охрабрува промени во исхраната, правејќи јасна разлика во контекстот дека е попрво за охрабрувања отколку за забрани

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ЗДРАВА ХРАНА. Гледав еден документарец за здрав живот. Дискутираат калифорниски лекари и нутриционисти. Официјално подржан од американското (САД) министетство за здравство. Најштетно било свинското месо, холестерол, масни киселини, тениии. Многу штетно било и говедското, само што тоа интегрално било дури и поштетно за човештвото, оти кравите прделе и прават глобално затоплување. Живината била со антибиотици, хормони и ензими…Отров жив била! Најдобро било да се јадат црви и инсекти. А тие што ептен не можат без месо, да јаделе мачки. Многу биле здрави, без масти и холестетол, како дивеч…А и ефтини биле, сами се размножувале?P.S. Прво мислев дека е некоја зафрканција, дека некој забегани го правеле филмот и студијата…Вчера разбрав дека тоа е официјална политика и доктрина на Камала?!
Потоа се споделува фотографија, односно меме од претседателската кандидатка Камала Харис на која таа е претставена како асоцијација на Марија Антоанета и под неа пишува „Нека јадат мачки“.
Првиот дел од објавата се однесува на лично доживување на неименуван документарен филм и исхраната. Во ова поле на исхраната има различни толкувања и различни документарци и размисли која храна е штетна, а која не е. Овој дел од објавата не е предмет на рецензија, бидејќи се споделува лично мислење за неименуван документарец. Но, во вториот дел од објавата каде се вели дека официјалната политика и доктрина на Камала Харис претседателска кандидатка на САД е да се јадат мачки, не е вистина.
Имено, станува збор за толкување, сосема извадено од контекст, на неодамнешната дебата меѓу двајцата кандидати за претседател на САД, Камала Харис и Доналд Трамп. Во еден дел од дебатата, Трамп кажа дека во Спрингфилд, Охајо, доселениците (мигрантите) јадат мачки. На тоа неговата противкандидатка Харис се изнасмеа, а водителот на дебатата истакна дека контактирале со градоначалникот и раководството на градот Спрингфилд и добиле информација дека нема никакви кредибилни извештаи од таква природа, односно дека нема такви пријави. Целото видео од тој сегмент од дебатата може да го видите овде, заедно со реакцијата на Камала Харис, односно нејзиното смеење на изјавата на Трамп. Потоа изјавата на Трамп во која тој вели дека мигрантите ги јадат домашните миленици во Спрингфилд стана тема за креирање бројни мемиња и шеги.
Но имаше и сериозни анализи на темата. Гардијан пишува дека Трамп невистинито се изјаснил за мигрантите од Хаити во телевизиска дебата, дека ги јаделе кучињата и мачките.
Тврдењата на Трамп за мигрантите најверојатно потекнуваат од вирално видео на жител на Спрингфилд Охајо, кој претходно тврдел дека имигрантите во општината убиле патки во локалниот парк за да се прехранат. Потпалувачко видео непоткрепено со факти оттогаш се шири на десничарски профили, што доведе до вирално меме од Трамп, кој е опкружен со мачки и кучиња што ги заштитува, пишува Гардијан.

Инаку, имаше инцидент во кој една жена беше обвинета и притворена за убиство и јадење на мачка во Охајо, но не во Спрингфилд, и не стануваше збор за имигрантка, туку за жена родена во Америка.
Во градот Спрингфилд, седиште на округот Кларк во Охајо, живеат меѓу 12 илјади и 15 илјади имигранти. Тие престојуваат таму легално, како дел од програма која дозволува државјанин или човек што има зелена карта на САД да ги донесе своите роднини во САД.
Како што пишува Си Ен Ен, Трамп, исто така, тврдел дека Камала Харис сака да воведе закони со кои ќе се исфрли црвеното месо за да се сопрат климатските промени.
Ова не е вистина. Харис никогаш нема изразено поддршка за закони кои што го прават црвеното месо незаконско. Во 2019 година, кога беше во трката на изборите на Демократската партија, таа изрази поддршка за промена на насоките за исхрана за да се направи обид да се охрабрат Американците да ја намалат својата конзумација на црвено месо, но. таа. исто така. рече: Обожувам чизбургери од време на време и дека таа сака да го користи образованието за да се охрабри здрава исхрана.
Откако се спомнале газираните пијалаци и шеќерот, Харис додала:
Балансот што треба да го постигнеме е за тоа што може владата да направи за да охрабри одредени однесувања, а да забрани други.
Фразата „да забрани други” ја отвори вратата за тврдења дека таа сака да го забрани црвеното месо. Но, таа понатаму во своите коментари додаде дека ужива во чизбургерите и дека охрабрува промени во однесувањето, правејќи јасна разлика во контекстот дека е попрво за охрабрувања отколку за забрани.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Не е точно дека Камала Харис има официјална кампања и доктрина  да се забрани црвеното месо, да се јадат црви, инсекти и мачки.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција